Министре ве прашувам како лидер на ЛДП, каде е сега партијата, цврсто во власта или со една нога надвор?
Ова прашање го разбирам бидејќи јавноста не го разбира начинот на кој функционираме, односно критичкиот однос на ЛДП кон некои проблеми во државата се сфаќа дека има незадоволство и ЛДП треба да ја напушти власта, а, пак, они што се во опозиција велат премногу сте молчаливи, премногу преќутувате, аминувате, треба да бидете погласни, така што кога ве критикуваат и едните и другите тоа е добро, значи ние сме го трасирале тој трет пат. Заедно со ДОМ сме во коалиција и имаме намера да ја продолжиме таа коалиција, практично во овој момент спремаме проекти, платформа со која ќе настапиме пред новиот мандатар. Доколку се прифатат нашите предлози и идеи нема никаков проблем да ја продолжиме соработката и со новиот мандатар и со новиот лидер на СДСМ.
Тоа значи дека со новиот мандатар вие ќе имате и нови барања на некој начин?
Не се нови барања, дел се афирмирање на оние заложби кои останале нереализирани, дел се наши проекти коишто сметаме дека е неопходно да се направат во државата со цел да го подобриме економскиот развој. На пример: оваа година јас упорно барам да се направи нова жичарница на Пелистер, нов ски-центар, меѓутоа имам блокада од некои директори или де факто од системот, таков начин мислиме дека во иднина не е прифатлив да се функционира.
Видете и ова: Партиски конгреси- Заев заминува, Мицкоски ќе се освежи со нов мандатДа се вратиме на актуелниот премиер и договорот што тој го направи со лидерот на Алтернатива Африм Гаши. Задоволни сте од тој договор и од поделбата на ресорите во владината коалиција?
Видете, тој договор е практично направен со одредена уцена, бидејќи власта остана без мнозинство во Собранието и на располагање беа или нови избори веднаш, при разнишан рејтинг на сите владејачки партии, или да направиме некој компромис, коалиција со други партии за да се зголеми парламентарното мнозинство. Алтернатива го искористи со тоа и направи договор со кој зеде места коишто не кореспондираат со нивната сила на терен, меѓу гласачите. Ние конкретно имавме забелешка кон Законот за рамномерен регионален развој, бидејќи се бара нов закон, меѓутоа гледам деновиве дека Алтернатива ретерира и прифатливо им е моето стојалиште дека се спремни да пристапат кон измени и дополнувања на тој закон за да се подобри, а нема да бараат, се откажаа од барањето за изработка на нов закон, како што стоеше во договорот.
Дали лично сметате дека треба да се укине тој принцип директори на јавните претпријатија да се именуваат со политички договор на маса, наместо да се бираат на јавен конкурс?
Сите овие се бирани на јавен конкурс, меѓутоа на крајот на денот доаѓаме до решенијата коишто ги предложиле политичките парии. Кај дел од институциите сметам дека треба да се оттргне тоа политичко влијание. Ние како партија, на пример, сметаме дека директорите на училиштата треба да ги бираат самите вработени како што било во минатото. Директорите на здравствените установи треба да ги бираат вработените во тие институции, затоа што тие најдобро знаат како нивната институција да се развива. Исто така и во други области. Меѓутоа, кај некои институции, каде што треба да преземете политичка одговорност, како што е електроенергетскиот систем на државата, Фондот за ПИОМ, Фондот за здравство, таму креирате политики, владини политики, и мислам дека таму е во ред да дојдат партиски, но треба да има критериум кој сè може да биде директор на одредена позиција, да има одредено искуство, стручност, познавање на областа...
Дали разговаравте и дали разговарате за формирање на ново владини мнозинство со ВМРО-ДПМНЕ? Нивниот лидер Христијан Мицкоски деновиве одговарајќи на новинарско прашање, прашан и за незадоволството на ЛДП, вели – разговараме со сите незадоволни оттаму.
Ако ние излеземе од оваа Влада, тоа ќе значи нови избори, одење на избори, а не креирање на ново парламентарно мнозинство, бидејќи за ново парламентарно мнозинство, како ЛДП сметаме дека за тоа треба да добиеме мандат од граѓаните, а не врз основа на политички интриги во рамките на Парламентот, така што во таа насока јас ве уверувам дека ако ние излеземе од Владата тогаш неминовно ќе биде одржување на нови предвремени парламентарни избори.
Целото интервју со лидерот на ЛДП, Горан Милевски можете да го погледнето во видео снимката на почетокот на текстот.