Околу 900 парцели, со вкупна површина од над два милиони метри квадратни, со одлука на поранешната Влада на премиерот Никола Груевски е дозволено од ниви, ливади и пасишта да станат градежни парцели во Маврово. Одлуката со потпис на Груевски пред речиси десет години го отвори патот за „раст на бетонската џунгла“ со големина на 280 фудбалски игралишта во мавровскиот крај. Со тоа е дозволено во планински предел да се изгради нешто што има големина од половина скопска општина Чаир.
Оваа одлука е во сила од 2014 година кога во Агенцијата за Катастар почнува трансформацијата на дел од тие 900 парцели во планинскиот предел во градежно земјиште. Според владината одлука, од вкупната површина околу 1,5 милиони метри квадратни отпаѓа на земјоделско земјиште на кое ќе може да никне објект.
Оттогаш, ниту локалната, ниту централната власт, иако ветуваа пред избори, не и застанаа на патот на бетонизацијата на Маврово, со што личните интереси и натаму се над јавниот интерес, заштита на Националниот парк Маврово (НП Маврово).
Како стана Маврово бетонска џунгла ?
- Одлука за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште
- Децениско оддолговлекување на репрогласување на Националниот парк
- Општинските власти „слободно“ потпишуваат дозволи за градби
- Често искористување на законската можност - дооформување на парцела
- Нема План за управување со НП Маврово по кој ќе делува институцијата „Национален парк“
Во Министерството за животна средина прашавме - Дали планира да бара од Владата да се поништи оваа одлука со која се овозможува проширување на градежната зона во Маврово. Оттаму велат дека од Секторот за природа до сега не е побарано и изготвено стручно мислење, а Урбанистичкиот план за Маврово веќе е донесен и земјиштето има статус на градежно. Одговорноста ја префрлаат кон Општината.
„МЖСПП нема ингеренции да поништува Урбанистички планови. Одговорот треба да се бара од општина Маврово и Ростуше“, велат од Министерството.
Градоначалникот на Општината Маврово - Ростуше, Медат Куртовски, во писмениот одговор тврди дека постапува според Законот и според донесениот Урбанистички план во 2015 година, но наместо директен одговор зошто има експанизија на бетонизацијата во село Маврово, добивме насока одговор да бараме од Секторот за урбанизам во Општината, со која тој раководи.
Во одговорот се вели дека од Општината постапуваат согласно Урбанистичкиот план од 2015 година за кој биле издадени сите потребни согласности.
„Пред да даде согласност Министерство за транспорт и врски, Урбанистичкиот план го содржеше сите согласности- позитивни мислења од државни институции како Агенција за државни патишта, ЕЛЕМ, Министерство за животна средина меѓу кои и Јавна установа Национален парк Маврово“, се вели во одговорот од Општината.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Одлуката со потпис на поранешниот премиер Груевски сè уште е на сила и заедно со одлуката на сегашната власт да не ги дефинираат новите граници на градежните зони во Националниот парк Маврово, им остава „слободни раце“ на локалните власти да потпишуваат дозволи за градби во Националниот парк Маврово.
Прашањето за репрогласувањето на „Националниот парк Маврово“, кој е прогласен уште во 1949 година, веќе цела деценија се растегнува меѓу институциите. Можна разврска, според последниот потпишан меморандум до кој дојде РСЕ, е најавена за најрано догодина.
Кога почна да расте „бетонската џунгла“ во Маврово ?
Откако во 2013 година Министерството за животна средина и Националниот парк Маврово започнаа преговори и анализи за границите на заштитените зони во кои ќе биде забрането градење на секакви објекти, меѓу кои и мали хидроцентрали, на 14 јануари 2014 година на владина седница екс премиерот Груевски потпиша одлука со која се дозволува трајна пренамена на околу 900 парцели со пасишта, ниви и ливади во градежно земјиште.
