Македонски фантом институции

Ние сме имале агенција за нешто нуклеарно- не запрашаа зачудено вработените за обезбедување и оддржување во зградата каде што до пред некоја година беа сместени канцелариите на Националната агенција за нуклеарни технологии која беше формирана во 2010 година. Целта на хартија и беше поблиска соработка со Европската ЦЕРН. Нејзиното име се уште стои во регистарот на инстутуции, а до пред некоја година влезот во канцелариите беше покриен со дебел слој на прашина кој покажуваше дека таму ниту едно стапало не преминало праг. Таа беше сместена во зградата спротив Уставниот суд, веднаш до Советот за јавни обвинители. Но, прашањето беше кој да стапне, ако во таа агенција според податоците од извештајот на Министерството за информатичко општество и администрација нема ниту еден вработен со години.

Последни пари што ги потрошиле од таа сметка биле 2,5 илјади евра за теписи во мај 2014 година покажуваат податоците од „Отворени Финансии“. Претходно на нивна сметка легнувале трошоци за патување во странство, ама недостасува податок кој од таа сметка летал надвор од земјава. А пари за хонорари добиле само членовите на управниот одбор и еден академик од МАНУ. Оваа агенција била финансии активна само две години покажува дата базата „Отворени финансии“.

Во јавноста стана позната по „бомбите“ на опозицијата во 2015 година кога на дел од нив се слушаше како на место на научници физичари се вработуваат партиски војници. Во првите пет години од основањето оваа агенција според буџетските планови имала на располагање речиси 400 илјади евра.

14 институции без ниту еден вработен во 2019

Тоа е само еден пример на основани институции кои со години не функционираат. Во извештајот на МИОА се наведени вкупно 14 институции кои во 2019 година немале ниту едно раководно лице ниту еден вработен. Меѓу нив на списокот е и Студентскиот дом Доне Божинов од Пробиштип кој минатата година беше затворен, а во медиумите се пишуваше за кривичната пријава против директорката за незаконски спроведен тендер во вредност од 10 илјади евра.

Штипските медиуми јавуваат дека минатогодишното затворање на домот остави 7 административци без работа. Поранешните вработените со кои разговаравме телефонски ни открија дека во нивниот крај нема потреба од ваков дом затоа што нема луѓе во градот, а камо ли деца. Минатата година пред затворањето вработените биле задолжени за чување на двајца средношколци. Поранешниот раководител во домот ни посочи дека откако е ставено клуч на вратата на домот, ниту еден претставник на институција или општинските власти не побарале практична пренамена на објектот.

Во меѓувреме, податоците на „Отворени финансии“ покажуваат дека минатата година на сметката на домот од општината, но и од министерството за финансии легнале 9 500 евра.

Три институции со надлежност за грижа за јазиците

Без вработени е и „Инспекторат за употреба на јазици“ покажуваат податоците на МИОА, но и буџетот за 2020 година. Според податоците на „Отворени Финансии“ од Инспекторатот биле префрлални пари за хонорар во вредност од 200 до 500 евра месечно 7 лица. Државниот инспекторат за употреба на јазици сега е под капата на министерството за правда. Буџетот за годинава за оваа институција е 170 илјади евра. Но, неодамна беше формирана Агенција за примена на јазикот што го користат најмалку 20 проценти од граѓаните чии што буџет годинава изнесува безмалку еден милион евра и брои 9 вработени.

Agency for implementation of the languages

Од друга страна, на интернет страната на министерството за политички систем е наведено дека во нивна надлежност е следење на спроведувањето на правото на употреба на јазиците и писмата на заедниците, што укажува на преклопување на надлежности. Без вработени е и Комисија за заштита од дискриминација која чекаше две години пратениците да изберат членови.

Јавни претпријатија за гасификација без вработени

На списокот без вработени се најдоа и јавните претпријатијата Енегро – Штип и Енерго Прилеп. Енерго Штип беше формирано во 2012 година од општината. Тогаш претседателот на Комисијата за урбанизам при Советот на Општина Штип, Бојан Кереместевски изјави дека е стартувана процедурата на создавање на ЈП „ Енерго-Штип“, а во кое за почеток ќе има двајца вработени. Тој тогаш посочи дека јавното претпријатие ќе има управен и надзорен одбор и ќе биде основано со влог од 5 илјади евра, општински пари.

Ова претпријатие во изминативе две години нема вработени, покажува извештајот на МИОА, иако според општинските најави до сега требало да бидат изработени студии за гасоводни траси. Во општинскиот буџет за 2019 и 2020 година во делот на капитални инвестиции нема детали дали воопшто се одвоени пари за гасифицијата, затоа што општинските служби навеле дека ќе потрошат 50 илјади евра за градежни објеткти.

