Мора да се најде начин да им се зголемат платите на тие што си ја работат работата, а на тие што по 5 пати не можат да испечатат еден извод без грешка и 18 илјади им се многу, реагираат граѓаните на социјалните мрежи откако вработените во Управата за водење матични книги стапија во генерален штрајк со барање за повисоки плати. Други, пак, велат дека проблемите со изводите може да се решат само со дигитализација, а тоа е одговорност на власта, а не на шалтерските службеници.
Шалтерите за поднесување барање за издавање на изводи од матичната книга на родени, венчани или умрени од вчера не работат. Документи ќе издаваат само за итни случаи. Независниот синдикат објави дека бараат колективен договор на ниво на работодавач, линеарно покачување на платите и унапредување на работните позиции.
Министерството за правда, пак, реагира дека предложениот колективен договор е спротивен на Законот за административни службеници и не можат да го потпишат.
Управата има лош имиџ меѓу граѓаните, со оглед на тоа што во една година издава над 20 илјади згрешени изводи, па луѓето губат пари и време по шалтерите да ги исправат грешките.
Државниот завод за ревизија во 2019 година ја чешлаше работата на Управата и изрази неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи. Ревизорите констатирале и дека се издаваат згрешени изводи.
„При издавањето на изводите се прават грешки при нивното печатење. Вкупниот број на издадени погрешни изводи во 2019 година изнесува 21.957 изводи, односно 4 проценти во вкупно издадените изводи. Управата ја нема утврдено одговорноста за надоместување на трошокот во случај на настаната грешка при издавање на изводите, поради што за овие изводи во 2019 година не е уплатен приход на сметката на Управата во износ од 1.099.000 денари и приход за административна такса во буџетот на РСМ во износ од 2.196.000 денари“, стои во извештајот на Државниот завод за ревизија.
Граѓаните на социјалните мрежи реагираат дека покачувањето на платите мора да оди заедно со одговорноста. Не може исто да земаат и тие што работат и тие што понекогаш издаваат извод без грешка.
Дури и оние што ништо не работат, а земаат плата - сме им дозволиле.Релативно добра реформа со дигитализација имаше во катастарот на пример, а и мој термин испадна употреблив иако беше доста напаѓан и тие што го напаѓаат го користат сега.
— Бахчов (@Bavcov) April 28, 2022
Човек кој има мали примања паметот не му е во работата туку како да преживее, како да фати некоја тезга и затоа се прават грешки...
— kalimero@imapravda (@kalimeroimapra1) April 27, 2022
Матична служба на штрајк, а демек до сега работеа? Месец и пол чекаме извод од матична книга на венчани, де потпис фалел де било заглавено во некое подрачно одделение...
— Sylvester (@Sylvester_mk) April 26, 2022
Управата за водење матични книги за една година издала 21.957 грешни изводи.- Честитки за 3-те среќни добитници.
— Бапчо (@TheFitzzz) April 27, 2022
Дел од граѓаните се потсетија на своите шалтерски искуства. Некои иронично коментираат дека нема издадено грешни изводи откако почна штрајкот.
Од денес не се издаваат згрешени изводи на родени и умрени.
— PRAV~da (@Kita21808809) April 27, 2022
Синдикатот на управата за Матични книги најавува штрајк така да ќе одмориме од згрешени изводи!
— 31 (@partizangunner) April 26, 2022
На брат ми у Тетово наместо извод посмртница му извадија. 🙄
— Среќна (@VamuTamuOnamu) April 28, 2022
Пет платени и изработени изводи од октомври 2021, одам 5 пати чекам по два саати и си заминувам. Април 2022, уште неземени…
— Катеринче (@katerincenahugo) April 27, 2022
Сепак, други, велат дека проблемот не е секогаш во вработените, туку во поставеноста на системот. Дигитализацијата треба да реши голем дел од проблемите.
да направеше државата апликација Е-граѓанин и со матичен број да си вадиш секаков документ немаше потреба од оваа управа
— Kayzer Söze (@Baraccudas) April 27, 2022
Секој граѓанин има ЕМБГ кој е врзан со податоци за извод од МКР, венчаница, посмртница…. Нема поента некој да работи и зема плата за нешто што компјутер може да го прави без проблем. И нема да греши 21.500 изводи годишно.
— Компљуктер (@zlatkoa) April 27, 2022
Елон Маск сакал да ја купи Управата за водење на матични книги. Апликацијата не му ја прифатиле, пошо немал извод од родени, не постар од 6 месеци.
— Сезнајко (@seznajko3) April 28, 2022
Софтвер и дигитализација ќе ја поедностави работата за многумина - fair point. Ама ако си бабичка која што живее на село и не знае што е е-маил, а реално ги има такви, и те како треба физичка администрација. Не тргајте од себе само аман! :( https://t.co/H8LYCS3pk5
— Симона (@Caryaatid) April 27, 2022
Владата во февруари годинава ја зголеми минималната плата на 18 илјади денари, па синдикатите побараа скалесто покачување и на останатите плати. Во тек е штрајк на вработените во образованието, а зголемување на платите бара целата администрација. Според податоците на Државниот завод за статистика, трошоците за живот се зголемени за скоро 9 проценти во однос на лани.