Медицинска опрема украдена од македонски болници фатена на Косово

Косово полициски амблем

Косовската полиција спречила украдена медицинска опрема од Македонија да заврши во косовската поликлиника „Авицена КС“ во сопственост на македонскиот бизнисмен Дритон Шуки. Косовските медиуми јавија дека станува збор за опрема вредна 45 илјади евра, а бизнисменот истата наводно ја купил за 10 илјади евра.

Како украдена медицинска опрема од болниците во Македонија завршила во рацете на бизнисменот Дритон Шуки одговор треба да даде истрагата на косовската и македонската полиција. Веста за украдената опрема и осомничениот скопјанец Шуки, што ја објавија косовските медиуми незабележително помина во земјава. Тој има свој бизнис во Косово и Македонија, а поврзан е и со политичари од двете земји.

Сопственикот на поликлиниката „Авицена КС“ во Приштина, Шуки, како што објави косовската полиција на 17 ноември, бил сослушан и е осомничен дека направил кривично дело со купување на медицински апарат кој се сомничи дека е украден во Скопје.

„По одземање на апаратот и потребните полициски постапки, во координација со државниот обвинител е инициран предмет против осомничениот Д.Ш, 47 годишен маж за купување набавка, прифаќање или прикривање на предмети прибавени со сторено кривично дело“, се наведува во соопштението на косовската полиција.

Објава на полицијата на Косово за случајот

Косовските медиуми јавија дека станува збор за медицинска опрема вредна 45 илјади евра, а бизнисменот Шуки истата ја купил за 10 илјади евра. Не наведуваат за каква опрема станува збор и кои се останатите осомничени. Дел од косовските медиуми јавија дека во случајот е вклучен и Интерпол.

Од МВР велат дека имаат сознанија за случајот и од страна на полицијата во Косово биле побарани податоци и информации.

„Истрагата е сè уште во тек и на случајот се работи од страна на полициите во двете земји“, велат извори на РСЕ од МВР.

За каков апарат станува збор, нашите извори не откриваат, за да не влијаат на истрагата.

Шуки во изјава за косовскиот весник Инсајдер ја демантираше полицијата и изјави дека бил повикан како сведок, а не како осомничен.

„Некој сака да го наруши мојот имиџ“, изјави Шуки.

Косовската „Авицена КС“ не е поврзана со македонската лабораторија „Авицена“, туку само го делат истото име.

Бизнисменот Дритон Шуки од лево доделува донација на косовскиот клуб Лепенци

Поврзаност со ДУИ

Иако, бизнисменот не е многу познат во македонската јавност, познат е во круговите на ДУИ. Во декември 2019 година тој станал член на Централниот одбор на владејачката партија од албанскиот блок.

Воедно истата година тој бил и најдарежливиот донатор на партијата. Според листата на донатори кои ДУИ ја испратила на адресата на Државниот завод за ревизија, на контото на партијата Шуки уплатил околу 2 милиони денари или 32 илјади евра.

Тоа е максимално дозволена донација, бидејќи Законот за финансирање на политички партии предвидува дека физички лица може да донираат најмногу 75 просечни плати исплатени пред донацијата.

Шуки се уште редовно се среќава со функционери на владејачката ДУИ, ако се суди според неговиот профил на Фејсбук. Тој пред еден месец објавил фотографија во друштво со Висар Ганиу, градоначалникот на Чаир од редовите на ДУИ. Во февруари годинава Шуки има објавено фотографија и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Поврзаност со премиерот на Косово

Шуки освен со македонските политичари има врски директно и со кабинетот на косовскиот премиер Албин Курти, односно со еден од неговите најблиски соработници. Она што го поврзува Шуки со Курти е сопругата на неговиот шеф на кабинет Луан Далипи.

Според анкетниот лист, кој Далипи го поднел до Антикорупциската Агенција, неговата сопруга Ева е вработена во поликлиниката „Авицена КС“ и зема годишна нето плата од 14 400 евра.

Бизниси во Скопје

Шуки на социјалните мрежи редовно објавува фотографии поврзани со работата на „Авицена КС“ во Косово, но ги промовира и неговите бизниси во Скопје.
Тој, според документацијата на Централниот регистар, е сопственик и директор на друштвото за експлоатација, истражување, производство, трговија и услуги Рајана Инженеринг.

Рајана Инженеринг во моментов гради комплекс од 5 згради „Премиум резиденс во близина на таканаречената улица Пластичарска во Скопје, а Шуки редовно на Фејсбук објавува содржини за тоа како напредува проектот.
Како претходни проекти на градежната компанија, се наведени и хотел Парк и станбено деловниот објект Парк резиденс и Некст дор парк хотел кои се наоѓаат покрај кејот на реката Вардар во центарот на Скопје.

Воедно фирмата Рајана Инженеринг го гради и хотелот Исра во населбата Серава во општина Чаир, чиј инвеститор е Исламската верска заедница.

Втор судир со косовската полиција

Во 2020 година Шуки бил уапсен на граничниот пункт во Хани Елезит на косовско македонската граница. Полицијата тогаш се сомневала дека неговата поликлиника незаконски правела ковид тестирања.

„Авицена КС“, земала примероци од косовските граѓани за Ковид- 19 и ги испраќала во македонски лаборатории. Во тоа време „Авицена КС“ немала лиценца за да врши ковид тестирање.

Косовската полиција за време на увидот пронашла список со имиња на 50 граѓани, вклучувајќи ги и резултатите од нивните тестови за Ковид-19.