Полицајци од одделот за борба против тероризам и екстремизам се меѓу првите на терен кои излегуват откако во електронското сандаче ќе пристигне дојава за бомба во средните училишта. До сега во сите случаи се покажа дека станува збор за лажни дојави за бомби. Сепак, безбедносниот систем секоја дојава ја третира како сериозна закана се додека не се утврди дека е лажна.
Колку полицајци излегуваат на терен во едно училиште по дојава за бомба и колку пари ја чини државата една таква проверка е класифициран податок, велат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Видете и ова: МОН – Школите да изнајдат начин како да се надоместат часовите поради дојавите за бомбиСамо во изминативе три недели антитерористичките единици излегоа на терен десетина пати во десетина различни средни училишта да евакуираат ученици и вработени со цел проверка дали некој навистина поставил бомба.
„За секоја ваква дојава постојат протоколи,кои мора да бидат испочитувани без разлика колкав е степенот на веројатноста во однос на подметнувањето на бомби, што секако троши многу сили и енергија, но полицијата е апсолутно подготвена со сиот потенцијал и капацитет“, велат од МВР.
Лажните дојави за бомби го исцрпуваат безбедносниот систем
За полицајците е индикативен фактот што лажните дојави за поставена бомба во средните училишта пристигнуваат во последните три работни денови од неделата, среда, четврток и петок.
„И не само тоа, тие се случуваат во една смена кога има само одредени класови и наставен кадар во таа смена. Кога анализираме, анализираме од повеќе аспекти за да ги опфатиме сите во делот на истрагата дали се работи за некаква геостратегиска цел, дали се тоа некакви политички причини, дали се економски причини итн. Тоа се повеќе аспекти коишто се анализираат“ велат за РСЕ од МВР.
Во проверките на тоа од каде е испратена заканата делуваат и полицајците и инспекторите од одделот за компјутерски криминал и дигитална форензика. Според досегашните сознанија на полицијата мејловите со заканите стигнуваат од две странски државни, Швајцарија и Хрватска, но испраќачот се уште не е откриен.
Во потрагата МВР помош побарале и од Интерпол и Европол преку Секторот за меѓународна соработка.
Што се крие зад лажните дојави?
Професорот Злате Димовски од Факултетот за безбедност во разговор за РСЕ неодамна изјави дека дека злоупотребата на сајбер просторот е нешто ново што ни се случува во периодов, а дезорганизација на целиот систем, создавање на страв, паника и недоверба во институциите на системот, истоштување на политичките сили се само дел од целите кои сакаат да се постигнат со лажните пријави за бомби.
„Ако се работи за терористички активности, односно ако се сака да се направи деструкција и евентуално истоштување на политичките сили, дефинитивно тоа ќе се постигне, тоа е едната страна на медалот. Другите цели би биле, дезорганизација на целиот систем, создавање на страв, создавање на паника недоверба во институциите на системот дополнително од онаа што и досега ја имаше. Ова се цели на екстремни групи, кои што би можеле да бидат нивна крајна цел“, рече Димовски.
Видете и ова: МОН: Училишните раководства се надлежни за организирање непречена наставаПолицијата се уште не откри кој стои зад дојавите
Во меѓувреме, дојавите за лажни бомби продолжуваат. Вчера по осми пат МВР регистираше лажи закани за поставени бомби во скопските средни училишта. По извршените проверки повторно утврди дека станува збор за лажни пријави.
Полицијата се уште нема откриено кој стои зад дојавите. Досега приведе две лица за кои се утврдило дека нивните податоци и адреси биле злоупотребени, по што беа ослободени. Првата лажна дојава за поставена бомба до скопските средни училишта беше на 26 октомври.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за МИА рече дека „целите на дојавите за лажните бомби што се случуваа изминатите недели во повеќе скопски средни училишта, е да се влијае на политичкиот момент во државата, на капацитетот на институциите и на граѓаните преку предизвикување вознемиреност и несигурност“.
Заканите за бомби во средните училишта не само што „си играат“ со безбедносните служби, туку влијаат и врз учениците и наставниците.
Од МОН велат дека се во координација со МВР и локалните самоуправи, раководствата на училиштата и низа домашни и меѓународни организации со кои работат на подигнување на безбедноста во училишните објекти.
„Осудуваме секаков обид за наштетување на воспитно – образовниот процес на учениците. Создавањето страв и паника кај младите и одвлекување на вниманието од секојдневни училишни обврски, подразбира и наштетување на иднината на државата. Се надеваме дека оние кои во повеќе наврати ја попречуваа работата на неколку училишта во Скопје час поскоро ќе бидат пронајдени и соодветно санкционирани“, велат од МОН и додаваат дека училишните раководства треба да најдат налин до крајот на првото полугодие да ги надоместат пропуштените часови.