Дел од тие парцели кои ги разгледавме, во државните хартии се впишани како пасишта или ливади, но кога проверивме на терен наидовме на шуми. Според последните информации до кои дојде Радио Слободна Европа само во период од 2016 до 2022 година Општина Маврово издала 128 дозволи за градба од кои 86 се издадени на физички лица, додека останатите 42 се на правни лица. Само во изминатата 2022 година од Општината биле издадени 26 дозволи за градби, а од почетокот на оваа година се издадени нови четири дозволи за градба кои процедурата ја започнале лани.
Овие податоци ги проверивме и на терен. Првата слика што ја забележавме при нашата посета на Маврово беа наредени вили како становите во Дебар Маало, со поглед во собата на соседот наместо кон планината.
До речиси секоја втора дрвена куќарка изградена пред повеќе од три децении, никната е нова бетонска зграда или луксузна вила. Пролетниот мир на планината, беше заменет со звуците на багерите и чеканите. Работници беа единствените кои се шетаат по мавровските улици во работниот ден кога го посетивме Маврово.
Забележавме дека „бетонската џунгла“ се шири и кон шумата, но и кон самото езеро кое од година в година е се помало. Со години во Маврово на ниви и пасишта никнуваат хотели, куќи и згради. Со тоа неповратно се нарушува и онака деликатната рамнотежа меѓу развојот и зачувувањето на заштитеното подрачје.
Децениското развлекување на репрогласувањето на Националниот пак Маврово, со кој е предвидено да се утврдат границите на трите зони во паркот, и натаму ја држи ширум отворена вратата за „инвеститорите“ кои си докупуваат од државата- шума на терен, а градежна парцела на хартија.
Барајќи ги сопствениците на дел од парцелите со шуми, разгледавме десетина историјати на движење на имот од Агенцијата за Катастар. Меѓу нив беа и на некои познати личности од македонската политика.
Камчев и Панделески му се соседи на Шилегов во Маврово
Во идиличното планинско село сместено на падините на планината Бистра, луксузни вили или земјиште поседуваат и политичари, поранешни министри, градоначалници и контроверзни бизнисмени.
Поранешната министерка за одбрана Радмила Шеќеринска и нејзиниот сопартиец поранешниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов се само дел од неколкуте познатите имиња кои ја делат оваа ексклузивна населба со локалните жители.
Според податоците кои ги добивме од Агенцијата за Катастар, Шилегов својата викендичка ја купил од градежната фирма на Борис Змејковски, поранешен функционер од ВМРО-ДПМНЕ. На таа парцела има два објекта. Шилегов едната викендичка ја купил во април 2018 година, додека неговиот сосед автомобилистот Виктор Давидовски, со кој ја делат сопственоста на парцелата, ја купил втората во мај истата година, покажуваат податоците од Катастар.
Историјата на движење на имот покажува дека парцелата од илјада метри квадратни која е на самиот брег на езерото со денационализација од плодно земјиште станала градежна парцела во 2012 година. Објектите, односно викендичките ги легализирал нивниот соственик во тоа време - градежната фирма во сопственост на Борис Змејковски.
Веднаш до овие две викендички, во комшии се и парцелите на контроверзините бизнисмени Јордан Камчев и Дејан Панделески, познати по предметите на поранешното Специјално јавно обинителство. На терен тоа изгледа како исушена земја откако се повлекло езерото. Само железната ограда околу парцелата укажува дека тоа е нечиј приватен имот.
И двајцата се познати во јавноста по дел од предметите на поранешното Специјално обвинителство. Камчев одлежа затворска казна откако призна вина за случајот Империја, во кој е обвинет и таткото на Дејан, Цветан Панделески доминантен сопственик на Земјоделско - индустрискиот комбинат „Пелагонија“.
Камчев си купил пасиште од 1500 метри квадратни со поглед на езеро во ноември 2013 година, само неколку месеци пред одлуката на Груевски со која и оваа парцела станала градежно земјиште. И Панделески го направил истото со соседната парцела од 1440 метри квадратни.
