Во услови на климатски промени, исправени пред предизвикот да ја зачуваме животната средина и да имаме чиста вода за пиење, за екологистите нема дилема дека тоа што е останато од реките мора да се спаси. Веќе неколку месеци трае битката на невладината организација Грин.орг од Кочани против намерата за изградба на мала хидроелектрана на Мала Река под Пониква, на територијата на заштитеното подрачје Осогово.
И покрај сите опструкции и притисоци со кои се соочуваат активистите од оваа организација, тие остануваат оптимисти дека ќе успеат да ја заштитат животната околина од градежни активности кои би можеле да имаат трајни последици за биодивезитетот и животот на луѓето доколку се дозволи изградбата на планираната хидроелектрана.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во моментот имаат два правни механизми за водење на битката, објаснува Ана Симонова од Грин.орг
„Првото барање кое го предадов до сите советници на општина Кочани и со него бараме трајна забрана за градба на секакви објекти за производство на струја и сл. со кои се уништуваат природните ресурси и втората опција е самоиницијативно распишување на референдум, кое веќе еднаш ни го одби правната служба на општината. Затоа сега го доставуваме лично до секој советник и очекуваме да го стават на дневен ред на некоја од следните седници на советот на општината“, изјави Симонова.
Покрај 33 организации кои застанаа зад оваа иницијатива на колегите од Кочани и Зелената партија ДОМ деновиве ја поддржа оваа иницијатива. Ние, како Зелени, сме апсолутно против изградбата на оваа мала хидроелектрана, порачува Маја Морачанин, пратеничка од ДОМ.
„И практично анализите кај нас покажуваат дека кога не би биле стимулирани со тие субвенции кои се одвојуваат за нив преку сметките за струја од граѓаните, едноставно не би било исплатливо производството на струја од мали хидроцентрали, а штетата по природата е навистина голема и не само за уништување на биодиверзитетот, туку и водоснабдувањето во некои предели и во контекст и на климатската криза во светот, јасно е дека таа идеја за градење мали хидроцентрали за производство на струја треба да се напушти,“ вели Морачанин.
Видете и ова: Хидроцентралите мали, проблемите големиКоличините на потенцијално произведената електрична енергија од Мала Река се толку многу мали, што не можат во никој случај да ја надополнат штетата, која хидроелектраната трајно ќе ја нанесе врз автохтониот природен потенцијал и биодиверзитетот на овој дел од Осогово, кој е дом на ендемски видови животни и растенија, поради што и не случајно е прогласен за заштитено подрачје, а дел од планината и меѓународно е препознаена како IBA - зона од витално значење за популацијата на загрозени видови птици, истакнуваат активистите.
Тие додаваат дека градежните зафати за изградба на електраната несомнено ќе влијаат и врз зоната за строга заштита Голема Река, а Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот веќе даде негативно мислење за изградбата и поради оцената дека овој проект ќе има штетно влијание врз туризмот и туристичкиот потенцијал кој го крие овој регион.
Но дали е реално да се очекува дека под притисок на јавноста ќе биде раскинат веќе склучениот договор помеѓу државата и инвеститорот?
„Јас гледам само една опција тука. Согласно законот за води неопходно е да се изработуваат планови за управување со речен слив. Врз основа на ваквите планови се издаваат концесиите за искористување на вода за производство на струја. Во случајот отсуствува планот, па според мене некој би можел да поднесе и тужба до државата бидејќи издала концесии без постоење на ваков план за управување со речен слив. И вака ако гледаме ситуацијата на територија на цела држава излегува дека ниту една концесија не ни е основана, тоа е системска грешка или недоследно спроведување на нашите закони,“ вели Чоловиќ-Лешоска од невладината организација Еко свест.
Конфликт на интереси при новите рокови за малите хидроцентрали?
Според Чоловиќ-Лешоска инвеститорите се во многу незавидна положба затоа што од една страна тој има дозвола за градба, а од некоја друга страна има опструкции за да почне со работа. Таа апелира Владата да покаже разбирање во постапките каде што јавноста немала можност да се вклучи, таквите концесии да не ги доделува, или пак да им исплати отштета на инвеститорите при евентуално раскинување на договорот.
Коментирајќи го трендот на изградба на мали хидроелектрани кои според инвеститорите имаат за цел да ја користат водата од реките за производство на електрична енергија, активистите во земјава велат дека бенефитите од производство на струја е минимален, но профитите големи.