„ Вработените во ЈП „Енерго-Штип“ на самиот почеток ќе имаат за задача да ги подготват сите студии, материјали и да ги направи сите анализи за трасите на гасот каде би можел да поминува. Потоа која би била влезнатата цена на гасот“ ,изјави во 2012 година тогашниот градоначалник Зоран Алексов.

Со слична изјава излегол и поранешниот градоначалник сега веќе министер за транспорт и врски Благој Бочварски во 2018 година.

„ЈП „Енерго“ Штип било формирано од претходната власт, но седум години не ја вршело функцијата за кое било основано. Ќе продолжиме со ревидирање на физибилити студијата и со изработка на инфраструктурен и основен проект за гасификација на Штип. Годинава очекувам дека ќе ги завршиме сите проектни документации, и догодина, доколку се тече како што треба, граѓаните ќе можат да бидат сведоци на поставување на нова алтернативна инфраструктура во градот“ изјави Бочварски.

Во буџетот на Општина Штип во 2018 година биле предвидени шест милиони денари за проектите кои треба да го реализира ЈП „Енерго“. Во 2019 година Бочварски изјави дека проектот за гасификација набрзо ќе биде изготвен и дека во 2020 година гасификацијата на 20 километри секундарна мрежа може да почне со практична реализација. Во меѓувреме, тој стана министер за транспорт и врски, а за гасификацијата во медиумите нема ни збор. Во извештајот на МИОА за 2018 и за 2019 ова јавно претпријатие фигурира без ниту еден вратен. Според податоците од „Отворени финансии “, од почетокот на 2018 до сега од општината како основач на ова претпријатие не е префрлен ниту еден денар.

И Прилеп формирало јавно претпријатие за гасификација во 2018 година. Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, тогаш ветил дека до крајот на својот мандат, ќе се заложи за што поквалитетна и поцелосна реализација на сложениот и обемен проект за гасификација на градот. И по две години ова претпријатие фигурира без вработени. Во 2019 година биле назначени членови на управниот одбор кои ветиле дека ќе се откажат од надометокот.

За двете претпријатија нема податоци за финансиска активност ниту на Отворени финансии, ниту пак на Бирото за јавни набавки. Ова се дел од 14-те институции кои немаат ниту еден вработен, ниту едно раководно лице наведени во последниот извештај на Министерството за информатичко општество . Таму, пак, се заведени и 10 институции кои имаат вработено само по едно раководно лице.

Десетици фантом институции- нема вработени, само шеф

На пример такви јавни претпријатија се Водовод – Арачиново, Водовод с. Делогожда Струга. По еден вработен бројат и јавните претпријатија за стопанисување со спортска сала Риниа Гостивар и едно во Кисела Вода. Во земјава има 5 општински претпријатија кои имаат задача да стопанисуваат со по неколку спортски сали иако во 2014 година Владата основала и јавно претпријатие на државно ниво кое има задач да стопанисува со сите спортски објекти во земјава.

Дојде време да се стави ред?

Според податоците во извештајот 150 институции бројат од еден до 10 вработени. Вицепремиерот за борба против организиран криминал и корупција Љупчо Николовски неодамна призна дека во земјава има неколку нефунционални институции кои според него не треба да постојат.

„Сега дојде време да ставиме ред во сите сфери и во сите пори на нашето живеење. Ќе ги јакнеме институциите таму каде што треба. Може да се скратат институции, да не постојат. Но имаме на пример Агроберза, Јавно претпријатие за стопанисување со спортски објекти, кои не функционираат. Имаме еден куп такви институции кои не функционираат, за кои ќе се залагам да бидат целосно укинати,“ вели Николовски.

За Агроберза, пак, од Антикорупцијска при анализа на јавните претпријатија споделија инфорација дека има вкупно 10 членови на одбор а брои вкупно 12 вработени.

„Несоодветно е учеството на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија во однос на бројот на вработени. Според одлуката на Владата надоместокот на учество во надзорен или управен одбор изнесува од 10 до 12 илјади денари месечно во зависност од тоа дали е член или заменик член во одборот. Во некои претпријатија се дозволува и користење на службен мобилен телефон или пак службено возило“ велат од Антокорупциска комисија со најава дека до надлежните ќе поднесат препораки за уредување на трошоците.

Николовски објасни дека засега се прават анализи кои институции треба да се спојуваат, тука спаѓаат поклопување на надлежности а такви се многу, потоа кои треба да се укинуваат, се прави целосен преглед на јавните претпријатија за кои граѓаните не знаат колку се вкупно, а имаат вкупна добивка од 700 милиони евра. На пример исти надлежности има Дирекција за технoлошки индустриски зони и агенцијата за странски инвестиции“, вели Николовски.