Две години подоцна Камчев и Панделески од државата си докупиле градежно неизградено земјиште од 748 метри квадратни. Според историјатот на движење на имот, оваа парцела што ја делат Камчев и Панделески по идеална половина, пред да ја купат од државата, од 1979 година до 1993 била во приватна сопственост, а потоа преминала во владение на хидроцентралата Маврово (Хец Маврово).
До тогаш вештачки создаденото езеро е до максималните граници. По 2010 година според архивата на дел од македонските медиуми водостојот почнува да се намалува.
Според документите од Катастар во 2016 година со решение на Управата за имотно правни работи – Гостивар се одзема корисничкото право на Хец Маврово за дел од брегот односно за таа парцела, по што Камчев и Панделески го склучуваат договорот за отуѓување на градежно земјиште.
Како шуми и ливади стануваат приватни градилишта
Интересен податок е што нотарот кај кого Камчев го склучува купопродажниот договор за првата парцела која ја купува од жител на Маврово е Тасим Саити. Тоа е нотар од Гостивар кој според други документи од Катастар се покажува дека преку судски процес станал сопственик на пасиште од 2 569 метри квадратни заедно со Имер Саити. Кога ја побаравме оваа парцела на терен, наместо трева наидовме на дабова шума.
Во дел од парцелите кои ги разгледавме, забележавме како државно земјиште со големина од 43 илјади метри квадратни пасиште, во 2009 – та година се расцепкува на 11 парцели. Пет од нив станале градежно неизградено земјиште, на две од нив „никнале“ згради, на две од нив има мали гаражи заведени во Кастастар. На дел од расцепканите парцели, пак, меѓу две приватни парцели една си останала државна со големина од 4 илјади метри квадратни. Сопствениците на дел од овие парцели се најчесто жители од Гостивар и Дебар.
На пример парцелата 1628/1 со големина од речиси 500 метри квадратни во 2017 година државата му ја продава со непосредна спогодба за откуп на градежно изградено земјиште на Сакири Фуат. По што тој ја препродава на Рољанд Војника и Арбан и Ардиан Пашоли, сожители на потпретседателката на ДУИ Арбана Пашоли од Дебар. Нивниот плац со дооформување на парцела пораснал на 1736 метри квадратни.
На терен здогледавме изградена карабина веднаш покрај патот која гледа кон езерото. Според имотен лист од Кастар на хартија ова е пасиште, иако на терен се гледа почната градба на карабина. Според неофицијалните податоци од Општината кои ги добивме, отпочната е постапка за легализација.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во ноември минатата година отвори предмет за тоа како никнала цела дива луксузна населба на државно земјиште на територијата на Националниот парк Маврово до популарниот туристичко-угостителски комплекс „Кораб Трница“. Истражувањето на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) покажа дека помошник министер за внатрешни работи и роднини на пратеничка се дел од граѓаните кои прво изградиле, па си ги легализирале вилите.
Од Општината ги демантираат тврдењата на жителите дека не постапуваат по пријава на жителите за новоизградени дивоградби. Тврдат дека излегуваат на терен, составуваат записник и носат решение дали за прекин или за остранување на градбата, арно ама тоа тука застанува.
„Во постапките недостасува реализација, бидејќи Општината нема избрано правен субјект за реализација на решенијата за отстранување, од причина што на распишаните јавни набавки за избор на ваков правен субјект не се јавува никој“, признаваат од Општината.
Советникот во Општината, Ристо Поповски од ВМРО-ДПМНЕ, обвинува дека токму со Урбанистичкиот план од 2015 година донесен зад, како што вели, „полузатворени врати“ се овозможило ширење на градежната линија во Маврово.
„Овде се дешава еден октопод, во кој сите се замешани не може некој без некој, се е тоа врзано, а како идат тие процеси гледате и сами што се случува на терен“, вели тој.
Со Законот за легализација се овозможи дивоградбите изградени пред 2011 година да станат легални објекти. Последните објавени податоци од Општина Маврово - Ростуше покажуваат дека само до 2016 година пристигнале 4 500 барања за легализација на објекти во 42 населени места на територијата на Општината.
