„Спасовски на средба во Охрид: Со СДСМ и Георгиевски продолжува развојот на Охрид, ја имаме најдобрата кадровска и програмска понуда“. Ова е наслов од партиското соопштение на владејачката партија во кое известува за посетата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на Охрид во неделата и за поддршката која му ја дал на нивниот кандидат за градоначалник Константин Георгиевски.
Спасовски е министер и потпретседател на СДСМ, партијата која кога беше опозиција беше гласна за учеството на владини функционери во кампањи.
На пример во 2012 година СДСМ како опозиција предложи амандмани во кои предвидуваше казна од 500 до 1000 евра, но и затворска казна за секое јавно појавување на носителите на државна функција, кои за време на предизборна кампања ќе имаат партиска активност.
Сега ВМРО-ДПМНЕ го обвинува Спасовски за посетата на Охрид. Портпаролот на таа партија Наум Стоилковски за РСЕ вели дека спорно за нив е што министер за внатрешни работи во време на кризна состојба шетал низ Македонија и правел кампања пред почетокот на официјалната кампања.
„Тоа од позиција на министер за внатрешни работи може да се разбере и како заплашување или присилба врз гласачите“, вели Стоилковски.
Претходно Министерството за внатрешни работи демантираше дека министерот во Охрид на партискиот настан користел службени возила.
„Министерот за внатрешни работи, согласно закон, никогаш досега не користел службено возило за партиски цели и таквата практика ќе продолжи. Патничкото возило во кое министерот за внатрешни работи се превезуваше во Охрид, на активност на СДСМ, не е сопственост на МВР“, се вели во демантот.
Премиерот Зоран Заев, пак, минатиот месец во владиниот кабинет ги прими на одделни средби лидерите на ДУИ и ДПА Али Ахмети и Мендух Тачи за да договара партиски коалиции на локалните избори.
Што е кампања- прашање на секои македонски избори
Инаку и ОБСЕ/ОДИХР укажуваа на прекршувања во своите извештаи. Па така во еден извештај додека министерка за внатрешни работи во Владата на ВМРО-ДПМНЕ беше Гордана Јанкулоска наведоа дека законските гаранции за одвојување на партијата од државата остануваат недоволни, а како пример на злоупотреба на државната функција за партиски цели наведоа дека се истакнува оти министерката за внатрешни работи, која не ги прекина своите владини обврски додека беше кандидат во изборна трка.
И поранешниот претседател на Државната изборна комисија Александар Новаковски вели дека цело време има забелешки во извештаите на ОБСЕ/ОДИХР за мешањето на партијата и државата. Тој додава дека нема конкретни наводи за законски прекршување, но дека меѓународните набљудувачи сугерираат партиите да најдат законски начин ова да се спречи.
„Но кај нас тоа не се направи. Во однос на кампањата во моментов не може никој да преземе никаква санкција или да поведе постапка бидејќи кампањата не е започната. Тука е недостиг во Изборниот законик што партиите без разлика дали се власт или опозиција никако не сакааат оваа тема да ја средат еднаш засекогаш. Тука се единствени затоа што сите водат кампањи“, вели Новаковски.
Што предвидува Изборниот законик? Во него за изборна кампања се смета „јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми во предизборниот период за одреден вид на избори“.
Според роковникот на Државната изборна комисија, Општински изборни комисии по извршената проверка во надлежните инситутции кандидатите треба да ги потврдат најдоцна до 13 септември. Ова значи дека сите активностите кои сега ги имаат кандидатите кои партиите ги објавија не се сметаат за предизборна кампања оти официјално тие се уште не се потврдени како кандидати од државните органи.
И ВМРО-ДПМНЕ во кампања
А таква предизборна кампања води и ВМРО-ДПМНЕ. На пример деновиве кандидатот за градоначалник на од таа партија за Гевгелија Андон Сарамандов ја презентираше својата програма од четири столба за градот, а на собирот беше присутен и партискиот лидер Христијан Мицкоски кој прочита и писмо до идните градоначалници од нивните редови.
Од партиско седиште пак Маријан Миленковски, кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ за Пробиштип зборуваше за неговите проекти за градот. ДУИ уште во јуни на промотивен настан во градскиот парк во Скопје најавија дека за локалните есенски избори стануваат зелена партија, а првиот вицепремиер Артан Груби додека беше на трибина за рамковниот договор финансирана од државата рече дека Рамиз Мерко на Струга ќе биде нивни кандидат за градоначалник и ги промовираше неговите досега изработени проекти.
Новаковски кој беше претседател на Државната изборна комисија кога се одржуваа локалните избори во 2009 година вели дека тој тогаш реагирал кога имало предвремена кампања и дека сега државните органи треба ,исто така, да реагираат.
„Тие се вадат на законска дупка, но има кампања класична, само што нема транспаренти, а се промовираат кандидати“, вели Новаковски.
Инаку, во Изборниот законик се предвидува и дека за потребите на изборната кампања, забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста.
Под изборна кампања, пак, се смета се смета јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната кампања, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми.
Изборната кампања започнува дваесет дена пред денот на изборите што би значело дека за овие локални избори распишани за 17 октомври кампањата почнува на 27 септември и ќе трае до полноќ на 15 октомври.