Шефовите на Европскиот совет и Европската комисија Шарл Мишел и и Урсула фон дер Лајен на состанокот во Брисел изразија желба за што потесни врски со земјите од Западен Балкан со цел Европската унија да го зачува кредибилитетот откако неодамна беа одложени надежите за членство на Северна Македонија и Албанија.
Во октомври лани на Скопје и Тирана им беше кажано дека тоа ќе биде така се додека не се реформира Унијата. Тогаш Франција, поддржана од Данска и Холандија, стави вето на отворањето на пристапните разговори меѓу Европската унија и двете земји.
Видете и ова: Маричиќ - Ние го заслуживме датумот, сега одговорноста е на ЕУ
Пред клучниот самит на Унијата за Западен Балкан, планиран за мај во Загреб се зголеми загриженоста дека ако Унијата не го отвори процесот, тогаш неколку земји во стратешки важниот балкански регион би можеле да се свртат кон Русија и Кина.
Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров по состанокот во Брисел наведе дека Унијата мора да има јасна политика во регионот:
„И за мојата земја, по чекањето на толку многу генерации, 15 години земја-кандидат, 11 години од првата препорака за почеток на разговорите, секогаш беше спорот за името. Го решивме, имаме многу добар случај на агендата за реформи дома, и мислам дека да не се каже „да“ за зелено светло за Северна Македонија во март е во суштина да се каже „немаме политика за регионот“, за регионот што е сред Европската унија“.
Видете и ова: Минхенска безбедносна конференција и предизвиците за Западот
Српскиот претседател Александар Вучиќ пак смета дека е најважна регионалната соработка:
„Регионалната соработка ќе биде охрабрена. Во таа рамка, сметаме дека е многу важно да ги подобриме нашите односи во рамките на „мини-шенген“. Мило Ѓукановиќ, претседател на Црна Гора која како и Србија веќе ги има почнато преговорите со Унијата оцени дека новата методологија е прифатлива:
„Тој модел претендира да понуди подобро темпо и подобра транспарентност за процесот на проширување и во исто време да ја истакне нејзината политичка димензија наместо сегашната административна“.
Претседателот на Косово Хашим Тачи запрашан за можен договор со Србија пак рече:
„Повторувам: конечниот договор може да се постигне само со водечката улога на претседателот Трамп и администрацијата на САД. Сè уште не гледаме единство меѓу земјите на ЕУ во овој процес“.
Андреј Пленковиќ, премиер на Хрватска која е пртседавач на Европската унија изјави дека промената на методологијата за проширување влијаела врз Франција веќе да не му се противи на тој процес, но оти сега треба уште да се уверат Холандија и Данска.
Тој додаде дека очекува до крајот на март да се заокружи и усвои ставот на Унијата за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија.