Мажите од Неготино и Гевгелија не може да добијат лекови за проблеми со простата, затоа што во јужниот дел на земјава нема лекар уролог кој според правилникот е единствен што може да им препише таков лек. При едноставна проверка на веб страницата на „Мој термин “ се открива дека слична е состојбата и во Прилеп, Дебар, Гостивар, Куманово и Битола. Системот укажува дека во овие градови нема слободни термини за уролошки прегледи во градските клиники во наредните три месеци. Матичен лекар не може да препише лек за простата, затоа што тоа, според Фондот за здравство, тоа е казнен прекршок во вредност од 15 илјади денари.
Неколку матични лекари од Прилеп добиле казни од Фондот за здравство за непрописно припишан лек. Станува збор за лекот Медилекс кој служи за лекување и контрола на симптоми на Паркисонова болест. Проблемот, според Фондот, бил во препораката за лекот од погрешен специјалист. За овој конкретен прекршок од ФЗО биле направени 50 записници за матични лекари во Прилеп, велат од здружението на матични лекари.
Овој лек, според правилникот на ФЗО за да биде „покриен“ од државата, смеат да го препишат невролози. Но, во Прилеп има вкупно тројца невролози и тројца психијатри кои работат наизменично и ги препишуваат овие лекови според потребата на пациентите. Но Фондост смета дека матичниот лекар кој издал рецепт за овој лек, според извештај од психијатар наместо од невролог, треба да биде казнет.
Системски нелогичности?
Видете и ова: Нема препорака за трета доза на СинофармЗдружението на матични лекари денеска поднесе барање за промена на режимот за упатување и пропишување на лекови до Министерството за здравство и Фондот за здравство. Една од поконкретните барања е да може дел од лековите, наместо специјалисти да го препишуваат интернисти или пак матичен лекар кој е стручен за тоа во интерес на пациентите, вели претседателката на Здружението на матични лекари Лилија Чолакова Дервишова. На пример, лекот за простата - тамсулозин, кој воедно се користи и за намалување на висок притисок да смее да го препише и интернист наместо специјалист, кој што е стручен да направи ехо и да одреди терапија, велат таа.
„Ние мора да ги прилагодуваме нештата според потребите на народот, но и кадарот со кој располагаме. На пример како матичен лекар можам да пратам пациент на проверка за тиростимилурачки хормон од хипофиза, ама не можам да ви препишам лек, а сум можела во 92-та година да го препишам. Смешно е, јас ако видам дека вие сте во хипотироза, а јас нема да можам да ви препишам лек Еутирокс. Лек што чини 50 денари, и за него ќе треба да ве пратам до нуклеарна медицина и да правам гужва таму, а стручна сум да го препишам тој лек, вели Чолакова Дервишова.
Специјалисти лекари ни за лек
Таа вели дека најголем проблем е тоа што во секој град недостасува по некој специјалист, интернист или микробиолог. Во здравствениот систем „Мој термин“ нема слободен термини до октомври за преглед на срце, односно кардиолошки преглед во Битола, Штип и Куманово. Тоа значи дека овие пациенти треба помош да бараат во соседните градови или пак во главниот град. Па така, за Битолчани најблизок град со можност за кардиолошки преглед е Охрид, но без приоритетен упат овие пациенти ќе треба да почекаат 19 дена за да добијат преглед. За Кумановци на скопската Кардиолигија во државна болница прв слободен регуларен термин е за 34 дена од денеска. Штипјани би можеле тој преглед, ако не е итен, да го добијат во Кавадарци за само 12 дена.
Во Гевгелија, Куманово, Виница, Кратово, Свети Николе и Штип нема ендокринолози, што значи дека дијабетичарите од овие градови за одредување на колкава количина инсулун ќе примат на дневна основа и во каква состојба им се бубрезите ќе треба да бараат прегледи во соседините градови и да чекаат по еден месец за преглед или пак да дојдат до Скопје
Дополнителен проблем за пациентите е што нема слободни термини и за одреден преглед кој мора преку најмалку уште еден лекар да помине на одобрение за пациентот д го добие потребниот скен или ехо.
„Значи не можеме сами да закажеме директно ехо на дојка. Некогаш ако напипам чворче на дојка не можам веднаш да закажам ехо на дојка. Знаете многу е битно навреме да се делува, некогаш дали е малигнитет илине, дали ќе метастазира или не и секунди се во прашање. Ние на терен се соочуваме со проблем, секундарното здравство нема ставено доволен број на термини на располагање. Се соочуваме со проблем со кој на државно нема термин, ама ако пациентот побара на приватно има термин. А не треба да е така. Тоа мора здравствениот систем да си го исконтролира, некој мора да се грижи за таа состојба во здравството, “ вели Чолакова- Дервишова.
Филипче - системот функционира нормално
Видете и ова: Има (ли) недостиг на редовни вакцини за бебињаМинистерот за здравство Венко Филипче неодамна изјави дека не е вистина дека скопските клиники се во колапс, откако пациенти јавно се жалеа дека не можат да дојдат до термин за ургентна операција. Тој тврди дека целокупниот здравствен ситем функционира нормално.
„Точно е дека добар дел од лекарите ги користат старите заостанати годишни одмори. Лекарите и сестрите повеќе од година дена не биле на годишен одмор. Организацијата е направена за воопшто да не трпи редовно изведување на интервенциите. Фокусот е ставен на здравствените работници да се одморат, бидејќи не знаеме што не чека наесен. Можно е да имаме нов бран, нов силен притисок, тие луѓе заслужуваат одмор“ изјави неодамна Филипче одговарајќи на новинарско прашање.
Чолакова -Дервишова објаснува дека во македонското здравство непотребно се ископлицирани работите и дека е потребно здравствените власти да разговараат со матичните лекари кои ги знаат вистинските проблеми на терен и заедно да работат на нивно разрешување.
Последното направено истражување од 2018 година на Здружението на граѓани „ИНИ“ покажува дека на Источна Македонија ѝ недостигаат 190 лекари за да се задоволи европскиот просек од 3,4 лекари на 1.000 жители. Во моментов за здравјето на граѓаните во 11-те општини се грижат 443 лекари или 2.5 лекари на 1.000 жители.