Македонскиот олимписки комитет и спортистите пред суспензија

Агенција за млади и спорт.

Властите во земјава пет години не успеваат да донесaт измени на Законот за спорт, како што бара Меѓународниот олимписки комитет, за независно функционирање на спортските федерации. Измените се оставени „за наредниот период“ и покрај заканите на ИОК за суспензија и забрана за настап на ОИ во Токио 2020.

Останува нејасно кога и дали во рок од шест месеци власта ќе ги донесе измените на Законот за спорт, како што бара Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), кои треба да овозможат македонските спортски федерации да работат според принципите и правилата на Олимписката повелба. Поради долгогодишното игнорирање на барањата на ИОК за независно функционирање на спортските федерации, земјата може да се соочи со суспензија па дури и повлекување на признавањето на Македонскиот олимписки комитет.

Измените на законот и натаму се само ветување, според официјалниот одговор кој го добивме од Владата. Дополнително, неизвесено е дали рокот на ИОК ќе биде испочитуван поради изборите во април кои ги договорија политичките партии и распуштањето на Собранието во февруари.

„Во наредниот период ќе се изготвува нов Закон за спорт согласно насоките дадени од Меѓународниот олимписки комитет, меѓутоа и согласно ветувањето дадено пред спортската јавност дека ќе се прави нов Закон за спорт со кој ќе се унапреди спортскиот стандард и спортот воопшто“, велат за РСЕ од Влада.

Предлагач на законот ќе биде Агенцијата за млади и спорт, според информациите од Владата. Но, првиот човек на оваа институција Дарко Каевски неколку дена не беше достапен да одговари на нашите повици и смс пораки на прашањата дали Агенцијата работи на подготовка на законските измени, откако ИОК во последното писмо од 24 октомври даде рок од шест месеци за исполнување на барањата, во спротивно меѓу другото, се заканува и со повлекување на признавањето на Македонскиот олимписки комитет, а дополнително може да биде загрозен и настапот на македонските олимпијци на Олимпијадата во Токио следното лето. Прашања официјално испративме и до Одделението за односи со јавност на Агенцијата за млади и спорт.

СДСМ во Предлог програмата за работа на Владата 2017-2020, ветуваше нов Закон за спорт и поддршка од Владата за националните спортски федерации „во креирањето современ национален систем на натпревари“ и целосно почитување на „самостојноста на националните спортски федерации.“

ИОК од 2014 година ги бара измените на Законот

Но, измените се уште не се донесени и покрај тоа што Меѓународниот олимписки комитет веќе петта година бара од властите во земјава да го корегираат постоечкиот закон. ИОК првата забелешка за потребата од измените ја даде уште во 2014 година, а такви барања потоа испрати во 2016, 2018 и последното минатиот месец оваа година.

Според писмото од 24 октомври, ИОК има четири барања до властите и спортските организации во земјава: прво е барањето за измените на Законот за спорт, потоа националните олимписки федарции да потпишат Меморандум за автономија, трето е усогласување на статутите на националните спортски федерации со статутите на меѓународните спортски федерации и четврта точка е усогласување на статутот на Македонскиот олимписки комитет со Олимписката повелба.

ИОК бара регулативата за спорт да биде согласна со правилата на Олимпиското движење, односно статутите на спортските федерации да бидат синхронизирани со статутите на меѓународните спортски федерации (ФИФА, ФИБА, ЕХФ) и други.

На пример, во Генералните одредби од Статутите на ФИФА меѓу другото е наведено дека секоја личност и организација вклучена во фудбалската игра „е должна да ги почитува Статутите на ФИФА и фер принципите на игра.“

Самостојни и политички неутрални федерации

Во неколку дописи на ИОК до МОК од последниве месеци, се наведува дека поради постоечкиот Закон за спорт, спортските федерации се надвор од регулативата која ја пропишуваат ИОК и интернационалните асоцијации и дека законските измени треба на спортските федерации да им овозможат самостојност и пред се политичка неутралност.

Актуелниот Закон за спорт овозможува спортските федерации да добиваат пари од Агенцијата за млади и спорт, но за да се регистрираат како федерации имаат обврска претходно да добијат решение од Агенцијата и потоа строго да ги почитуваат законските правила.

Во Член 11 од Заонот за спорт се вели дека доколку спортски клуб или Националната спортска федерација врши дејност без добиено решение, органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот покренува постапка пред надлежен суд за престанок на истиот.

ИОК во писмото наведува дека „искрено се надеваат“ оти со колективни и координирани напори на Македонскиот олимписки комитет, националните федерации и „најважно“ на релевантните органи на власта, сите чекори истовремено ќе бидат завршени и имплементирани во следните шест месеци.

„Во спротивно ќе мора да го информираме Извршниот одбор на ИОК, покрај нашите предупредувања од 2014 година, дека спортските организации кои припаѓаат на Олимпиското движење во вашата земја, се уште не се во позиција да работат во согласност со Олимписката повелба, поради што за жал вашиот Национален олимписки комитет може да биде изложен на заштитни мерки и санкции според Правилото 27.9 од Олимписката повелба.“

Правилото 27.9 од Олимписката повелаба вели дека Извршниот одбор на ИОК може да донесе мерки и санкции предвидени во случај на повреда на Олимписката повелба, исто како и соодветни одлуки за заштита на Олимпиското движење во земјата на Националниот олимписки комитет, вклучително суспензија или повлекување на признавањето од таквиот Национален олимписки комитет доколку Уставот, закон или други регулативи кои се на сила во засегнатата земја, или било кој акт на владино или друго тело, предизвикуваат активност на Националниот олимписки комитет или загрозување на изразувањето на неговата волја.

Во очекување на датум за средба во Лозана

Меѓународниот олимписки комитет во писмото исто така бара одржување на заедничка средба во Лозана со претставници на Македонскиот олимписки комитет и со претставници на македонските државни органи, каде ќе дискутираат за наведените прашања.

Од МОК за РСЕ велат дека пред десетина дена претседателите на МОК и ИОК, Васил Тупурковски и Томас Бах имале средба на која разговарале за сите прашања, а дека се уште чекаат одговор од претставниците на власта за датум за одржување на средбата во Лозана.

Во писмото на ИОК стои дека втор пат бараат средба со властите од земјава, откако тоа го направиле преку друго писмо на 27 септември, но со жалење констатираат дека одговор не добиле.

„За жал досега не добивме никаков одговор. Затоа ќе цениме доколку уште еднаш се консултирате и координирате со органите на власта и потврдите што е можно поскоро кој датуми се прифатливи за вашиот Национален олимписки комитет и органите на власта да се одржи заедничка средба во Лозана“, се вели во писмото на ИОК.

Од Владата, пак, велат дека воспоставиле контакт и се во очекување на повратен одговор од Меѓународниот олимписки комитет за заедничка средба и додаваат дека го поздравуваат интересот на ИОК „за позитивни промени.“

Во писмото исто така е наведено дека ИОК се надева на брзо и непречено решавање на „непријатната ситуација“ за сите во мирна атмосфера да може да се фокусираат на подготовките на македонските спортисти и делегацијата за Олимписките игри во Токио 2020 година.

Во декември промена на името и Статутот на МОК

Македонскиот олимписки комитет на следното редовно Собрание во декември ќе донесе одлука за промена на името, бидејќи има таква обврска откако беа направени уставните измени за промена на името на државата кои произлегоа со потпишувањето на Договорот од Преспа со Грција.

„На Собранието на МОК што ќе се одржи во декември оваа година треба да се промени и името на МОК кое досега е со привремена референца и да се преименува во Олимписки комитет на Северна Македонија. На истото Собрание ќе се изврши промена на Член 10 од Статутот на МОК со кој олимписките федерации ќе добијат мнозинство на гласови во Собранието“, велат од Македонскиот олимписки комитет.

По Собранието на МОК во декември, ИОК ќе го прифати предлогот за промена на името на Македонскиот олимписки комитет, кој официјално ќе биде признат како Олимписки комитет на Северна Македонија, бидејќи претходно во меѓународната комуникација беше нерекуван Олимписки комитет на Поранешната Југословенска Република Македонија.