Македонија, Албанија и ЕУ – Заедно или одвоено

Седиштето на Канцеларијата на ЕУ во Скопје.

Со блокадата на македонските евроинтеграции од страна на Бугарија, сè погласни стануваат најавите за можно раздвојување на Македонија и Албанија на европскиот пат. Многумина аналитичари го сметаат раздвојувањето за безбедносно прашање. Поранешниот дипломат Мухамед Халили смета дека двете земји ќе ги почнат преговорите заедно, но напредокот ќе зависи исклучиво од самостојните постигнувања.

Барањата за раздвојување на Македонија и Албанија се логични и очекувани, со оглед на тоа што Тирана не сака да ја дели судбината на Македонија која е блокирана од Бугарија поради историски прашања. Сепак, тоа раздвојување може да има и безбедносни импликации за целиот регион, и затоа е неизвесно како ќе се однесуваат европските земји, вели Симонида Кацарска од Институтот за европски политики.

„Албанската влада во почетокот на оваа ситуација беше доста воздржана, но јасно беше дека доколку проблемот продолжи, тие ќе бидат се погласни во контекст на одвојувањето, што не значи дека ќе биде прифатено од сите земји членки на ЕУ, кои допрва треба да видиме како ќе се постават. Несомнено таквиот развој не е поволен и има безбедносни прашања коишто треба да нè загрижат во тој контекст и во контекст на пошироката приказна во целиот регион и во тој случај тоа раздвојување не би одело во прилог на стабилизација на регионот, иако од друга страна ние сме членка на НАТО и во принцип би требало да извезуваме стабилност, но со оглед на состојбата во регионот, тоа веројатно не е гаранција“, вели Кацарска.

Видете и ова: Деблокирање на преговорите клучни за стабилноста на регионот

Претседателот на Советот на амбасадори Мухамед Халили посочува дека раздвојувањето нема да се случи пред почетокот на преговорите. Двете земји, заедно ќе ги почнат преговорите за членство во ЕУ, но понатамошниот напредок во евроинтеграциите ќе зависи од секоја земја поединечно, вели тој.

„Првата одлука ќе биде да се ослободат двете земји да одат по сопствен пат. Тоа е еден извесен компромис кој ќе им овозможи и на Македонија и на Албанија да одат според сопствените заслуги. Сè додека не се дојде до тоа, тоа е тешко, но понатамошниот тек мислам дека ќе биде уште потежок и уште потрнлив, затоа што треба да дадеме резултати на секое поле, а ветото, не само на Бугарија, туку и на секоја друга држава членка, останува како потенцијал“, вели Халили.

Македонија и Албанија се врзани на патот кон ЕУ, така што ако една држава е блокирана, автоматски е блокирана и другата. Во овој момент македонските евроинтеграции се блокирани од Бугарија поради спор за историјата, па поради тоа е блокирана и Албанија.

Албанскиот премиер Еди Рама пред Нова година рече дека ако Бугарија продолжи со ветото за Македонија, тогаш двете земји треба да се раздвојат на европскиот пат, затоа што „Тирана нема намера до недоглед да зависи од волјата на Софија“. Сепак, албанскиот претседател Илир Мета при посетата на земјава пред неколку дена рече дека не сака Албанија да се одвои од Македонија на патот кон ЕУ, но дека двете држави треба да ги зголемат напорите на тој пат. Тој додаде дека треба да се најде решение за спорот меѓу Бугарија и Македонија, но дека билатералните прашања не треба да бидат пречка за пристапување на некоја држава кон ЕУ.
Многумина западни дипломати се противат на раздвојувањето, а дел од аналитичарите го сметаат и за безбедносно прашање, затоа што ако Албанија напредува, а Македонија остане заглавена во евроинтеграциите, тоа може да предизвика незадоволство кај Албанците од Македонија.

Сепак, претседателот Стево Пендаровски, во новогодишното обраќање пред пратениците, рече дека дури и пролонгираното статус кво во евроинтеграциите нема да предизвика дестабилизација на земјата.

Инаку, земјата е кандидат за членство за ЕУ од 2005 година. Преговорите не се почните најпрвин поради блокадата од Грција која се надмина со Преспанскиот договор во 2017, а потоа и со блокадата од Бугарија поради историски прашања.