Лукаревска - Буџетот не е празен, даночната реформа не е конечна

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Лукаревска - Оптимист сум дека уставните измени може да поминат

Даночниот концепт не е нова работа, вели Сања Лукаревска, директорка на УЈП и заменик-претседател на СДСМ. За даночната реформа има навистина поделени мислења, меѓутоа на крајот ќе мора да се најде најдоброто решение. Камен на сопнување е прогресивното оданочување, вели таа.

Директорке, на почетокот на месецов, заедно со министерот за финансии и директорката на Царината, најавите даночни реформи со кои во Буџетот треба да се слеат дополнителни 54 милиони евра. Зошто одеднаш таква најава? Толку ли е празен буџетот?

Не, напротив, не би рекла дека е празен, гледајќи го она што го собираме како даночен приход и како придонеси, пред сè ние како институции, секако она што е надлежност на Царинската управа, оваа даночна реформа, овој даночен концепт потекнува од претходно донесената стратегија за даночна реформа 2021- 2025, така што не е наеднаш, не е одеднаш, туку пред сè дебатира и се разговара со сите релевантни фактори.

Најавивте плаќање пензиско и здравствено осигурување за хонорарците. Кога бевте во опозиција го поддржавте протестот на хонорарците против таквите најави. Зошто се пишманивте?

Повторно ќе се навратам на она што значи сугестија од светски, финансиски институции. Она кое што е стремеж во земјите од Европската унија, а ние се стремиме да ги прецизираме сите тие препораки. На оваа тема разговаравме со сите тие фактори и со бизнис заедницата, и со сметководителите и со консалтинг компании, ревизорски куќи, со МАНУ, со експертите. Има навистина поделени мислења, меѓутоа на крајот ќе мора да се најде најдоброто решение, никој не рече дека оваа реформа значи 100 отсто нејзино имплементирање. Камен на сопнување, да, како најголем проблем секако е прогресивното оданочување, овие оданочувања што ги напоменавте – договорите на дело, привременото вршење на услуги итн., меѓутоа, пак, ќе кажам ние сега во моментот во рамки на Управата за јавни приходи правиме соодветна анализа да видиме колку имаме такви случаи на договор на дело и во приватниот и во јавниот сектор, колку тоа ќе значи соодветни приходи, затоа што таму можеме да имаме, да речеме, пензионер кој некаде работи по договор на дело и во тој случај ќе имаме придонес по двапати за пензиско осигурување, така што има таму да речам некои небулози, дилеми, за кои понатаму ќе се разговара, ова не е конечно решение.

Видете и ова: Тешката зима би можела да биде катализатор за предвремени избори

Најавивте зголемување на повратот на ДДВ за граѓаните на 2100 денари во тримесечје од сегашните 1800. Колку тоа ќе им помогне на обичните луѓе, со оглед на тоа што за толкав поврат треба да трошат по илјада евра месечно, а ретко кој има толку.

Мислам дека популарноста на мерката не обврзува постојано да правиме одредени убави промени и секако и да го зголемиме лимитот, тоа е дополнување на животниот стандард во едно семејство.

Ве прашувам како заменик претседател на СДСМ. Како очекувате да поминат уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, кога немате двотретинско мнозинство во парламентот без гласовите на ВМРО-ДПМНЕ?

Јас сметам дека во ова парламентарно мнозинство бидејќи секој пратеник ги претставува граѓаните и неговите гласачи и тие во него гледаат иднина, гледаат проекти, гледаат во него стандард за оваа држава, така што сметам дека има многу прогресивни сили коишто сакаат да одат напред и затоа сум оптимист дека може да поминат уставните измени.

Верувате дека пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за уставните измени?

Јас очекувам дека секој оној што размислува ЕУ-перспективно, кој што размислува добро за државата ќе гласа за тие уставни измени.

Може ли енергетската криза и „тешката зима“ што се очекува да биде причина за предвремени парламентарни избори?

Енергетската криза, тешката зима, инфлацијата секако дека се факти коишто не се само кај нас во државата, туку секаде низ целиот свет, така што знам дека има постојано и консултации и состаноци за да се најдат соодветни решенија за да може да се преброди овој тешко период, тоа никако не може да биде причина за предвремени парламентарни избори. Таман работа. Ние треба да ја пребродиме кризата, па дури потоа, во 2024 година, да одиме на редовни парламентарни избори.

Целото интервју со директорката на УЈП, Сања Лукаревска, може да го погледнете во видео снимката на почетокот на текстот.