„1.15 Она што досега кај нас го имаме се преку 90 концесионери за мали хидроцентрали, според извештајот на РЕК за 2020 година. Во таа година вкупниот нивен придонес во производството на струја е околу 3, 9 проценти, односно помалку од 4 проценти, а истовремено имаме 90 локации, од прилика околу 60 реки кои се делумно или целосно префрлени во цевка и немаат никаков друг придонес кон околината, локалното население итн. “, вели Давор Пехчевски од организацијата Еко свест.
И покрај апелите на невладините организации да запре изградбата на вакви хидроелектрани затоа што последиците по животната средина и биосистемот се катастрофални, Владата постојано ги продолжува роковите за концесија и изградба на овие објекти.
Во 2020 година започнаа со работа 38 нови електроцентрали кои користат обновливи извори на енергија: 6 хидроелектроцентрали и 32 фотонапонски електроцентрали. Од вкупниот број на мали хидроелектроцентрали, 96 ја продаваат произведената електрична енергија по повластени тарифи, додека преостанатите 11 електроцентрали ја продаваат произведената електрична енергија на пазарот на електрична енергија.
Видете и ова: Правни механизми за заштита на „последните слободни реки“Еден од главните двигатели на ваквиот бум со мали хидроцентрали во земјава се субвенциите односно повластените тарифи кои ги добиваат инвеститорите. Се работи за бизнис со многу низок ризик, со загарантирана откупна цена од 20 години, лесно се подигаат кредити од банките за изградба на објектите, што значи дека и без сопствени средства може да се влезе во целата приказна, а токму тоа го прави овој бизнис многу привлечен за инвестирање.
Во изминатата година на малите оперативни хидроелектрани по основ повластени тарифи им биле исплатени 981 361 180 денари или околу 16 милиони евра за произведени 195.887.077 kWh електрична енергија по просечна цена од 5,01 ден. за kWh.
Пред три месеци, Владата продолжи рокови за изградба на неколку мали хидроцентрали, меѓу нив на Шар Планина и во НП Маврово. Ваквите одлуки се донесени и покрај тоа што локалните жители и активистите долго време се противат на изградбата на вакви проекти, особено во заштитените подрачја, сметајќи дека тие се закана за животната средина и за водата за пиење.
Таков пример е случајот со селото Жировница кое се наоѓа во НП Маврово, каде жителите во 2019 година организираа акција за зачувување на реката Жировничка. Тие сметаат дека изворите на нивната вода за пиење ќе бидат загрозени доколку концесионерот „Хидроген Енерџи ДОО“ ги изгради двете мали хидроелектрани „МХЕЦ Жировница 5“ и „ МХЕЦ Жировница 6“.
Анес Ахмети, претставник на месната заедница на село Жировница вели дека во моментот е мирно и не се започнати градежни активности бидејќи инвеститорот побарал и ја чека потребната градежна дозвола за работа од општина Маврово. Инаку во септември 2019 година градоначалникот на општина Маврово и Ростуше Медат Куртовски ги потпиша решенијата за ништовност на одобренијата за градење на двете мали хидроцентрали на реката Жировничка во Националниот парк Маврово. Со тоа се поништуваат градежните дозволи на инвеститорот Хидроген Енерџи Груп.
„Не верувам дека инвеститорот би се откажал од градење, но очигледно ќе мора. Ние нема да дозволиме изградба на хидроцентрала по ниту една цена. Ќе преземеме се што ќе биде потребно, па дури и радикализирање преку протести, блокирање на патишта и сл.“, вели Ахмети во име на своите сограѓани.
Инаку во септември 2019 година градоначалникот на општина Маврово и Ростуше Медат Куртовски ги потпиша решенијата за ништовност на одобренијата за градење на двете мали хидроцентрали на реката Жировничка во Националниот парк Маврово. Со тоа се поништуваат градежните дозволи на инвеститорот Хидроген Енерџи Груп.
Милионски профити на сопствениците на хидроелектраните за сметка на граѓаните
Активистите за заштита на животната средина повеќе пати во изминативе години укажуваат дека проблемот со малите хидроцентрали, особено оние во Жировница, е во пропустите присутни во елаборатите и во градежните дозволи.
„Значи сѐ што е како дозвола издадено, во секој сегмент има некаков проблем“, посочува Александра Бујароска од граѓанската организација „Фронт 21/42“.
Повеќе од 13 години години македонската влада издава концесии за изградба на мали хидроцентрали, а речиси толку трае и битката на невладините организации и локалното население против нивната изградба. Владите остануваат на тврдењата дека овие капацитети се потребни за да се зголеми производството на енергија од обновливи извори, а оние кои се против тврдат дека се прави голема штета врз природата за не многу голем удел во вкупното производство, но за голем профит на сопствениците на хидроелектраните.
