Одредени сигнали кои ги даваат некои членки на Европската унија, но и Брисел, влеваат оптимизам дека е можно да се реши спорот со Бугарија, вели поранешниот прв амбасадор на Македонија во Грција и сега претседател на Советот на амбасадори, Љупчо Арсовски. Тој, сепак, смета дека поради актуелната состојба, тешко ќе биде решавањето на спорот меѓу двете земји.
„Бугарија даде вето, чинам дека по втор пат не би можела да даде вето, тоа би било премногу сериозно“, вели Арсовски во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.
Скопје и Софија потпишаа Договор за добрососедство во 2017 година, но односите меѓу двете земји беа нарушени откако Бугарија во декември минатата година ја блокираше Македонија да ги почне преговорите за членство со Европската унија.
Во меѓувреме, дипломатската реторика беше заострена. Меѓу изјавите на официјална Софија се барања Македонија да признае бугарски корени, додека македонската Влада тврди дека нејзините црвени линии се идентитетот, јазикот и националноста.
Стојко Стојков, копретседател на здружението на Македонците во Бугарија ОМО Илинден Пирин, пак, смета дека колку повеќе се молчи, толку повеќе вели им се дава право на бугарските политичари да настапуваат со агресивни изјави.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Оптимизмот на Арсовски за решавање на спорот е поради ставот на Брисел дека прашањата меѓу двете земји треба да се решаваат билатерално.
На прашањето дали македонската дипломатија стори се за да биде одбегната блокадата од Бугарија за почеток на преговори со ЕУ, Арсовски вели дека Македонија имала задоцнет и „многу чуден“ одговор на бугарското вето.
„Додека кај нас се бруеше дека е готово одржувањето на првиот меѓувладин состанок со Европската унија, со датуми и часови, во Бугарија неколку месеци претходно парламентот ја донесе таа позната декларација – документ на Собранието. Врз основа на тој документ, Владата на Бугарија изготви меморандум кој им го подели на земјите на ЕУ. Ние дознавме дента кога тој почна да се дели“, вели Арсовски.
Арсовски коментира и за потегот од изминативе денови на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов. Според Арсовски, изјавите на Каракачанов ја одразуваат сликата за актуелната состојба меѓу двете земји. Имено, Каракачанов во честитка за 8-ми март на својот официјален профил на Фејсбук сподели мапа на санстефанска Бугарија, во која влегува и територијата на денешна Македонија. Ваквиот потег македонските власти го оценија како „отворено кршење на Договорот за добрососедство.“
„Бугарија настојува сите работи кои ние едноставно ги премолчуваме, да ги третира како напад. Новинарски или било кој коментар се третира како напад врз Бугарија, како напад врз политиката. Такви работи има во целиот свет, такви работи имаше и во Грција кога бев амбасадор. Новинари пишуваат, а тоа не е став на државата, тоа не е став кој го дава Владата, а овде имате изјави на актуелен министер за одбрана и на актуелен министер за надворешни работи“, вели Арсовски.
Тој додава дека со тоа што бугарските власти бараат свое малцинство во Албанија и во други земји каде има македонско малцинство, е поради тоа што сметаат дека нивната санстефанска Бугарија граничи со тој регион, вели Арсовски.
„Кој не го разбра тоа, не може да ги сфати и настапите на бугарската дипломатија, со подароци, со делење на бугарски државјанства, ветувања за пасоши и т.н. Сето тоа се елементи кои ви ја даваат точно сликата за актуелната состојбата меѓу двете земји, која не може така лесно да се реши“, вели Арсовски.
Инаку, официјални бугарски претставници често пати изјавуваат дека блокадата за почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ е поради говор на омраза против Бугарија. Исто така бугарското Министерство за надворешни работи тврди дека македонската страна го прекршува договорот низ формулациите за историјата и јазикот, но има и забелешки за работата на заедничката историска комисија и поддршката за признавање на македонското малцинство во Бугарија.