„Спас за Маврово“ - Урбаната мафија е во спрега со политичари
Селото не може да ги исполни желбите на новопечените богаташи што се обидуваат да го бетонираат Маврово, вели Верица Илиќ. Таа својот имот во Маврово го купила во 1976 година кога имала само 26 години, а сега на 74 преку здружението што го основала „Спас за Маврово“ се обидува да го спаси од, како што вели, немилосрдната бетонизација“. Таа бара од Уставниот суд мораториум на градбите во „нејзиниот рај“. Според неа, проблемот лежи во „урбаната мафија која не дискриминира по политичките бои“.
„Овде владее урбаната мафија, точно на чело со ДУИ и СДСМ и нивните коалициони партнери и плус луѓе од ВМРО-ДПМНЕ кои се заедно со сегашните раководства. И такви ги има. Ние имаме информации за се. Па после се чудиме зошто ни се закануваат. Па ќе ни се закануваат и мене и на останатите членови на иницијативниот одбор“, вели Илиќ.
Се жали дека дочекала на старост да се справува со заканувачи на телефон поради нејзините обиди да го заштити Маврово од „бетонски узурпатори“.
„Ми се закануваат, ми ѕвонат од непознат број, понекогаш сред ноќ ми тропаат на врата, меѓутоа не само мене, и се закануваат на мојата соработничка, затоа што ние се бориме, сликаме и пријавуваме, но од тоа наше пријавување нема резултати. Како да ви ја опишам заканата, ‘пази бабо што правиш’ ми велат, а јас сум на возраст од 74 години и јас сум иницијатор за спас на Маврово“, вели таа.
Мавровчани тврдат - Државното земјиште купено по едно евро се препродава од 100 до 150 евра за квадарт
Градежната експанзија во Маврово секојдневно им носи проблеми на малкуте жители кои овде ги поминуваат пензионерските денови, како 84 годишниот Темелко Бошковски. Тој се сомнева дека за дел од парцелите во неговото соседство во Маврово се направени коруптивни зделки.
„Исто така има и државно земјиште кое им е дадено на приватни лица, за многу евтина пара, да речеме за едно евро квадрат, а тие го препродаваат за 100 до 150 евра квадрат, тоа е не сразмерно. Неодговорно, нема план колку може да издржи тој капацитет на вода, струја, инфраструктура па да даваат дозволи“, се жали Бошковски.
Како пример го посочува соседниот имот, кој до неодамна бил во сопственост на државата.
„До приватното земјиште, си докупи државно и направија 10 викендици. Гледаме дека граѓани купуваат од државата, затоа што ЕЛЕМ се откажало и општината го продава, еве до мене се продаваат 10 викендици по 100 евра за еден квадрат“, вели Бошковски.
Од малкуте локалните жители кои ги сретнавме во селото, ја слушнавме иста поплака, „се гради брзо и без план“. Дел од нив велат дека само во изминативе две до три години избројале нови 50-тина викендички. Официјалните бројки велат дека за седум години Општината издала 128 дозволи за градби без при тоа да бара согласност од Националниот Парк Маврово, чија цел е заштита на подрачјето.
Од Министерството за животна средина велат дека надлежни за издавање на дозвола за градба се Министерството за транспорт и врски и општините, во зависност од градбата.
„Општина Маврово - Ростуше е должна во постапката на изработка и донесување на проектно-плaнска документација утврдена со закон да побара стручно мислење од Министерство за животна средина и НП Маврово доколку планскиот опфат се наоѓа во граници на Националниот Парк Маврово и истото тоа мислење да го земе во предвид при донесувањето на планската документација“, се вели во одговорот.
Но, според документите до кои дојдовме Општина Маврово во одговор на прашање по слободен пристап до информации во февруари 2022 година признава дека при процедурите за издавање на одобрение за градба не бара мислење од Јавната установа Национален парк Маврово.