Граѓански организации од Тетово реагираа до власта дека проекти за мали хидроцентрали на Шар Планина „сериозно ја оштетиле“ водоводната мрежа во градот кој според нив неколку денови останал без вода.
За последиците и влијанијата врз животната средина и животот на луѓето што зад себе ги оставаат ваквите проекти зборува Чоловиќ -Лешоска.
„Станува збор за фрагментирање на речното корито, добиваме сегменти, еден сегмент на река која е во природна состојба, друг сегмент на реката по зафатот каде имаме видоизменет, нездрав екосистем и состојба по техничката зграда каде водата се влива од цевките во реката и каде екосистемот се обидува да се врати во првобитната состојба, но за тоа треба време, а и промената на температурата на водата не го дозволува тоа. Дополнително на тоа, има и ефекти на околината, шумите се сечат, истите резултираат со ерозија, овие места кои биле непристапни стануваат пристапни места на кои илегални пракси стануваат секојдневие, секој може да оди и да си исече дрва, значи веќе се замира. Најчесто овие реки значат и живот за луѓето кои живеат околу нив, тие ја користат водата за пиење, за наводнување, за хигиена, здравје, значи влијаат и врз социо-економскиот развој на тие населени места“, заклучува Чоловиќ-Лешоска.
Албанските научници во обид да ја спасат реката Вјоса
Влезени во брзите води и поставувајќи мрежи низ дрвјата и грмушките на бреговите, научници собираат податоци за растителниот и животинскиот свет околу реката Вјоса и нејзините притоки во Албанија во обид да ја запрат изградбата на неколку хидроцентрали. Научниците велат дека речниот систем во јужниот дел на земјата е последната „дива“ речна мрежа во Европа, бидејќи тече непрекинато од какви било брани или електрани. Но, владата на Албанија, каде што 95 насто од електрична енергија се генерира од хидроцентрали, планира да изгради 30 нови централи долж реката Вјоса за да дојде до посигурни енергетски резерви, бидејќи климатските промени влијаат врз намалувањето на речните текови.
Еколозите велат дека тоа ќе ја преплави областа околу реката и ќе го промени нејзиниот тек, потопувајќи многу хектари шума. Екологистот Урлих Ајхелман, вели:
„Реката Вјоса и нејзините притоки се последниот слободен тек, природен и жив речен систем во Европа надвор од Русија. Значи, ова е толку уникатно, а е толку малку познато. Мислам дека повеќе знаеме за Рио Негро во Бразил отколку за Шушица или Вјоса на пример“, вели Ајхелман.
Досега, судскиот спор запре каква било изградба, а активистите се надеваат дека така и ќе остане, со крајна цел реката и нејзината мрежа на притоки да бидат прогласени за национален парк за да ѝ се обезбеди целосна заштита. Ентомологот Гернот Кунц, од австрискиот универзитет во Грац вели дека целта на експедицијата е да собере што повеќе докази за разновидноста на живиот свет кои ќе можат да помогнат во прогласувањето на областа за национален парк.
„Нашата главна цел е да документираме што е можно повеќе видови заради зачувување на природата и како што можете да видите овде, стапицата е полна со различни инсекти. Биодиверзитетот е многу многу висок и имаме многу видови кои се јавуваат само во оваа област. Тоа е многу важно за да се документираат овие видови за да можеме еден ден да имаме национален парк за Вјоса, но исто така и за притоките “.
Тој работи со тим научници од Австрија, Италија, Словенија и Албанија, земајќи примероци од речниот тек. Кампањата го привлече вниманието на актерот Леонардо ди Каприо, кој ја постира на неговиот инстаграм во март, собирајќи стотици илјади прегледи и лајкови. Фриц Шимер, речен екологист од Универзитетот во Виена, вели дека реката Вјоса е „скапоцен камен“.
„Толку е скапоцен камен овој речен систем што на подолг рок е многу подобро за социо-економската одржливост тој да се користи на друг начин, а не со изградба на хидроцентрали кои навистина не можат да бидат ефикасни во оваа ситуација“.
Илјадници Албанци потпишаа петиција во која бараат нејзина заштита. Сепак, уште во 2010 година, студија на Светска банка предупреди дека идните климатски промени може да ја влошат хидросостојбата во Албанија за 20 насто во текот на следните децении, а сушите од тогаш периодично го погодуваат производството и ги зголемуваат цените.
Владата вели дека сигурното производство на електрична енергија е клучно за економскиот просперитет на земјата и вети дека проектот ќе има минимално влијание врз животната средина.