Место да зголемат плати, кукаат дека странци ќе им ги земат работниците

Илустрација

Бизнисмените се исплашија од новата канадска инвестиција во Штип. Се жалат дека ќе им ги преземе работниците и оти властите треба да спречат ваква конкуренција на пазарот на труд. Место да се жалите, пробајте со поголеми плати, може нема ви бегаат, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

Немојте случајно да сте помислиле да ги зголемите платите. Подобро лобирајте властите да забранат отворање нови фабрики за да не ви бегаат работниците, иронично коментираат граѓаните на социјалните мрежи по вознемиреноста на штипските бизнисмени дека работниците може да им избегаат во најавената канадска инвестиција.

Премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Дирекцијата за Технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ) Јован Деспотовски најавија дека во Штип ќе се гради нова фабрика на Канадската компанија „Магна мехатроникс“, која произведува автомобилски системи, модули и елементи. Според најавите, фабриката во старт ќе вработи 600 луѓе, а во наредните години тој број ќе се зголемува.

Штипската ТВ Стар пред неколку дена објави дека бизнисмените се вознемириле од најавената инвестиција.

„Потребно е државата да се подзамисли за нас домашните бизнисмени и со соодветни мерки да ја спречи оваа таканаречена конкуренција за работната сила, со цел и ние да не бидеме на некој начин оштетени со кусок на толку потребната работна сила“, изјавил загрижен бизнисмен за ТВ Стар.

Оваа изјава наиде на жестоки реакции на социјалните мрежи. Луѓето заминаа на печалба во Германија поради ниските плати, но газдите плачат од конкуренција. Можеби ќе треба да купувате скапи џипови преку една година, наместо секоја, коментираат граѓаните.

Претставникот на домашните текстилни фабрики Кирил Нешков за СДК изјавил дека во Бирото за вработување нема невработени за работа во конфекциите и сличните фабрики.

„Новите фабрики, за да ги пополнат работните места, ќе треба да црпат работници од веќе постојните на овие простори или евентуално државата да почне да увезува работници, но за тоа се неопходни одредени законски услови“, вели тој.

Ако почнете да давате нормални плати, наместо 300 евра, можеби и ќе се најдат работници, коментираат граѓаните. Според податоците на Агенцијата за вработување, во Штип има скоро 2800 невработени, а во соседните Кочани, Пробиштип и Свети Николе, кои се на половина час возење до Штип, уште над 4000 невработени.

Работодавачите се жалат дека странските инвестиции се нелојална конкуренција, зашто добиваат поволности од државата.

Други, пак, прашуваат колку лоши работни услови треба да нудиш за кај тебе да работат само оние кои немаат друг избор.

Бизнисмените се жалат на недостиг на работна сила и бараат владата да дозволи увоз на работници од странство. Велат дека од Бангладеш и од Филипини ќе дојдат работници за 100 долари плата. И тие ќе ви избегаат, коментираат на социјалните мрежи.

Други, пак, велат прво вратете ги од странство тие што ги избркавте токму со тие плати од 100 долари. Пописот покажа дека во изминатите две децении Македонија ја напуштиле над 200 илјади работоспособни луѓе.

Трети, пак, потсетуваат на времињата на транзицијата. Кога имаше една фабрика, а 1000 луѓе бараа работа, тогаш даваа по 100 марки плата и ги објаснуваа принципите на понудата и побарувачката, кои ја диктираат цената на работната сила. Ако не сакаш ти, има кој сака. Кога работите почнуваат да се менуваат, почнуваат да кубат коси против конкуренцијата, која толку многу ја фалеа додека им одеше во прилог.

Некои, пак, коментираат дека локални моќници и досега лобирале против отворање нови фирми за тие да останат единствените на кои треба да им се „бакне рака“.

Дел од граѓаните, пак, велат дека критиките кон бизнисмените се неосновани.

Невработеноста во Македонија со години опаѓа и во третиот квартал од 2022 година беше 14,3 отсто, покажува официјалната статистика. Според Агенцијата за вработување, во земјава има над 113 илјади активни невработени и уште други 46 илјади луѓе кои бараат работа.