Проблемите со урбанизацијата во родниот крај е мотивот за, како што вели, мавровчанецот Ристе Поповски да стане советник во Општината од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Вели дека неколку пати досега заедно со соседите покренале иницијативи и барања да се реши проблемот со бесправно градење и градежната експанзија, но, како што тврди, напразно.
„Најмногу градежни дозволи се бараат во селото, во близина на жичарата. Но веќе парцелите се толку колку што се, она што е останато е или со проблеми со нерешени имотно правни односи, па сега се посегнува по државно земјиште со дооформување на парцели, така што оваа приказна нема крај“, вели тој.
Од 61 денар за вила до 200 денари за зграда може да се докупи метар квадратен од државата во Маврово
Според владината уредба почетната цена за дооформување на парцела по пат на јавно наддавање со намена изградба на куќа, барака или вила е 61 денар за метар квадратен. Ако станува збор за непосредна спогодба цената „расте “ до 150 денари за метар квадратен.
Ако инвеститор на аукција сака од државата да си купи земја со дооформување на парцела за да си изгради зграда, еден метар квадратен ќе го чини 200 денари, додека во „четири очи“ или непосредна спогодба ќе треба да плати 300 денари за метар квадратен.
Од друга страна хотел на државно земјиште е поефтино. За тие што сакаат да градат хотел со дооформување на парцела, преку јавно надавање ќе стартуваат со почетна цена од 61 денар, а во „четири очи договор“ за 70 денари од метар квадратен.
Жителите велат дека често се случува инвеститори да најмат и детективи во потрага по наследници на само мало парче земја кое се граничи со државна парцела, што им е сосема доволно за да им се отвори шанса да го триплираат земјиштето заедно со државното за малку пари.
Општинскиот советник Попоски предупредува и на други проблеми со градбите. Инвеститори добиваат дозвола за градба на вила, па со измена на Архитектонските урбанистички проекти (АУП) ги менуваат во „од“ во поголеми бетонски зданија, вели Поповски.
„На пример добил дозвола за градба на куќа еден спрат плус поткровје и со тој урбанистички проект може да си пренамени во зграда, може да си пренамени во хотел, може да си дооформи парцела, без да биде информирано месното население, без да биде известен и Националниот парк кој би требало да има некаков ред во таа работа, а да не биде глув “, вели тој.
Поранешен вработен во Националниот Парк Маврово, со кој разговаравме на терен, вели дека новиот сопственик на парцела со шума, без одобрение на институцијата „Национален парк Маврово“ не треба да гради, ниту да ја сече шумата. Своите тврдења ги покрепува со документи во кои малите хидроцентрали при барање на дозволи за градби барале мислење и од Паркот. Дополнително посочува и на неажурноста на институциите на терен. На пример, вели дека постојат парцели кои некогаш биле ниви, а сега никнале големи дрвја, ама во Катастар не се сменила категоризацијата.
„Луѓе, оттогаш се преобразил просторот, ние сме должни да го ставиме тоа парче земја под категорија шума. Ама се случува такви земјишта да бидат заведени и како градежно земјиште“, вели тој.
Во отсуство на студија, на закон и план за управување со Националниот парк Маврово, на самата установа „Национален парк Маврово“ и е оневозможено да знае и да утврди каде и што може или не може да се случува во паркот, вели Ана Чоловиќ Лешовска од невладината организација „Еко – Свест“.
„Како резултат на тоа видовме во изминатава деценија дека имаме голем број на одлуки и дозволи кои се доделуваат без знаењето на Паркот без влијанието на Паркот, која како установа која е таму за да го чува природното наследство, и како резултат на тоа, доаѓа до одредена штета врз животна средина и се што Маврово го поседува“, објаснува таа.
Невладината „Спас за Маврово“ од локалните власти бара од Уставниот суд да се донесе мораториум за градење во селото, кој ќе стапи на сила веднаш, а ќе трае се до подобрување на условите и измени на урбанистичкиот план.
Станува збор за голем број на градежни дозволи без мислење од Паркот кој би можел да ги предложи, вели Чоловиќ Лешоска.
