Се подгрева ли нереално надежта дека е можен пробив во македонско-бугарското отворено прашање до 23 јуни, кога ќе се одржи Самитот на Европската унија, или пак постои реална можност за компромис меѓу владата предводена од Зоран Заев и техничката влада во Софија?
Релациите Скопје-Софија, но и интересот на европските политичари се зголемија од крајот на мај, кога во двата главни града предлог за компромис донесоа еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и Аугусто Сантош Силва, министер за надворешни работи на Португалија, земја која во моментов претседава со Европската унија.
Видете и ова: Средба Заев-Макрон во ПаризОд тогаш се интензивирани релациите меѓу двете земји, но и европските политичари ја подгреваат надежта. Синоќа по средбата на македонскиот премиер Зоран Заев во Елисејската палата таква порака испрати и францускиот претседател Емануел Макрон, чија земја пред две години не даде зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ за Македонија и Албанија.
„Европската Унија донесе одлука уште во март минатата година да ги отпочне преговорите со вашата земја и сега е време таа одлука да се конкретизира и Франција активно го поддржува тоа. Северна Македонија заслужува да ги отпочне преговорите без одложување. Јас сум лично вклучен да се најде решение со Бугарија“, рече Макрон.
Пробивот не е невозможен
Европската унија препорачува почеток на преговорите за зачленување на земјава од 2009 година. Со години тие не се реализираа поради нерешениот спор за името со Грција. Со потпишување на Договорот од Преспа во 2018 година, со кој се стави крај на повеќедеценискиот спор меѓу Атина и Скопје, Грција престана да биде пречка за европскиот напредок на Македонија. Во 2019 година Франција не дозволи почеток на преговорите со земјава и со Албанија со барање да се ревидира методологијата за во пристапниот процес. Тоа беше сторено, но на ланскиот декемвриски самит Софија го стопираше Скопје со тврдења дека има нерешени билатерални односи пред се поврзани со историски прашања.
Професорот Васко Наумовски во 2009 година беше вицепремиер за европски прашања кога Македонија исто така имаше препорака за почеток на преговори со Европската унија а тогаш не почнаа поради нерешениот спор со Грција. Тој за Радио Слободна Европа сега проценува дека шансите тоа да се случи во јуни не се многу големи.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Пробивот на јунскиот самит не е невозможен, но шансите за тоа се секако мали имајќи предвид дека позицијата на Бугарија е зацврстена со декларацијата која што беше усвоена во нивниот парламент, поддржана од сите партии и токму тука лежи главното алиби на сегашната привремена бугарска влада која повеќе пати нагласи дека нема мандат да излезе надвор од рамките создадени со таа декларација“, вели Наумовски.
Видете и ова: Сервер: САД ќе вршат зголемен притисок врз Софија за Северна МакедонијаМарко Трошановски од Институтот за демократија, пак, смета дека во ниту еден случај не е возможно финално решавање на спорот меѓу Скопје и Софија до јуни пред се поради тоа што владата кај источниот сосед е техничка и не би се нафатила да преземе таков голем политички потег.
„Но, од друга страна, она што може да се направи е да се стави процесот во некаква насока, на некакви шини, тоа е тој патоказот за Договорот за добрососедство и такво нешто оваа бугарска влада мислам дека може да прифати и со него да се трасира процесот за која било идна влада на Бугарија да не може да заобиколува, да бега и да го толкува договорот за свои дневно политички потреби“, вели Трошановски.
Различни погледи на патоказот
На содржината на патоказот, кој според португалскиот предлог треба да го подготви македонската страна, различно се гледа во Скопје и во Софија. Македонските политичари постојано инсистираат дека во него нема да ги има идентитетските прашања како јазикот, нацијата и историјата, но тие се содржани во декларацијата на бугарскиот парламент од 2019 година, на која пак инсистираат бугарските политичари. Тој документ, чија содржина Софија бара да биде дел од патоказот, е донесен од бугарските политичари две години по потпишувањето на меѓудржавниот Договор за добрососедство.
Бугарија, вели Наумовски, како и секоја друга членка на Европската унија ја користи својата позиција кон држава што сака да биде членка.
„Тие го прават она што може да го направат во овој случај, а тоа е да се обидат да добијат нешто повеќе од она што беше потпишано во билатералниот договор“, вели Наумовски.
Инаку, премиерот Зоран Заев тврди дека бугарската декларација е неприфатлива за Македонија, а дека во патоказот ќе има претежно технички и инфраструктурни прашања. ВМРО-ДПМНЕ пак неделава, неколку дена по ред, блокира крстосници во десет градови со обвинување дека како што велат двоецот Заев и специјалниот пратеник на македонската влада Владо Бучковски, водат тајни преговори со Софија, а дека на маса е македонскиот идентитет.