Задоцнето јавување на лекар, коморбидитети и невакцинирани пациенти. Во овие три фактори лекарската фела ги гледа главните причини за големата смртност од ковид 19 во земјата, во која бројката на починати за едно деноноќие достигна до 32 пациенти.
За разлика од Македонија, иако во соседните земји исто така расте бројот на заразени од новиот делта сој на корона вирусот, сепак процентот на смртност на дневна основа не е толку висок. Па така на пример, во Бугарија во која има 7 милиони жители за едно деноноќие починале 33 лица, а во Грција која има пет пати повеќе жители од Македонија, во истиот ден починале 32 лица. Во истото деноноќие Србија има 8 починати, Албанија двајца, а Косово 13 починати од компликации од ковид 19.
Видете и ова: Корона парадокс – Зголемени платите на текстилците, намалени на фармацевтитеПотребна е анализа на здравствениот систем
Потребна е детална анализа за да се утврди точната причина за високата смртност на пациенти од ковид во земјава, вели доктор Злате Мехмедовиќ, докторант по јавно здравје кој работеше и во Ковид центарот на интерните клиники.
„Треба да се направи длабока анализа на здравствениот систем којшто ги третира клиничките пациенти за да се види од кои причини починуваат. Да, точно е дека доцна се јавуваат на лекар, и имаат коморбидитети, но тоа е ситуацијата секаде во светот. Дали треба да се направи еден унифициран протокол за да може да се унифицира и третманот на болеста? Да. Тоа е една од работите која подолго време се обидуваме да ја афирмираме и да биде прифатена не само кај лекарската фела, туку и во Министерството за здравство кое треба да донесе одлука за практикување на некоја медицина базирана на докази и да се донесе соодветен протокол“, вели доктор Мехмедовиќ.
И од Министерството за здравство велат дека во најголемиот број случаи пациентите многу покасно се јавуваат на лекар, односно бараат лекарска помош откако ќе им се влоши здравствената состојба. Другата причина додаваат, е тоа што истите тие пациенти имаат по неколку тешки заболувања. Токму затоа оттаму апелираат пациентите кои имаат коморбидитети да не чекаат и побрзо да се вакцинираат, за да ги спречат можните компликации во случај да се заразат.
Во меѓувреме, бројот на пациенти заболени од ковид 19 повторно ги наполни инфективните одделенија во болниците низ државата.
Видете и ова: Вакцинација, протести и лажни вести - секој со свое оружјеДиректорката на инфективната клиника во Скопје Милена Стевановиќ деновиве изјави дека сите починати на клиниката имале тешки болести и дека ниту еден од нив не бил вакциниран. Сепак таа додава дека тешка клиничка слика се забележува и кај помладите пациенти, кај кои не се забележани тешки заболувања.
„Овој вирус досега е најразорниот и најмоќниот, со сериозно тешки клинички слики, и кај помладите кај кои не бележиме или барем не знаеме дека постојат сериозни коморбидитети кои би биле и образложение за развој на тешка клиничка слика кај ковид 19,“ изјави доктор Стевановиќ.
Според податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години.
„Од починатите, кај 4.193 (73,6% од лицата за кои има податок) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест, дијабет и белодробна болест“, стои во извештајот на ИЈЗ.
Во периодот до 22 август период регистрирани се шест смртни случаи кај бремени жени и 31 смртен случај кај здравствени работници. Според последните податоци на Министерството за здравство, заклучно со вчера вкупниот број на починати е 5.755.
Психолошките последици од пандемијата и стравот од тоа дека сте заразени и имате сериозна болест е една од причините пак за задоцнетото барање лекарска помош, смета доктор Мехмедовиќ и ја истакнува важноста од имунизацијата за полесно справување со вирусот.
„Релевантнa е студијата на CBC која вели дека невакцинираните имаат 24 пати поголема можност од смртен исход отколку вакцинираните. Што значи дека статистики прецизирано, низ квантитативни методи е утврдено дека стапката на смртност е значително поголема кај невакцинираните и можеби и тоа дополнително треба да се додаде на причините зошто во нашата земја има зголемена смртност“, вели Мехмедовиќ.
Видете и ова: Светот е далеку од имунитет на стадо и покрај дадени 5 милијарди дози вакциниМладите на удар на Делта сојот
Лекарите предупредуваат дека бројката на заболени од делта сојот кои се на домашно лекување, а се на возраст од 18 до 49 години е многу поголема и кај нив се јавуваат посериозни компликации во многу порана фаза од болеста со што се потврдува тезата дека овој вирус повеќе не е вирус кој ги напаѓа само возрасните со коморбидитети, туку и помладите кај кои е забележано побрзо влошување на клиничката слика.
Најголем број починати на дневна основа од почетокот на пандемијата, имаше на 7 ми април кога беа забележани рекордни 51 смртни случаи.
Првиот починат пациент беше 57 годишна жена од Куманово, а најмладата жртва бебе кое на барање на родителите, со авион беше транспортирано во Швајцарија. Бебето кое почина на 30 мај, претходно беше хоспитализирано на Детската клиника и имаше позитивен резултат на Ковид-19.