Македонската ЕУ интеграција - неизвесна до крај

Архивска фотографија- македонско и знаме на ЕУ

Се уште е неизвесно дали во декември ќе се одржи првата меѓувладина конференција Македонија-ЕУ поради инсистирањето на Софија прво Скопје да прифати конкретни барања. Според Марко Трошановски од Институтот за демократија, блокадата би влијаела лошо врз граѓаните, но и врз реформската агенда.

На речиси три недели до десетти ноевмри, кога се одржуваат два настани што се очекуваат да бидат клучни за македонскиот пат кон Европската унија, ниту политичарите, ниту аналитичарите не излегуваат со конкретна прогноза дали Софија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција на Скопје со Европската унија. Според претходните планови, таа треба да се одржи во декември и со неа всушност почнуваат преговорите на земјава со ЕУ. Десетти ноевмри пак се смета за клучен датум оти тогаш ќе се одржи и самитот во Софија во рамки на Берлинскиот процес а ќе заседава и Советот на општи работи на ЕУ.

Неизвесноста околу почетокот на процесот во декември ја навестуваат и изјавите и активностите на домашните политичари кои деновиве или одржуваа онлјан средби или заминуваат и во посети со фицичко приустсво.
Премиерот Зоран Заев по онлајн средбите со високиот претставник за надворешна политика и безбедносни прашања Жосеп Борел, со претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел, со претседателот на Европски парламент Давид Сасоли и со еврокомесарот за добрососедство Оливер Вархеји рече дека сите соговорници веруваат дека кон крајот на годинава ќе се одржи првата меѓувладина конференција но нагласи и дека не се отфрла можноста таа да не се одржи тогаш оти одлуките во унијата се носат со консензус од сите земји членки.

Премиерот Заев најави дури и нова можност преку која ќе се надмине пречката за европскиот пат која ја поставува Бугарија, отфрлувајќи ја можноста за нов договор со источниот сосед, но навестувајќи анекс, декларација или изјава.

„Ние имаме одличен договор. Тој беше основа и за Преспанскиот договор. Тоа беа храбри чекори од бугарска и од македонска страна. Не верувам дека постои подобар договор што може да се постигне меѓу македонската и бугарската страна. Постојат соодветни алатки и начини на решавање на ова прашање – со јавна изјава, со писмена изјава, со декларација, со договор, анекс на договор и слично – а да не биде договор на договор“, рече Заев.

Видете и ова: Онлајн средба на Вархеји и Заев

Со него на онлјан средбите беа и министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров.


И според Марко Трошановски од Институтот за демократија ситуацијата е докрај неизвесна, но сепак изгледите дека Бугарија ќе се согласи на преговори на земјата со Унијата се поголеми од тие дека таа нема да се согласи. Но сепак, ако дојде до блокада, Трошановски смета дека таква одлука би била катастрофална.

„Тоа значително ќе го зголеми разочарувањето кај граѓаните, односно сериозно ќе го наруши кредибилитетот на Унијата кој и веќе беше нарушен со Преспанскиот договор и одложувањето на преговорите минатата недела поради француското вето, но и ќе ја наруши реформската агенда на оваа влада“, вели Трошановски.

Минатата година земјава и покрај сменетото име не доби датум за преговори поради инсистирањето на официјален Париз за реформи во преговарачката методологија, што предизвика големо разорачување во земјата, а ВМРО-ДПМНЕ тогаш инистираше на избори до кои дојде летово, откако беа одложени поради пандемијата со коронавирусот.

Најавите од Бугарија

Потоа, во март годинава на седницата на Советот за општи работи на Европската унија од 25 март на која лидерите на земјите членки, по усвојувањето на новата методологија, се согласија на Северна Македонија и Албанија да им се даде зелено светло за почеток на преговорите, Бугарија имаше одвоена изјава.

Во август до земјите членки на унијата кои ја договараа преговарачката рамка за земјава Софија испрати објаснувачки меморандум со кој бара поддршка од земјите членки за својата позиција за македонскиот напредок кон ЕУ, а во него пишува дека Македонците се проект на поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито, дека македонскиот јазик не постоел до втори август 1944 година и е норма на бугарскиот, дека помеѓу 1944 и 1946 година во тогашна Социјалистичка Република Македонија била извршена егзекуција на повеќе од 20 000 луѓе кои се идентификувале како Бугари, а повеќе од 100 000 биле убиени, затворени, пратени во егзил или во концентрациони кампови. Последно минатиот месец бугарската влада испрати коментар на нацрт преговарачката рамка до Советот на ЕУ во кој бара темата добрососедски односи да биде опфатена во првата група, односно во првиот кластер во пристапните преговори кој се нарекува „основи и кој според новата методолигија е најважниот кластер, прв се отвора и последен се затвора.

Алберт Муслиу од невладината организација Асоцијација за демократски иницијативи пак вели дека евентуално вето за напредокот на земјава во ЕУ би им наштетило на двете страни.

„Секако, дека тоа негативно ќе влијае врз односите на двете земји кои почнаа да ги надминуваат некои деценски спорови што ги имаа и мислам дека здравоумните во Бугарија и одговорните политичари ќе увидат дека ова не им оди во прилог ниту на Македонија ниту на Бугарија“, вели Муслиу.

Во мисија и Љубчо Георгиевски

Деновиве и поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, кој во 1999 со неговиот тогашен колега, бугарскиот премиер Иван Костов ја потпиша „Декларација за пријателство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија“ замина во Софија на разговор со бугарските власти.

Видете и ова: Пораки од Софија - решете ги историските прашања за европски пат

Таму Георгиевски се сретна со бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева која неодамна на средбата со нејзиониот македонски колега Бујар Османи порача дека „сега е неопходно од страна на Република Северна Македонија да се признаат историските реалности поврзани со процесот на создавање на новиот национален идентитет“.

Таа беше министерка и 2017 година кога сегашните премиери Зоран Заев и Бојко Борисов го потпишаа Договорот за добрососедство, втор документ меѓу двете земји, по кои не се решија докрај несогласувања.