Македонија има најголем пад на странски инвестиции во регионот во пандемиската 2020 година, покажуваат податоците објавени од Конференцијата за трговија и развој на ОН. Странските инвестиции во регионот во 2020 година се намалиле за 14 отсто во однос на 2019 година, во Македонија падот е скоро три пати поголем. Само Црна Гора успеала да ги зголеми странските инвестиции дури и во пандемијата.
Видете и ова: Дали само пандемијата ги обесхрабрува странските инвеститори?Најмногу инвестиции минатата година влегле во Србија – 3,4 милијарди американски долари, што е намалување за една петтина во однос на 2019, па потоа следува Албанија со 1,1 милијарди долари што е намалување за 14 отсто во однос на годината претходно. Црна Гора има 529 милиони долари, што е 27 проценти повеќе во однос на 2019, падот во Босна и Херцеговина бил 7 проценти и 2020 ја завршувале со 371 милиони долари и Македонија има најмалку – 224 милиони долари странски инвестиции, што е за 38 проценти помалку во однос на годината претходно.
Економскиот аналитичар Арбен Халили, кој беше и директор на Технолошко индустриската развојна зона во Тетово, вели дека е нормално да има пад на странските инвестиции поради пандемијата во целиот свет. Сепак, загрижувачки е што падот во Македонија е толку голем, вели тој.
„Политичката стабилност е и секогаш ќе биде клучен фактор за привлекување странски инвестиции. Не е нешто што треба да се занемари проблемот со кој се соочивме со Бугарија, нешто што беше проблем и претходно со Грција и секако дека тоа за жал, како политички фактор, во таа голема економска слика кај другите потенцијални инвеститори влијае и секако дека тоа треба да се земе предвид“, вели Халили.
Тој посочува дека Македонија не може да се споредува со Србија затоа што е многу помал пазар и нормално е повеќе инвеститори да сакаат да дојдат во поголема земја. Албанија и Црна Гора, пак, имаат предност со тоа што имаат голем туристички потенцијал на крајбрежјето.
„Стратешки политики, па некогаш ако треба и да се ревидираат и овие политики за привлекување странски инвестиции и тоа да се направи, иако и сегашните политики кои ги има владата, и сегашната и претходната, реално се многу подобри од многу други земји во регионот, но на странските инвеститори, според моето искуство од седум години работење со странски компании, со странски инвеститори, покажува дека политичката стабилност е многу поважна од економскиот интерес“, вели тој.
Видете и ова: Економска дипломатија за вдомување партиски кадри?Директорот на Агенцијата за странски инвестиции Дејан Павлески на панел дискусија за перспективите на странските инвестиции минатата недела рече дека странските директни инвестиции на светско ниво континуирано опаѓаат од 2015 и сега се на најниско ниво, на ниво од 90-тите години од минатиот век. Во Македонија, спротивно на тоа, инвестициите растат, рече тој.
„Во 2020 се случи пад од 40 проценти во однос на 2019, што е подобар резултат од она што се случуваше во светот, во развиените економии и економиите во транзиција коишто бележеа пад од 58 проценти. Мислам дека е интересен податокот дека во 2020 година, нивото од 206 милиони евра странски директни инвестиции беше повисоко за 15 проценти од она што беше во 2017 година, што навистина дава една перспектива дека и немало толку црни сценарија во однос на странските директни инвестиции“, рече Павлески.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ критикува дека ниското ниво на странски инвестиции се должи на неспособноста на владата.
„Да потсетиме дека СДСМ и Заев пред да станат власт фрлаа дрва и камења по индустриските зони и странските инвеститори, за сега тие да бидат единствената светла економска точка која спречува целосен крах поради неодговорната власт на Заев“, реагира опозициската партија.