Личните карти со „Северна“ влегоа во собраниска процедура, старите ќе важат до 2024

Лични карти

Старите лични карти на кои сè уште не им е истечен рокот ќе важат до 12 февруари 2024 година. Преспанскиот договор предвидува рокот на сите документи кои може да се користат и надвор од државата да истече најдоцна за пет години, а новото уставно име стапи на сила на 12 февруари 2019.

Измените на Законот за лични карти стигнаа пред Законодавно-правната комисија во Собранието. Со предлогот се предвидува новите лични карти да се усогласат со Законот за јазици и со Уставот. Според предлогот, на новите лични карти ќе стои новото уставно име „Република Северна Македонија“. Старите лични карти на кои сè уште не им е истечен рокот ќе важат до 12 февруари 2024 година.

Видете и ова: За и против етничката припадност во личните карти

Тоа е предвидено во членот 10 од Преспанскиот договор, според кој, рокот на сите документи кои може да се користат и надвор од државата ќе истече најдоцна за пет години по влегувањето во сила на спогодбата. Личните карти може да се користат и надвор од државата, односно со нив може да се патува во државите од соседството со кои Македонија има договор. Новото име „Република Северна Македонија“ стапи на сила на 12 февруари 2019 година.

Освен името, другата измена е усогласувањето со Законот за јазици, односно личните карти на Албанците автоматски ќе им бидат издавани на македонски и на албански јазик, наместо како досега, тоа да се прави само по нивно барање. За останатите етнички заедници, личните карти ќе се издаваат и на нивниот јазик и писмо само по нивно барање.

Според Владата која е предлагач, Законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта нема да предизвика фискални имликации и за неговото спроведување не се потребни дополнителни финансиски средства од Буџетот на државата.

„По донесување на Уставниот закон и Законот за употреба на јазиците, Министерството за внатрешни работи потпиша Рамковна спогодна за набавка на хардвер и софтвер за изготвување на лични документи (лични карти, патни исправи, возачки дозволи и дозволи за престој на странци), за чија реализација беа обезбедени финансиски средства во Буџетот на Министерството за внатрешни работи во износ од 6.563.436,45 евра и веќе, согласно утврдена временска динамика, се врши исплата. Наведените финансиски средства се однесуваат за целиот пакет на лични документи (лични карти, патни исправи, возачки дозволи и дозволи за престој на странци). Истовремено, укажуваме дека финансиските средства се враќаат согласно динамиката на издавањето на личните документи на граѓаните“, стои во предлог-текстот на Законот.

Кон крајот на минатата година, партијата Беса, која е коалиционен партнер во владата поднесе предлог-закон за лични карти во кои требаше да стои и етничката припадност. Премиерот Зоран Заев го поддржа предлогот. Поддршка за етничка припадност во личните карти даде и ВМРО-ДПМНЕ, но тие се противеа во документот да стои „Северна Македонија. Сепак, Левица поднесе 1500 амандмани за да го блокира предлогот кој остана заглавен во собраниските лавиринти. Многу граѓански организации и аналитичари се противеа на вметнувањето на етничка припадност во личните документи и сметаат дека тоа е дискриминирачко.

Пред еден месец стапи во сила и новиот закон за пасоши, со кој новото уставно име влезе и во патните исправи. Старите пасоши, на кои уште не им е истечен рокот, а во кои стои името Република Македонија ќе важат до 12 февруари 2024 година. Од почетокот на овој месец веќе треба да се издаваат пасоши во кои стои „Северна Македонија“. Премиерот Зоран Заев минатата недела поднесе барање за нов дипломатски пасош и рече дека тој ќе биде првиот човек во Македонија кој ќе добие патна исправа со новото уставно име.