Знамето на Република Северна Македонија попладнево, со интонирање на македонската химна, беше кренато пред седиштето на НАТО во Брисел, на церемонија со која се означи официјалното пристапувањето на земјава во Северноатлантската алијанса.
Во исто време, македонски знамиња беа кренати и во седиштето на НАТО командата во Норфолк, како и во главната команда во Монс. Церемонијата беше пренесувана во живо, без присуство на делегации, поради заштитните мерки заради коронавирусот.
Пред свеченото кревање на знамето добредојде на нашата земја во Северноатлантската алијанса посака генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Ние сме денеска собрани овде да ѝ посакаме добредојде на Северна Македонија во семејствоото на НАТО со подигнување на знамето. Триесет знамиња сега ќе се веат заедно како симбил на нашето единство и солидарност. Ова е историски момент за Северна Македонија и доаѓа по години посветеност и заложба за реформите“, рече Столтенберг.
Тој потенцира дека во времиња како ова, пријателите и сојузниците се поважни од кога било, а Македонија ги има најдобрите пријатели и сојузници во светот. Посилни сме заедно. Добредојдовте во НАТО!, порача Столтенберг.
На церемонијата присуствуваше шефот на Делегацијата на Северна Македонија во НАТО, Зоран Тодоров.
По церемонијата во Брисел, во Скопје се обрати македонскиот премиер Оливер Спасовски.
„Во последните три години донесовме големи одлуки со кои станавме подобра држава и подобро општество. Еве ја и наградата. Држава која ќе остане искрен и добар сосед, сојузник на кој секогаш ќе можат да сметаат. Наша должност е да им оддадеме признание на сите кои ни помогнаа. Ова посебно се однесува на претходниот претседател на Владата, Зоран Заев, на нашите пријатели САД. Од денеска ние сме НАТО“, рече Спасовски.