Професор Борче Давитковски од Правниот Факултет во Скопје вели дека ситуацијата со институциите мора конечно да се исфилтрира. Додава дека и при промена на власт не можат да ги најдат сите, постојат функционери кои примаат плата а немаат ни седиште, какви се не измислени инспекторати.

„Земете го пример сегметот со водите во земјава, кој ги контролира, имаме министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство кое се грижи за водата, имаме министерство за здравство кое се грижи за квалитетот за водата, имаме сегмент урбанизам кој следи дали некој ги уништува водите со градење при обала, и слично, имаме министерство за заштита на животна средина која што иста така има задача да се грижи, а ние имаме загадени езера, ниту имаме чисти води, нити заштита. Имаме пет до шест министерства да не кажам и исто толку инспекторати а гледате каква ни е ситуацијата со езерата со реките, некои ни се исушуваат. Еве го Мавровското езеро со кое стопанисува ЕСМ а ќе се исуши езерото поради бизнис, каде се еколошките аспекти. Мора да се знае кој за што е надлежен и за може да се лоцира одговорноста во конкретната област“ објаснува Давитковски.

Вистинска реформа бара силна политичка волја за тешки резови

Давитковски вели дека ако се прави вистинска реформа за рационализација на институциите треба да се направи анализа со вкрстени податоци каде се дуплираат и триплираат надлежностите. Втор чекор за вистинска реформа е да се надомести класичната државна администрација каде што има недостиг. Вистинскиот проблем, според него е во јавниот сектор каде што има превработеност на административци кои не се носители на дејноста на соодветниот орган. Тоа се административци во образование , наука, култура , јавни претпријатија или акционерски друштва кои се во државна сопственост каде што половина од нив не се носители на дејноста, со што е потребно филтрирање.

„Но, за ова е потребно силна политичка волја и големи резови, затоа што претпоставувам дека, знаете ние имаме коалициони влади поради кои некои се примени по некој клуч, некои по рамковен договор, и сега некаде каде што навистина се вишок, ќе биде непријатно и ќе биде тешко да се направат длабоки резови, за кој повторувам е потребна силна политичка волја и консензус од политичките партии“ објаснува Давитковски.

Николовски а подоцна и неговиот колега министерот за информатичко општество Јетон Шаќири најавија проект за рационализација на институциите. Спојување и укинување на институции како дел од усогласување со преговорите за ЕУ е задача на министерството за правда и министерството за политички систем во согласност со податоците на министерството за информатичко општество. Шаќири најави дека анализата ќе се изготвува до декември.

Етнички вработувања во приватно - позитивно или недозволиво?

„Ќе има јасен план за спојување и укинување на постоечки институции или за нови институции неопходни, согласно процесот за преговори за членство во ЕУ. Со оглед на фактот што кај голем дел од институциите е детектирано преклопување на надлежностите, бројот на вработени во јавниот сектор ќе се намали“, наведе Шаќири и истакна дека како отворена опција за намалување на вработените во јавниот сектор се пакетите за трансфер во приватниот сектор.

Јулијана Караи истражувач во Институтот за европски политики вели дека Европската комисија се залага за реструктурирање на администрацијата со цел да се направи поефикасна со подобри перфоманси и да постојат јасни линии на отчетност, а за сето тоа е потребна силна политичка волја за да даде оддржливи резултати.

„Реорганизацијата во принцип секако дека ќе се одрази врз превработеноста и ќе ја намали, но тоа не значи дека треба да се иде со отпуштање на администрацијата туку со трансфери и со преквалификација. На пример имаме сектор за туризам во министерство за економија, имаме и Агенција за туризам, вели Караи.

Основната задача на министерствата се креатори на политики, агенцииите имплементираат а инспекциските служби се контролори.

„ Но кај нас некогаш знае сето ова да се измеша, па кретори да бидат имплментатори, и обратно, и целта на ова е да се избегне и да се доведе администрацијата во некаков ред,“ вели Караи.

Старо-нови ветувања на Владата

Според последниот извештај на министерството за информатичко општество во земјава постојат 1324 институции во кои делот на јавниот сектор каде се вработени 132 900 административци. Од вкупно 1.324 институции, 10 имаат само раководно лице, додека во 14 нема ниту раководно лице ниту вработени. Според тоа бројот на институции од јавниот сектор во кои има вработени изнесува 1.300 Административците вработени со рамковниот клуч кои иако не одат на работа добиваат плата се уште не се распределени во други државни институции. Процесот го водат министерствата за информатичко општество и политички системи но временска рамка за нивен транфер сеуште нема.