Покрај сите предизвици пред кои се најдовме во тешката пандемиска година, Македонија успеа да се вброи на листата на земјите во светот каде што успешно се изведуваат трансплантации на органи. За една година се спроведени десет успешни трансплантации на бубрези, четири на срце и една на коски и коскени ткива.
Во исто време пак пациенти се жалат на лошите услови во болниците, на недостиг на средства за работа, па дури и ситуации кога самиот пациент треба да си го купи потребниот лек за терапијата. Хигиената е на ниско ниво, во повеќето тоалети нема сапун ниту топла вода, има стари и распаднати прозорци, расипани апарати...
Ваквиот дисбаланс во македонското здравство може да се надмине само со добро менаџирање на буџетските средства со кои располага соодветната клиника, смета доктор Фадиљ Цана од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
„За среќа во последната година и пол во која се бориме со пандемијата, она што како кадар од Инфективната клиника го побаравме го добивме, но тоа не значи дека и претходните години било така. Јас тврдам дека најважно е како се менаџира клиниката, односно треба тие лица кои се задолжени за тоа, да најдат начин како најдобро да ги искористат буџетските средства со кои располагаат. Сепак, треба да се има предвид и дека ако од Фондот за здравствено осигурување се рестриктивни во однос на средствата кои ни ги пуштаат, нормално дека и да сака организацискиот директор да направи нешто, не може таа да ги создаде. Не за џабе се вели рибата смрди од главата“, вели доктор Цана.
Видете и ова: Сите си тераат свој проект, нов Клинички центар немаЦана додава дека е потребно да се реновираат некои оддели од клиниката, а дел од парите да се инвестираат и во уредување на паркот околу клиниката. Тој е убеден дека дел од промените што се случиле во здравството се само добар ПР маркетинг на власта.
„Сепак тоа не е заслуга на Министерството колку што е би рекол на менаџментот на клиниката. Кога требаше да не стимулираат со една плата повеќе на почетокот на кризата, затоа што бевме најизложени на ризик од заразување, од тие пари се купи апарат за ренген. Наместо тие да ни обезбедат пари за апаратот, земаа од нашите и ни купија апарат“, вели др. Цана
Дека постојат големи разлики во условите за работа и опременоста меѓу државните клиники се согласува и поранешниот министер за здравство Ѓорги Оровчанец.
„Во делот на трансплантациите, секако дека треба да бидат задоволени одредени технолошки услови, а имате и гранки во кои се воведуваат нови оперативни начини. Но, од друга страна имате установи во кои конзервативизмот во работењето е многу поизразен отколку што треба да биде. Во овој период поради ковид ситуацијата малку се работеше“, вели Оровчанец.
Оровчанец вели дека е најважно медицинскиот директор на секоја здравствена установа да направи визија и план за работата на таа установа.
„Нам ни требаат да имаме барем три или четири регионални болници кои ќе пружаат солидна секундарна заштита, а кај нас тоа го нема, се се бута во клинички центар и да има еден клинички центар кој ќе се менаџира од едно место, а не да биде секој дуќан за себе. И бидејќи сме ние мала земја да биде под контрола на некои европски установи кои можат многу да ни помогнат во организационен смисол“, вели Оровчанец.
Нашите соговорници укажуваат на потребата од долгорочна национална стратегија во здравството според која ќе се креираат здравствените политики за следните 15 години со цел да се знае како најрационално да се искористи и кадарот и опремата. Според нив партиските политики во здравството од денеска за утре нема да донесат квалитетни и долгорочни промени во здравствениот систем.