Луѓето и во демократски земји не сметаат дека имаат демократија

Жена држи плакат „Масовни вработувања, пари за болници“ за време на демонстрациите во Атина, 22.04.2021.

Владите не ги исполнуваат очекувањата на луѓето за демократија, е заклучокот во најновиот Индекс на перцепција на демократијата, испитување извршено во 53 земји. Најголемата закана, според испитаниците, не е руското влијание или моќта на големите технолошки компании, туку економската нееднаквост.

На прашањето што мислат луѓето за сегашната демократија во нивните земји, само околу половина, или 53% изјавија дека нивната земја е демократска. Ова се однесува дури и за земјите, означени како „слободни“ од Фридом Хаус.

Ова се наведува Индексот на перцепција на демократијата, годишна студија за тоа како луѓето ја перцепираат демократијата, спроведена од Латана во соработка со Алијансата на демократиите.

АИ: фармацевтските компании и богатите држави го изложуваат светот во ризик

Владите, како што се додава, не ги исполнуваат очекувањата на луѓето за демократијата, иако мнозинството, дури 81 насто сметаат дека демократијата е многу важна.

Најголемата закана според нив, не е руското влијание или моќта на големите технолошки компании, туку економската нееднаквост.

Се повеќе луѓе се загрижени дека социјалните медиуми имаат негативно влијание врз демократијата, особено во САД и Европа.

Видете и ова: EУ: Русија и Кина сејат дезинформации за поткопување на довербата во западните вакцини

Според податоците, 44 насто од испитаниците ширум светот се загрижени дека САД претставуваат најголема закана за демократијата во нивните земји. Стравувањето од кинеското влијание е 38 насто, додека од Русија е 28 проценти.

Демократијата во време на пандемија

Во врска со тоа како владите се справуваат со пандемијата на ковид-19 и што тоа значи за демократијата, испитаниците се многу незадоволни, особено во земјите кои важат за демократски.

Загриженоста дека владите премногу ги ограничуваат слободите за време на пандемијата расте и од 45 насто во минатата пролет сега е 53 проценти.

Земји кои се сметаат за најдемократски според оценката на нивните граѓани се: Данска, Швајцарија и Норвешка.

Иако Полска од Фридом хаус е оцената како „слободна“ земја нејзините граѓани не го мислат тоа, само 31 насто се согласиле со оценката на Фридом хаус.

Фридом Хаус: Транснационалната репресија е растечка закана за демократијата во светот

Од 53 земји опфатени во Индексот Венецуела, Иран и Унгарија имаат најниски оценки од нивните граѓани за состојбата на демократијата.

Најголеми закани

Затоа е во постојан раст желбата на граѓаните за поголема демократија. Исто така, скоро половината од испитаниците мислат дека нивните влади работат во интерес на мали групи луѓе.

Ова, како што се наведува, е силно поврзано со мислењето на луѓето дека економската нееднаквост е најголема закана за демократијата.

Светска Банка: Закрепнување на економијата дури догодина

По економската нееднаквост на второ место како закана на демократијата е ограничувањето на слободата на говорот. Тоа го мислат околу 53 насто од испитаниците.

Видете и ова: Амнести Интернешнл: Владите ја користат пандемијата за кратење на човековите права

На трето место се големите технолошки компании, како и социјалните медиуми. Затоа преовладува мислењето дека би требало да има поголема законска регулација во оваа област.

Исто така скоро половина од испитаниците изјавија дека нефер изборите се голема закана за демократијата. Притоа расте и процентот на оние што страхуваат од странско мешање во изборите во нивните земји.

Изданието нуди споредба на глобалните ставови кон демократијата од почетокот на кризата со ковид-19. Резултатите се базираат врз национално репрезентативни интервјуа со над 53.000 испитаници од 53 земји и е спроведено меѓу 24 февруари и 14 април 2021 година.

Индексот на перцепцијата на демократијата е објавен пред Самитот за демократија што на 10 и 11 овој месец ќе се одржи во Копенхаген за да се поддржи дискусијата за глобалната состојба на демократијата.