Локални избори, втор круг: Изборно претпладне низ фотографии

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија продолжува во континуитет да ги следи случувањата поврзани со изборниот процес, преку формираната привремена Комисија за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори.

Од 7 до 19 часот полнолетните жители во 44 општини може да го дадат својот глас во вториот круг на локалните избори. Право на глас во општините во кои не беше избран градоначалник во првиот круг имаат 1 353 990 избирачи.

Денеска втор круг од локалните избори се одржува во 44 општини, а во прв круг ќе се прегласува на по едно избирачко место во Дебар и Шуто Оризари. Овие се седми локални избори од независноста на Македонија и втори, по ланските парламентарни, кои се одржуваат во време на пандмијата со коронавирусот.

Гласањето почна вчера со изјаснувањето на болните и немоќните, лицата заразени со Ковид-19 и во самоизолација и затворениците. Според податоците на ДИК се работи за вкупно 7465 гласачи. Од нив 1409 затвореници, 266 лица во 13 старски домови, шест внатрешно раселени лица, 5588 болни и немоќни лица или лица во куќен притвор, чии пријави биле прифатени од општинските изборни комисии, како и 376 лица со Ковид-19 или во изолација.

Државната изборна комисија на денешната прва прес конференција посочи дека излезеноста до 9 часот изнесува 5,25%, односно гласале 56.700 гласачи.

За вториот круг од Локалните избори 2021 акредитирани се вкупно 1598 домашни и странски набљудувачи, новинари и преведувачи. Нивниот број е поголем за 347 во споредба со првиот круг кога беа акредитирани 1251.

По првиот изборен круг кој се одржа на 17 октомври во прелиминарниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР меѓународната организација наведе дека изборниот ден поминал мирно, а изборите биле конкурентни.

Денешното гласање е второ на кое ќе се применат терминали за биометриска идентификација на гласачите. Првпат апартчињата беа применети во првиот круг од изборите што предизвика поголеми задржувања на избирачките места во услови на пандемија со ковид-19.

На ДИК на располагање и се 400 технички лица кои би помогнале за надминување на евентуални проблеми при денешното гласање.