Бројките на позитивни случаи на Ковид 19 по неколкумесечна стагнација повторно почнаа да растат. Ако на почетокот на јуни имаше по осумдесетина нови случаи дневно, месецот го завршивме со двојно повеќе. Така во петокот имаше 193 новорегистрирани лица со Ковид 19. Бројките почнаа да растат кон средината на jуни, што се поклопи со крајот на учебната година и почетокот на летните одмори, кога повеќе македонски граѓани отпатуваа надвор од земјава. Засега нема зголемување на бројот на хоспитализации и смртни случаи, но новите позаразни потсоеви на Омикрон сојот на вирусот, се повеќе се шират низ Европа.
Релаксирани и вознемирени
Дел од граѓаните се релаксирани, други пак стравуваат од повторно ширење на болеста.
Стив Стефановски и покрај разлабавените мерки, се уште носи маска со себе кога се движи низ Скопје. Вели дека никој повеќе не е загрижен за ковидот „ни граѓаните, ни државата“, што според него не е во ред.
Видете и ова: Пациентите со постковид симптоми ги наполнија болниците„Сега сите се на одмор, туризмот мора да работи, летово ќе помине, а последиците од 1 септември ќе ги видиме сите“, вели Стефановски.
Слично како него, загриженост има и кај повозрасниот Трајче Пирковиќ. Покажувајќи на маската што ја носи на раката вели дека сега му останува само да ги почитува мерките и да се однесува одговорно.
„Само неодговорен може да биде незагрижен. Сите сме загрижени. Од есен натаму мислам дека ке се зголеми (бројката) , ама се зависи од нас луѓето колку сме дисциплинирани“, забележува Пирковиќ.
Даниела Богатиновска пак смета дека кога веќе имаме искуство со ковидот и мора да научиме да живееме со него.
„Ќе се штитиме колку што можеме и тоа е тоа. Мислам дека кога 2020 бевме на одмор, и годинава ќе одиме. 2020 беше многу актуелно, сега веќе се справуваме со ситуацијата, знаеме“, вели таа.
Бројките на ковид позитивни лица растат и во регионот. Албанија која на почетокот на јуни имаше помеѓу 15 и 90 случаи, на 29 јуни изброја 1173 новозаразени, вчера 549, а кривата на раст се движи нагоре. Неколкукратен раст се забележува кај останатите земји од соседството - Србија, Косово, Бугарија, Грција. Во Грција на пример, стапката на позитивни тестови на островот Миконос и Милос изминатата седмица надмина 50 отсто, на Санторини скоро 40 отсто, на Крф над 20 отсто, додека во цела Грција е над 12 проценти.
Лекарите предупредуваат
Лекарите велат дека не смее да се крева паника, но потребна е внимателност пред се кога се работи за повозрасните групи граѓани, како и оние со придружни болести.
Микрбиологот Никола Пановски укажува дека со зголемениот број ковид позитивни лица, ќе доаѓаат и нови варијанти на омикрон. Причината за ширењето на вирусот ја гледа во отсуството на мерките, собирањето во затворени простории поради се потоплото време, но и во користењето на климатизерите кои ги побрзо ги шират аеросолите и вирусот.
„Бројот на случаи барем кај нас во Македонија не ме загрижува, дури ме радува. Што поголем број на млади што не завршуваат во болница , туку им проаѓа брзо, без компликации значи поголем имунитет кај луѓето. Се додека болниците се празни, не е страшно“, вели Пановски кој појаснува дека е добро тоа што последните варијанти на вирусот не прават големи компликации.
Оттука смета дека фокусот треба да биде на лицата над 70 години, за кои вели дека е добро да носат маски секогаш кога влегуваат во затворен простор со повеќе лица. Искрен е дека како и кај секоја болест и при оваа се очекува со растот на бројките да има одреден број починати.
Директорката на Клиниката за инфективни болести Милена Стевановиќ е попретпазлива. Причината за зголемените бројки ја гледа во развиженоста на луѓето и почетокот на летните одмори. Притоа потсетува дека покрај ковидот, низ светот сега се шират и мајмунските сипаници.
„Не велам дека треба да се внесува немир паника, меѓутоа дека треба сериозно да размислуваме за пренос на инфекцијата сега кога движењето е драстично зголемено низ целиот свет, дефинитивно треба да бидеме многу поодговорни од тоа што во моментов сме“, додава таа.
