„Летните тераси“ ги избркаа непушачите од рестораните и кафулињата

Затворена летна тераса во кафуле во центарот на Скопје

Додека светот ги затега забраните за пушење, во Македонија чадот од цигарите го има насекаде. Откако пред пет години беше либерализиран законот за забрана на пушењето, тоа се дозволи и на затворените летни тераси на угостителските објекти. Минатата недела инспекторите пишале 56 казни за пушење.

Тешкиот мирис на цигари во косата и облеката, секој пат кога ќе отиде на пијачка во кафуле или во ресторан, е главната причина зошто младата Емилија Петреска од Скопје почна да ги избегнува овие локали. Вели дека проблемот е посебно нагласен зимава, кога се пуши насекаде, па изборот е или да се остане дома или да се дише штетниот чад од цигарите.

„Една од причините зошто веќе одењето кафеана ми станува неподносливо е бидејќи насекаде се пуши. Многу ретко во угостителските објекти имаат соодветна вентилација и дури и во тие простори каде што се за непушачи, и до нив доаѓа мирисот на цигари... да не зборуваме дека и не секаде се почитува тоа правило“, вели таа.

Тераси, бавчи, ама од (полу)затворен тип

Видете и ова: Пушењето е втора причина за смрт од кардиоваскуларни заболувања

Македонија на хартија има релативно добар закон за заштита од пушењето, кое е забрането во сите јавни простории. Ама е дозволено надвор од објектите, на терасите или летните бавчи. Проблемот настана во 2018 година, кога на власт дојде владата на СДСМ предводена од Зоран Заев, и го тргна членот од законот во кој се дефинираше што е тераса, односно каде смее да се пуши. Тоа се случи бидејќи угостителите се жалеа на забраната за пушење донесена во 2010 година, велејќи дека драстично им паѓа прометот во зима. Дотогаш пушењето беше дозволено само на простор кој мора да биде отворен од најмалку три страни и да не биде покриен.

Затоа во изминатите пет години, секој слободен простор од угостителските објекти стана „тераса или летна бавча“, која во зима е целосно затворена со метални конструкции и стакла, има покрив и буквално е споена со останатиот дел од објектот. Ова практично значи дека целиот простор е исполнет со чадот на тие што пушат цигари.

Затворена летна тераса на ресторан во Скопје

Македонија има застој во легислативата во делот на пушењето, револтиран е докторот Мартин Петровски, кој работи на оваа проблематика во Институтот за јавно здравје. Вели дека штетите и од пасивното пушење, се исти како и оние кај пушачите. На листата се многу заболувања, од кардиоваскуларни и респираторни, па се до малигни. Петровски дополнува дека особено е штетно кај децата чиј неразвиен одбранбен систем поинтензивно реагира на чадот од цигарите.

„Затоа е многу лошо што кај нас како и да се споени буквално пушачките и непушачките делови и истото може да води кон сериозни проблеми и кај децата и кај возрасните“, вели докторот.

Според Светската здравствена организација, пушењето е една од најголемите здравствени закани за здравата популација, и секоја година одзема по околу 7 милиони животи. Според истражувањата во земјава пак, тутунот е втора причина за смрт од кардиоваскуларни заболувања во Македонија кои годишно земјаат по околу 15000 животи и е главна причина за рак на белите дробови.

ЕУ како сламка за спас

Па така, докторот сега надеж гледа во евроинтеграциите на земјава, и прифаќањето на европските стандарди кога се работи за заштитата на јавното здравје.

„Тие (ЕУ) одамна немаат проблем со тоа каде да се пуши и каде не се пуши, ние за жал се уште имаме проблем со првото, но се надевам дека во блиска иднина ќе го решиме тој проблем“, вели Петровски.

За да биде проблемот поголем, периодот околу празниците, цигарите беа главен декор во најголем дел од угостителските објекти, и таму каде што законски смее без разлика што се полузатворени или целосно затворени тераси, но и таму каде што не смее да се пуши.

По зголемениот број на пријави од граѓани за пушење во јавни простории, инспекторите од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ)изминатата недела, од 10 до 14 јануари, тргнаа „во лов“ на пушачи. Велат дека извршиле над 200 инспекциски надзори да видат дали се почитува Законот за заштита од пушење, а издале 56 прекршочни платни налози.

Според Законот, казната за правното лице е од 2.000 до 4.500 евра, а за одговорното лице од 500 до 1.000 евра. Казна е пропишана и за физичкото лице кое ќе биде фатено како пуши во затворен објект, од 100 до 300 евра.

Видете и ова: Се лажат тие што мислат дека ќе си го сочуваат здравјето со електронска цигара

Од ДПИ велат дека ќе продолжат со интензивните контроли, апелираат правните субјекти да го почитуваат законот, а граѓаните да пријавуваат.

И сето ова се случува во време кога Европа и светот ги затегнува законите за пушење во јавни простори. Последно во низата е Мексико, каде на сила стапи еден од најстрогите закони во светот, кој предвидува целосна забрана за пушење на сите јавни места, вклучително и паркови, плажи или хотели. Во слична насока оди и Шпанија, каде во тек е голема кампања за забрана на пушењето цигари на плажите, како поради здравјето, така и за животната средина.

Во Шведска на пример, каде има најмалку активни пушачи меѓу европските земји, пушењето по барови и ресторани е забрането уште во 2005 година, за во 2019 да се прошири и на отворените делови од објектите, вклучително и детски игралишта. Нов Зеланд на пример, отиде голем чекор напред со цел од пушењето да ги заштити новите генерации. Така, усвои закон со кој цигари воопшто нема да смее да им се продаваат на луѓе родени на или по 1 јануари 2009 година.

На Балканот ситацијата е поинаква. Забрани за пушење на отворено нема, а во повеќето земји тие се воведени во затворените јавни простори и угостителските објекти. Сепак тука најголем проблем е спроведувањето и почитувањето на овие закони. Исклучок е Грција, каде строго се почитуваат ваквите закони за заштита од пушењето, а луѓето излегуваат да запалат цигара надвор од угостителскиот објект. Како што беше и кај нас, во периодот пред 2018 година. Сите овие забрани се воведуваат со цел да се обесхрабрат луѓето да пушат цигари, бидејќи пушењето е штетно по здравјето.

*Податоците за Македонија се извадени од студии за пушењето на ИЈЗ во изминатата деценија

Статистиката за Македонија е поразителна. Според Институтот за јавно здравје, меѓу 45 и 50 отсто од полнолетното население во земјава, се редовни пушачи. Во Европската Унија активни пушачи се околу 18%, а во Шведска само 6% од жителите над 16 години.