По два дена речиси целодневни средби во Клубот на пратениците во Скопје на заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија, копретседателите на комисијата Драги Ѓорѓиев и Ангел Димитров излегоа со слични прогнози за состанокот.
Шефот на македонскиот тим Ѓоргиев рече дека ова биле два дена „интензивни и напорни дискусии“, а неговиот колега од Бугарија Димитров ја спореди средбата со денешниот ден „сиво и облачно, со малку дожд, а одвреме- навреме кратко и сонце“.
Клучното досегашното несогласување, револуционерот Гоце Делчев и понатаму останува, како што рече Ѓоргиев, пречка за сопнување.
„Во однос на Гоце Делчев, имаме на маса нови предлози и нови идеи кои беа разгледувани, кои беа дискутирани и ќе продолжат и понатаму да бидат тема на разговор веќе на следната средба на комисијата во Софија“, рече Ѓоргиев кој не сакаше да даде детали за тие нови идеи бидејќи тие се уште биле во работна верзија.
Видете и ова: Пораки од Софија - решете ги историските прашања за европски пат
Димитров, пак, прецизираше дека тоа што го завршиле денеска е како што рече мал чекор или стапка напред. Некаков напредок за македонските учебниците има, рече тој, објаснувајќи дека од 14 нивни забелешки стигнале до третата.
„Што се однесува за разговорите за темата која привлекува толку многу внимание, Гоце Делчев за жал немавме ниту време, ниту можност да постигнеме нешто повеќе од тоа што го правевме досега “, рече Димитров.
На новинарско прашање кога ќе го прашаат во Софија дали комисијата обезбедила конструктивен пристап за да се даде зелено светло за меѓувладината конференција Македонија-ЕУ во декември Димитров одговори:
„Ќе ми биде многу тешко да дадам позитивен одговор, ќе го кажам тоа што се случи, а оценката ќе биде на луѓето кои што очекуваат да разберат што се случува. Уште еднаш сакам да кажам дури и за малку да се појавило сонце, тоа е добра надеж дека можеме да продолжиме напред со работата“, рече Димитров.
Инаку договорено е до крајот на оваа година да има уште една средба, а следната уште пет.
Политички пораки
Во меѓувреме, додека историчарите беа на средба во Скопје, продолжија пораките од македонските и бугарските политичари. Премиерот Зоран Заев рече дека низ трпение, меѓусебно почитување и разбирање треба да да се најдат решенија. Тие решенија не мора да се најдат денеска, изјави Заев на новинарско, оценувајќи дека вчерашниот работен ден бил позитивен.
„ Ние сме меѓусебно историски поврзани како регион и таа врска од минатото треба да нѐ направи пријатели, а не да нѐ разделува. Претстои период на објавување позитивни информации“, рече Заев.
Видете и ова: Радев- не може да се прават компромиси со историја, идентитет и јазик
Бугарскиот претседател Румен Радев пак од Софија порача дека треба да се најде политичко решение, но како што рече не може да се прават компромиси со историјата и јазикот или со барања за национални малцинства.
„Членовите на бугарско-македонската комисија се професионалци, тие ќе ја бараат и бранат, како и досега, историската вистина и бугарскиот национален интерес. Мојата порака до нив е дека политичарите не можат да абдицираат од овој важен процес за Бугарија и за Македонија и ЕУ. Крајно време е да се најде политичко решение што ќе ги потврди сите принципи на почитување на историјата и добрососедството и почитување на нашиот идентитет и јазик„, рече Радев.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов на социјалната мрежа Фејсбук денеска објави дека тој и германската канцеларка Ангела Меркел ги поддржуваат земјите од Западен Балкан на патот кон ЕУ.
„Бугарија активно ќе продолжи да работи во таа насока за време на нашето заедничко претседавање со Република Северна Македонија во Берлинскиот процес. Ги ценам напорите на германското претседателство со Советот на ЕУ за изнаоѓање најсоодветни решенија за заштита на здравјето на сите европски граѓани, како и на економскиот живот“, наведува Борисов на својот фејсбук-профил.
Димитров и Ѓоргиев- не разговаравме за јазикот
Инаку заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања се состанува по речиси една година пауза во работата. Во меѓувреме, дополнително работата на историчарите се оптовари со политички услови и документи поврзани со историјата. Прво Бугарија лани навести дека ќе ги поврзе историски прашања со македонската европска иднина. Тогаш бугарското собрание усвои декларација со која ги поддржа преговорите за членство во ЕУ за Скопје и Тирана, но тоа го услови со барање за признавање на „историската вистина за заедничка историја што ја споделуваат двете држави и народи“.Кон крајот на минатата година Бугарската академија на науките (БАН) усвои став дека македонскиот јазик не постои, туку дека е „писмено-регионална норма“ на бугарскиот јазик.
Во март годинава на седницата на Советот за општи работи на Европската унија од 25 март на која лидерите на земјите членки се согласија на Северна Македонија и Албанија да им се даде зелено светло за почеток на преговорите, Бугарија имаше одвоена изјава.
Во август годинава до земјите членки на унијата кои ја договараа преговарачката рамка за земјава Софија испрати објаснувачки меморандум со кој бара поддршка од земјите членки за својата позиција за македонскиот напредок кон ЕУ, а во него пишува дека Македонците се проект на поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито, дека македонскиот јазик не постоел до втори август 1944 година и е норма на бугарскиот, дека помеѓу 1944 и 1946 година во тогашна Социјалистичка Република Македонија била извршена егзекуција на повеќе од 20 000 луѓе кои се идентификувале како Бугари, а повеќе од 100 000 биле убиени, затворени, пратени во егзил или во концентрациони кампови.
Видете и ова: Бугарија инсистира добрососедските односи да бидат во главниот кластер за ЕУ, Германија се противи
Димитров денеска негираше дека дел од овие теми биле разгледувани на состанокот на комисијата.
„Нашата заедничка комисија, никогаш не се занимавала со јазичниот проблем. Тоа е работа на лингвистите, не на историчарите“, рече Димитров, а истото го потврди и Ѓоргиев.
Последно минатиот месец бугарската влада испрати коментар на нацрт преговарачката рамка до Советот на ЕУ во кој бара темата добрососедски односи да биде опфатена во првата група, односно во првиот кластер во пристапните преговори кој се нарекува „основи и кој според новата методолигија е најважниот кластер, прв се отвора и последен се затвора.
Меѓувладината конференција со Европската унија земјава треба да ја одржи во декември, но Софија да ја блокира конференцијата е се уште отворена. Со таа конференција всушност и ќе почнат пристапните преговори за зачленување на земјава во Европската унија.