„Има многу планови за кои се зборува, за проширување на хотелски комплекси, за ски центар, за секакви поголеми инфраструктурни објекти меѓу кои и малите хидроелектрани. На некој начин големите, а потоа и малите хидроелектрани беа кочничар во целиот процес, бидејќи издадените концесии за изградба на вакви проекти во строга зона се во директна колизија со заштитата на овие зони, па така процесот не одеше ни во една ни во друга насока. Ниту хидроелектраните се изградија, нити паркот се репрогласи. Тоа е една од спорните точки во жалбата што ја доставивме до Бернската конвенција за изградбата на ваквите проекти на тероторијата на паркот“, вели таа.
Во Маврово и Ростуше има вкупно 42 населени места, од кои 37 се на територија на Националниот парк. Од донесувањето на Законот за легализација на дивоградби во 2011 година, па се до 2016 година во Општината пристигнале над 4.500 барања за легализација од сите населени места.
Данокот од „бетонската џунгла“ го плаќаат сите
Жителите на Маврово, од политичари и бизнисмени до поранешни полицајци и пензионери, сите заедно го плаќаат истиот данок на „бетонизацијата“. Последиците ги чувствуваат секојдневно. Немаат редовно вода за пиење, а живеат покрај езеро. Често имаат низок напон на струја, иако покрај нив се изградија неколку помали хидроелектрани. Езерото кое е веќе стотина метри повлечено, како што велат локалните жители, е полно фекалии, затоа што новите хотели околу него се уште не ставиле пречистителни станици, па летно време сите го чувствуваат мирисот на фекалиите кои завршиле во езерото. Невладините организации предупредуваат и дека „дивите инвеститори“ во езерото го фрлаат градежниот шут.
„На времето од црквата што е во езерото се гледаше само крстот, сега е на суво црквата. И да има вода да дојде езерото ми се чини дека никогаш нема да биде исто, затоа што целиот шут од се што се работи наоколу се фрла во езерото со дозвола од раководството, земјата се исфрла во езерото. Погледнете се е натапкано со шут. Ни димензиите на езерото не се тоа што беа“ објаснува Илиќ.
Нејзиниот сосед Бошковски се жали на двојни аршини на локалните власти, кога станува збор за новите земјопоседници во Маврово.
„Си сечат шума, а јас едно дрво да пресечам ќе ми дојде шумарот“, вели тој.
Од Општината велат дека не можат да постапуваат по проблемот со фрлање на градежен шут во езерото.
„Општината нема вработено комунален инспектор и инспектор за животна средина кои би требало да постапуваат по вакви пријави и истите може само да ги препраќа до Државните инспекторати кои ги покриваат овие области“, се вели во одговорот.
Од „Спас за Маврово“ бараат од властите да се поништат сите договори за концесија на природните богатства што се склучени со приватни фирми, да не се издаваат одобренија за градби во заштитниот појас на езерото и под итно да почне процедура на донесувањето на нов Детален Урбанистички План (ДУП).
Решавање на основните комунални проблеми како недостиг на вода, загадена вода, ненавремено собирање на смет и кабаст отпад, одлагање на градежен шут, се дел од нивните барања со месеци. Деценискиот недостаток на јасната регулатива за зонирањето ги охрабрува институциите, како што е Општина Маврово и Ростуше, да им даваат приоритет на приватните интереси пред колективното добро.
Така, судбината на ова скапоцено национално богатство сега виси на конец, бидејќи политичките интереси и кратковидните придобивки се закануваат да остават трајни лузни на Маврово.
Според последниот документ до кој дојде Радио Слободна Европа, Министерството за животна средина, предводено од новата министерка Каја Шукова, Националниот парк Маврово и Глобална Конзеврација предводена од Мустафа Генен се обврзале да изработат ревизија на студијата за Ревалоризација на заштитеното подрачје Маврово која ќе биде готова до 30 април догодина. Дотогаш рацете на општинскиот татко на Маврово се слободни за потпишување на дозволи за градби во Националниот парк.