Мемети: Рекордни над 200 поплаки за детските права

Годинава се уште не е завршена, а веќе имаме примено рекорден број поплаки за детските права, за разлика од другите години во кои сме имале помалку, од 150 до 160. Во оваа година досега имаме над 200, а најголемиот дел од поплаките се во сферата на образованието.

Ова денеска го истакна народниот правобранител Иџет Мемети, одговарајќи на новинарско прашање по повод Светскиот ден на правата на децата. Тој додаде дека поплаки има и во сферата на здравството, во семејните односи, видувањата на родителите, како и за врсничкото насилство во училиштата. Оваа година имало доста поплаки во однос на тоа дека децата не можат да го остваруваат нивното загарантирано право на образование поради тоа што не се вакцинирани.

„Подготвивме посебна информација која ја упативме до Владата и побаравме од нив за сите овие деца што останаа надвор од градинките и од училиштата, да се формира мултидисциплинарен тим и поединечно, случај по случај, да се проверуваат сите деца. Само на таков начин ние ќе покажеме дека имаме волја, водиме реална грижа и за правото за добро здравје и за здравјето на луѓето, но и за фундаменталното право за образование“, посочи Мемети.

Како институција не се согласуваат со тоа дека родителите се проблем затоа што се децата на улица и оти тие ги терале да питачат. Смета дека тоа е покомплексен проблем.

„Ние како институција не сметаме дека и родителите треба повеќе да работат со нивните деца. Но, од моментот кога тоа дете треба да е во училиште, кога родителот нема допир со него, што прават наставниците? Со тоа сакам да кажам што прави државата, системот, образованието. И во овој сегмент бараме многу повеќе да се работи. Ние, како што знаете, имаме и неевидентирани деца. Во образовниот систем сме нашле и сме воделе неколку постапки за деца кои се образуваат надвор од нашиот систем. Загрижувачки проблем“, рече Мемети.

Тој рече дека овој ден, кога се одбележува Светскиот ден на детето и три децении од усвојувањето на Конвенцијата за права на детето од страна на Генералното собрание на ОН, е можност сите ние, како семејство, установи, институции да се запрашаме дали мерките и активностите што ги преземаме за децата се доволни, дали успеваме да обезбедиме пристап до правата за сите деца онака како што налага Конвенцијата и колку реално децата ги остваруваат истите.

„Како Народен правобранител апелирам денеска, секој од нас, без разлика на која позиција е, за миг да го погледне светот низ детската призма и реално да ги види потребите на децата“, посочи Мемети.