Нов живот под маски и на дистанца

илустрација

Задолжителното носење на заштитна маска и држењето физичка дистанца е новото секојдневие на граѓаните. Експертите велат дека така мора да биде за да се спречи ширењето на вирусот. Посткризниот период останува предизвик за сите нас

Намалувањето на рестриктивните мерки надлежните го најавија како зголемување на одговорноста кај граѓаните, а токму тоа им ја отвори вратата на таканаречените меки мерки. Таквите мерки за претпазливост кои подразбираат задолжително држење на растојание од 2 метра и носење на маска или заштитна прекривка на лицето и носот станаа секојдневие кое до пред неколку месеци, никој не можеше да го замисли.

Се чини дека уште долго време откако ќе заврши кризата со короната, граѓаните ќе треба да се однесуваат повнимателно и поодговорно доколку сакаат да го зачуваат колективното здравје. Посткризниот период ќе биде предизвик за сите нас. Ќе пиеме кафе на растојание од 2 метра, ќе се движиме секогаш држејќи ја препорачаната дистанца. Ако за тоа нема услови ќе носиме заштитна маска или прекривка на лицето. Гушкањата и бакнувањата при поздравувањето со пријателите подолго време ќе останат слики од минатото.

Дали ваквиот (не)нормален начин на живот ќе стане новиот нормален тек на живеење? Со оглед на тоа што стручната фела најавува нови подвидови на опасниот КОВИД-19 на кои би можеле да бидеме изложени на есен, тогаш можеме и мораме да останеме дисциплинирани вели професорот Јордан Шишовски од Институтот за општествени и хуманистички науки.

„Ние сме доста флексибилна раса и знаеме да се соочиме со предизвиците. Од друга страна гледаме дека многу други народи за кои имавме позитивни предрасуди дека се дисциплинирани, како на пример Швеѓаните или Холанѓаните лошо се справија со корона вирусот односно тие беа пуштени на слобода, а сега имаат голема смртност од ковид-19. Така што мислам дека ова е колективна работа и институциите треба да играат голема улога, не толку во однос на надзор, контрола и казнување, туку во однос на кревање на свеста. Ние сме паметни луѓе и ако тоа ни биде соопштени на разумен начин, тоа ќе биде лесно прифатено“, вели професорот Шишовски.

Видете и ова: Крвна плазма од оздравени, лек за заболени од коронавирус

Според владините препораки кои се во сила, маски не се носат само во двор, тераса, кога се вози велосипед или се спортува на отворено каде има можност да се држи растојание, како и кога сте во патничко возило со членови на семејството. Задолжително е носење маски во јавниот превоз, во маркети, пошти, банки, зелени пазари и други затворени простории каде што нема можност за држење растојание. Забраната за групирање на повеќе од две лица и понатаму останува во сила.

Директорот на Институтот за јавно здравје од Куманово Ариф Љатифи вели дека новите мерки за претпазливост ќе го намалат ширењето на вирусот. Куманово е еден од најпогодените градови од кризата поради големиот број на заразени граѓани од корона вирусот.

„Носењето маски и ракавици и социјалната дистанца ќе придонесат луѓето да имаат одредена слобода за завршување на дневните потреби. Препораките не се тешки за почитување, а со нивната примена си ги заштитуваат своите животи, а токму тоа е целта“, изјави доктор Љатифи.

Она што според Шишовски е исто така важно во следниот период е на кој начин политичките елити ќе се однесуваат кон кризата. Дали ќе ловат ситни политички поени или едногласно ќе се однесуваат кон ситуацијата со коронавирусот.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Како да направите маска за лице дома

Кризата со короната се чини дека минатиот период ја стави политиката во втор план. Шишовски се надева дека оваа состојба ќе потрае, иако не е убеден дека во едно политизирано општество како македонското тоа ќе биде лесно остварливо.

„Се надевам дека со ова ќе се измести помалку и перцепцијата на народот како целина и повеќе ќе гледаат кон јавното добро, во оваа ситуација видовме дека јавното здравје, јавното образование, колективното одлучување ни е посебно важно. Сфативме дека сите сме во еден брод и зависиме едни од други и затоа треба да се насочиме кон заедничките вредности пред дневната политика. Се надевам дека и политичките партии ќе се свртат во таа насока и ќе зборуваат за работите кои се навистина важни за граѓаните“, вели Шишовски.

Кризите секогаш не соочуваат со самите себеси и од нас го извлекуваат вистинското лице, заклучува Шишовски. Тој е уверен дека и оваа пандемија на ковид-19 од луѓето ќе ја покаже најдобрата страна, а таа подразбира зголемена свест и одговорност кон заедницата.

Во меѓувреме светските експерти нудат различни стратегии за надминување на посткризниот период и враќање на живот како порано.

Во таа насока „стратегиите за транзиција“ подразбираат дека на секоја земја и е потребна силна архитектура на јавно здравство, масивна инвестиција во капацитетите за контрола и надзор, изолација и карантин и гломазен информативен систем за луѓето да знаат што да прават и каде да одат ако се болни. Ако го направиме тоа, здравствените експерти велат дека имаме шанса да се вратиме во животот и во економскиот и во социјалниот, што може повторно да не биде исто, но можеби создало погрижливо и поангажирано општество со подобар систем на здравствена заштита, со подобар универзален пристап до здравствена заштита, со поголема социјална правда и поголема грижа едни за други.

Во меѓувреме, не е познато колку долго ќе трае имунитетот откако лицето ќе закрепне од ковид-19. Можеби не е ни можно да се гарантира имунитет. Меѓутоа, експертите велат дека е сигурно дека наскоро ќе има војска луѓе кои се опоравиле од „Ковид-19“ и кои сакаат да се вратат во функционално општество.