Македонско - бугарската комисија со нула резултат

Архивска фотографија-Македонско - бугарска комисија за историја, копретседавачите Драган Ѓоргиев и Ангел Димитров

Историчарите од заедничката македонско бугарска комисија на дводневната онлајн средба запнале за две прашања- придавката македонски во записниците, која ја спори бугарската страна и Цар Самиул. Резултатот од работата е нула, оценија копретседавачите на комисијата.

Резултат нула- ова е оценката за 11-та средба на заедничка македонско бугарска комисија за историски и образовни прашања, која се одржуваше два дена, а за која политичарите оценија дека се одвива во позитивна атмосфера.
По дводневната онлајн средба на 14-те историчари од двете земји оценката дека нема напредок ја споделија копретседавачите на комисијата, Ангел Димитров и Драги Ѓоргиев.

„Треба да констатирам за жал дека 11-та средба е нула нема направено дури ниту еден минијатурен чекор“, рече Димитров.

Видете и ова: Ниту чекор напред по средбата на македонско-бугарската комисија

Тој тврди дека проблемите биле суштински, објаснувајќи дека се работи за прашањето за Цар Самуил и за потпишувањето на записниците со терминот македонски, на кој македонската страна инсистира, а бугарската не се согласува. Димитров тврди дека по деветтата средба колегите одбиле да ги потпишуваат записниците и побарале во нив да стои придавката македонски. Според Димитров оваа како што рече е дел од новата позиција на македонските колеги за дискредитација на Бугарија.

Ѓоргиев, пак ,нагласи дека средбата била академска атмосфера и повеќеслојна диксусија, но и тој рече дека нема никакви резултати.

„Во тој поглед може да се сложам со колегата Димитров дека всушност и нема резултати од оваа средба, меѓутоа, понекогаш и кога нема резултати од одреден состанок и тоа покажува нешто“, рече Ѓоргиев.
Тој потврди дека записниците од деветатта и десетатта средба не се потпишани, оти како што рече, бугарската страна инсистира на доста лимитирана употреба на придавката македонски која произлегувала од нивното толкување на Договорот од Преспа. И тоа вели Ѓоргиев почнала да го применува бугарската страна по шестата средба, без консултации со нив и дека за тоа сега се разговара на повисоко ниво.

Проблем и со Цар Самуил

Димитров кажа и дека имале 14 забелешки за македонските учебници и стигнале до четвртатта точка за Цар Самуил за која што не стигнале до заеднички став. Според него, комисијата се движи како желка, а со македонските колеги немале несогласувања, како што кажа, само за периодот на антиката и праисторијата.

„Има еден заеднички јазик во науката и во историјата и тој заеднички јазик е почитување на историските извори и сите проценки на страна зборуваат за бугарска држава и бугарски Цар Самуил“, рече Димитров.

Видете и ова: Бугарското МНР за РСЕ кажа што точно бара Софија

За македонските учебници за седмо одделение во кои е опфатено самуиловото царство исто така имаат несогласувања. Ѓорѓиев тврди дека Бугарија ја одбила мултиеперспективноста во учебниците.

„Тука зборуваме речиси на различни јазици и поради тоа инсистирањето да се наметне едно гледање на одреден настан од минатото, наместо тоа да им го нудиме на учениците едно повеќеслојно видување се судрија во случај на Цар Самуил“, рече Ѓоргиев.

Тој нагласи дека за револуционерот Гоце Делчев, кој досега се сметаше за најспорно прашање во работата на комисијата, се зборувало многу малку.

Очекувањата на политичарите

Претходно, вчера, на првиот ден од состанокот на комисијата, премиерот Зоран Заев рече дека е постигнат напредок во нивната работа.
Една од забелешките на официјална Софија со кои тврди дека Скопје го нарушува Договорот за добрососедство и поради тоа ја блокира македонската евроинтеграција е токму комисијата. Според бугарското Министерство за надворешни работи, прекршен е членот осум од договорот кој предвидува создавање на комисијата со цел да придонесе за објективно, основано на автентични и основани на докази историски извори за научно толкување на историските случувања. Бугарската страна постојано тврди и дека комисијата работи бавно и не испорачува резултати.

Видете и ова: Заев: Има напредок на историската Комисија, а за идентитетот и јазикот гарантирам дека не се преговара

Инаку, досега се усогласени забелешките за бугарските учебници и донесени се препораки за заедничко чествување на пет личности- Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски.

Ова е единаесетта средба на комисијата и таа се одржа онлајн поради пандемијата со коронавирусот.

Но овој состонак беше специфичен и поради тоа што е прв по интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС во кое рече дека имаме заедничка, а не споделена историја, дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, дека Југославија не разделуваше, дека Бугарија не е фашизам, туку наш пријател, а дека имало некоја администрација во почетокот, а оти потоа Бугарија се дигнала заедно со антифашизмот.. Ова за бугарскиот историчар, копретседавачот Димитров беше сигнал дека во Скопје има „нов поглед кон минатото“ и ги обвини колегите од македонскиот дел на комисијата дека играле „игра на самостојност“.