На 29 октомври со присуство на премиерите на Македонија и Бугарија и со многу други гости беше одбележан почетокот на изградба на две делници на Коридорот 8, со кои продолжува реализација на проектот кој започна пред 28 години. Станува збор за вкупно 65 километри. За третата делница од 24 километри се подготвува тендерска документација. Не, не е стара вест од пред неколку децении.
„Не верувам дека пругата кон Бугарија ќе биде завршена ниту во следните 30 години“, вели Благоја Јакимов, кој речиси целиот работен век го поминал во трасирање на железничката пруга кон соседната земја.
„Со години, политичарите, на пругата само поставуваа подиум за сликање“, вели Јакимов.
Кога ќе снемаше пари, работите за изградба стопираа, а кога пак ќе отидевме на терен и тоа сработеното беше разграбано, додава тој.
„Шините беа исечени, си ги однеле тие што продаваат старо железо, праговите беа однесени“, раскажува Јакимов.
Пругата кон Бугарија е проект рекордер ветуван од сите политичари во нивните изборни програми.
Војната на клубовите ги раздалечува народите
Затоа, пак, културни клубови нагло почнаа да никнуваат, кои се се, само не клубови кои ги зближуваат Македонците и Бугарите, туку, напротив, само предизвикуваат дополнителни тензии. И повторно, политичарите, играјќи на картата на патриотизам, се обидуваат да ќарат по некој политички поен.
Постоењето и отворањето на вакви клубови е демократско право и тоа никој не со спори, велат историчари и комуниколози со кои разговаравме, но тие укажуваат дека ефектот од нив во моментов е продлабочување на проблемите во односите меѓу Македонците и Бугарите.
Проблемот меѓу двете земји е многу подлабок и трае долго низ историјата, иако сегашната официјалната политика меѓу двете земји не е таква, вели универзитетската професорка Мирјана Малеска.
Каква ќе биде разврската во спорот меѓу Русковска и Муареми?
И, додека се занимаваме со „патриотски прашања“, домашниот криминал и корупцијата, обвинителствата, судовите... не се топ приоритети. Изгледа, како сите политички елити да се вплеткани во мрежата, па никој не е заинтересиран за отплеткување. А, има бааги за отплеткување.
Борбата против криминалот и корупцијата е реченица која често се слуша и од претставниците на Владата и од меѓународната заедница. Но, дамка на таа борба неодамна остави и битката на првите луѓе на двете најважни институции во државата надлежни да гонат криминал и корупција- Управата за финансиска полиција, чиј шеф беше Арафат Муареми и Обвинителството за гонење организиран криминал, предводено од Вилма Русковска. Русковска доби суспензија, а Муареми се повлече од функцијата.
Дали и кривично ќе одговараат ќе покажат постапките кои се водат во обвинителството. Муареми се товари за примање награда за противзаконско влијание. Русковска за злоупотреба на службената должност и овластување и фалсификување исправа.
„Предметот за кој покажувате интерес е во предистражна постапка и по истиот активно се постапува“, е најчестиот одговор од Обвинителството. И толку.
Партиите во континуирана предизборна кампања, а абер нема од избори
Затоа, пак, политичарите, и од власта и од опозицијата, се растрчаа на трибини и средби со граѓани, како да се во предизборна кампања, иако велат дека избори сега нема да има. Но, за секој случај.
Во владејачката СДСМ велат дека предвремени избори се повеќе луксуз отколку потреба, но тоа не ги спречува премиерот и лидер на СДСМ и високи партиски функционери речиси секојдневно да организираат партиски трибини во земјава.
И во ВМРО-ДПМНЕ исто така се растрчани на партиски настани речиси секој ден. Тие со месеци бараат предвремени избори, но проценката им е, како што велат, дека во моментов граѓаните имаат други приоритети.
Е, тие други приоритети, стојат заглавени во Парламентот, кој почесто е блокиран отколку што работи.
„Јас не ве разбирам, зошто го правиме ова? Опозицијата ќе стане позиција и истите проблеми ќе ги има. Дајте одвојте ги, направете посебни седници за политички прашања и посебни за економски, не блокирајте се на куп. Ова не можеме да го издржиме“, рече бизнисменот Антони Пешев на 31 октомври во обраќањето на Националниот Совет за евроинтеграции во Собранието.
Состојба на готовност, што и да значи тоа
Во комшии, на Косово, малку, малку, па тензии, кои, читајќи ги некои од српските медиуми, па и изјави на политичари, само што не прераснале во војна. Овој пат, за регистарските таблички, односно за одлуката на властите во Приштина дека сите возила на Косово мора да се регистрираат со ознаката РКС (Република Косово). Косовскиот премиер Албин Курти не ја прифати сугестијата од меѓународната заедница за повторно одлагање на оваа мерка, а во Белград беше соопштено дека претседателот Александар Вучиќ издал наредба српската армија да биде во состојба на готовност.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Воопшто да не ви е гајле што ќе речат другите
Тоа е пораката на дваесегодишниот Андреј Димоски кој студира на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, танцува веќе 15 години, а последниве 5 години професионално се занимава со танц. Фокусиран е на спортски танци кои се играат во танцови двојки и вели дека на патот до бројните медали имал пречки од предрасуди, но научил како да ги заобиколи и да продолжи да го следи својот сон.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Почитувани, тоа е се за оваа седмица. Можете да ме контактирате на мејл: nakevl@rferl.org. Сите сугестии, предлози и забелешки се добредојдени.