На нејзината клиника во моментов има десетина 10 хоспитализирани пациенти. Неколкумина се на кислородна поддршка. Дневно прегледуваат по 20-тина ковид пациенти. Сепак потсетува дека пред само една недела вкупно тројца пациенти се лекувале од Ковид 19 на Инфективна. Нејзината претпоставка е дека бројките ќе растат, но се надева дека нема да биде алармантно како лани во август кога имаше и по над 1200 случаи дневно.
„Ние треба да бидеме загрижени. И СЗО се уште не ја укинува вонредната состојба и смета дека ние треба да се држиме до таа одлука затоа што исклучително низок ни е степенот на вакцинираност. Имунитетот стекнат со прележување на болеста веќе слабее“, предупредува Стевановиќ.
Нивото на целосно вакцинирани во земјава се бетонираше на околу 45 отсто. На ниво на ЕУ пак на пример е над 70%, што се уште се смета за релативно низок процент. Притоа над 50% од Европејците примиле трета, бустер доза. Во Македонија тој процент изнесува под 10%.
За целосно вакцинирани се сметаат лицата кои примиле две дози вакцина. Третата или т.н. бустер доза е достапна и препорачана за сите полнолетни македонски граѓани, но интересот за неа е мал.
Видете и ова: Ковид вакцини има, ама нема кандидати за нивно примањеСепак скринингот на населението кој го спроведоа здравствените власти во февруари покажа дека од 170 лица кои биле невакцинирани, дури 70 проценти имале имунитет против ковид, со што беше утврден солиден имунитет и кај невакцинираните граѓани.
Од Комисијата за заразни болести велат дека се свесни за растот на бројките, но соопштија дека засега нема потреба од нови мерки за спречување на ширењето на Ковид 19. Оттаму одбиваат да дадат проценки во која насока ќе се движи пандемијата, при што велат дека мерките се воведуваат согласно моменталната состојба. Така во моментов на сила останува само обврската за задолжително носење маски во здравствените установи, згрижувачките установи, аптеките и јавниот превоз. Исто така остануваат препораките за општите мерки за заштита, како што се: заштитна маска, одржување растојание и почесто миење раце.
Стевановиќ на ова дополнува и дека е потребно луѓето да се вакцинираат, бидејќи како што вели, вакцинацијата е единствен начин за излез од пандемијата.
Министерството за здравство ја следи ситуацијата
Како што информираше министерот за здравство Беким Сали, Министерството за здравство ја следи ситуацијата и ако дојде момент за рестриктивни активности, изолација и вакцинирање, ќе упатуваат покани до јавноста за почитување на мерките.
„Во овој момент во државата на располагање имаме 480.000 вакцини со рок на траење до крајот на годината и затоа ги повикувам граѓаните да се обратат во вакциналните пунктови низ државата и да се вакцинираат односно да се здобијат со имунитет“, изјави пред неколку дена министерот Сали.
И додека граѓаните ги планираат летните одмори, чиј пик вообичаено е во август, бројките на новозаразени од Ковид 19 растат низ туристичките центри низ Европа.
Така на пример во Италија која беше еда од најпогодените земји од Ковид 19 во Европа, на 29 јуни имаше речиси 100.000 нови инфекции, двојно повеќе од истиот ден минатата недела, додека стапката на позитивни тестови е 26 отсто. Врвот на експанзијата се најавува во средината на јули, а најавите се дека добар дел од земјата може да ризикува повторно затворање, бидејќи новите видови на Омикрон се позаразни од претходните. Бројките растат и во Хрватска, Шпанија, Франција, но бројот на смртните случаи останува низок.
Дел од државите како Македонија периодов ги укинаа ковид сертификатите во дел пак останаа. Советот на Европската Унија пред неколку дена даде зелено светло за продолжување на користењето на овие сертификати до 30 јуни 2023 година. Оваа регулатива ќе обезбеди патниците од ЕУ и трети земји поврзани со системот да можат да го користат дигиталниот сертификат за патување во Унијата во земјите-членки каде што се потребни тие сертификати. Притоа за тој да важи е во овој период е потребна трета бустер доза, или да не бидат минати повеќе од 270 дена( 9 месеци) од втората доза вакцина. Сертификатот е валиден и до 180 дена од прележувањето на Ковид 19.