Здравствените работници, првата линија на фронтот во борбата со коронавирусот, досега добија милиони громогласни аплаузи, благодарности од секој обичен човек и признанија од официјалните власти за нивната пожртвуваност и посветеност во третирањето на болните.
Но не сите се задоволни од работата на докторите и медицинските сестри. Во некои земји, тие се соочуваат и со напади поради страв дека се преносители на заразата со Ковид-19.
„Ве молам престанете да нè напаѓате“, вели медицинска сестра од Мексико. Нејзини колеги биле нападнати во најмалку 21 случај и обвинувани дека тие ја шират болеста.
„Ние можеме да го спасиме вашиот живот. Ве молам помогнете ни да се грижиме за вас и за тоа што ни е потребно за да го направиме тоа за вас“, вели Фабиана Запеда Ариас, раководителка на програмата за медицински сестри во Институтот за социјално осигурување во Мексико.
Камења, белило и бркање од дома за медицинските работници
Нападите во Мексико се зголемуваат како што се зголемува бројката на заболени медицински лица што предизвика и протести од фелата поради несоодветната заштита која ја имаат.
Медицински сестри пријавиле дека не им дозволуваат да се возат во јавен транспорт, додека пак една сестра од болница на северот во Мексико пријавила дека и било фрлено белило додека одела по улица.
Нападите на медицинските лица се резултат на стравот и на незнаењето кои се хранат од дезинформациите поврзани со коронавирусот.
„Ова е очекувано имајќи предвид колку нејаснотии и дезинформации има. Има луѓе кои во паника се затвораат дома, други мислат дека вирусот не им може ништо и слободно се шетаат и има и онакви кои мислат дека сестрите и докторите го шират вирусот затоа што тие се во контакт со болни пациенти“, вели Едит Мухика Чавез, претседателка на Меѓуинституционалната комисија на медицински сестри во Халиско, пренесува Њујорк Тајмс.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Според официјалните податоци, Мексико има околу 15 илјади заболени од Ковид-19 од кои повеќе од 500 се медицински работници.
На Филипини пак медицинска сестра од јужната провинција Султан Кударат била нападната од пет мажи кои мислеле дека таа е заразена со Ковид-19. Тие и истуриле белило врз лицето, што според докторите, може трајно да и го оштети видот. Претседателот на Филипини, Родриго Дуерте, предупреди дека лицата кои ги напаѓаат медицинските работници се соочуваат со казна.
„И наредувам на полицијата да го уапси секој кој ќе вознемирува медицински персонал. Кога ќе ги ставите во затвор не им давајте храна, нека гладуваат“, изјави Дуерте во телевизиско интервју.
Во Индија, медицинските работници пријавуваат дека се физички напаѓани, навредувани па дури и дека добиваат закани за сексуално насилство поради нивната работа.
Особено се загрозени они кои одат или се враќаат од работа со медицинска облека.
„Викаа ‘Фатете ги! Удрете ги!’. Не знаеме зошто ситуацијата стана толку лоша“, вели во интервју за Индија Тудеј, Закиа Саид, докторка која била нападната со камења додека одела во домашна посета на пациенти.
Газала Бати, медицинска сестра од Карачи, Пакистан, пак вели дека газдата ја избркал од нејзиниот стан, каде живее со трите деца, поради страв дека таа може да ги зарази другите станари во зградата.
„Никогаш не мислев дека работата како медицинска сестра ќе ми го загрози животот, се досега“, вели Бати.
Неделно тестирање за здравствените работници
Секаде во светот медицинските работници се меѓу најранливите и најзагрозените не поради нападите, туку поради блискиот контакт со пациентите што доведе до зголемување на бројката на медицински персонал заразен со коронавирусот.
Поради тоа, Светската здравствена организација предлага воспоставување на план за неделен скрининиг на медицинските работници, и други ранливи групи, што може да доведе од 25 до 33% намалување на ширењето на заразата.
Според студијата направена од Центарот за соработка и моделирање на заразни болести на СЗО, моменталниот начин на тестирање на здравствените работници, кој често се фокусира на тестирање на оние со симптоми, не е соодветен бидејќи бројките покажуваат дека од 20 до 50 отсто од инфицираните се асиптоматични носители на вирусот.
Видете и ова: Дали СЗО е таа што треба да го запре ковид-19?Здравствените работници беа погодени од заразата со Ковид-19 помеѓу 4 до 19% од сите пријавени случаи во Кина и во Европа. Во Кина 3,8% од заболените беа медицински работници, во Германија 4,6%, 9% во Италија и најмногу, односно19% од заболените во Шпанија беа здравствени лица, се наведува во студијата.
Ова покажува дека медицинските работници и нивната изложеност од заразените пациенти или колеги, резултира со поголема инциденца на инфицирање споредено со остатокот од популацијата. Пренесувањето на вирусот на други лица, но и помеѓу оваа високо-ризична група, го загрозува и нивното здравје но исто така може да придонесе и за неконтролирано ширење на заразата во болниците, се наведува во студијата.
Студијата и стратегијата за неделни скрининзи се фокусира на Велика Британија, но резултатите и препораките за воведување на слични модели на тестирање се релевантни и за други земји, се наведува во студијата.
Видете и ова: Светот во трка по вакцина за ковид-19Ваквото тестирање ќе овозможи спречување на враќање на работа на медицински персонал кој сè уште не е целосно излекуван или побрзо враќање на работа на оние кои се во самоизолација и кај оние кај кои ќе се потврди дека се излекувани.
Редовното тестирање може да биде исто така релевантно и за други групи од висок ризик, како лицата кои работат на домашна нега.
Сепак, како што стои во студијата, колку ќе може да се спроведе ваквиот метод на тестирање зависи од способноста на секоја земја да обезбеди поголем број на тестови со цел да се добијат релевантни податоци. Како пример за добро справување преку употреба на голем број тестови и понатаму се издвојуваат Јужна Кореа и Германија.
Подготви Марија Севриева