Лекари ваделе пејсмејкери од мртви и им ги вградувале на живи во Романија

Скандалот го потресе и онака расипаниот здравствен систем на Романија. Преполна болница во Романија.

Кардиолог од Романија е уапсен оти отстранувал пејсмејкери и други срцеви уреди од мртви и ги вградил на живи пациенти. За случајот се обвинети уште четворица медицински лица. Обвинителството истражува 238 вакви случаи. Тие на пациентите им наплаќале меѓу 2000 и 3000 евра за апарат од мртов човек, колку што чини и нов уред.

Лекар во Романија е уапсен под обвинение дека незаконски отстранувал стотици пејсмејкери и дефибрилатори од трупови и им ги вградил на пациенти. Тоа го правел во период од седум години, понекогаш дури и кога не им требале такви помагала, заради материјална корист.

Обвинителите на 17 февруари отворија кривична истрага против Дан Теслојану, 52-годишен кардиолог од болницата Свети Спиридон во североисточниот град Јаш, тврдејќи дека работел заедно со четворица други медицински лица кои му помогнале да најде болни пациенти и потоа да отстрани срцеви импланти откако умреле. Потоа извадените пејсмејкери и други уреди, како нови, ги вградувале на други пациенти и земале пари за тоа, соопштија обвинителите.

Обвинителството истражува 238 случаи сторени меѓу 2017 и август 2022 година.

Случајот ја шокираше Романија, земја која е добро навикната на медицински скандали и ендемска корупција во здравствен систем, кој е недоволно финансиран и погоден од неефикасност и политизирано управување. Романија од земјите во Европската унија е на второ место, зад Бугарија, по најмалку пари што се одвојуваат за здравство.

Среќа што сте живи?

Романскиот закон конкретно ја забранува повторната употреба на медицински помагала од мртви луѓе. Во случајот со Ден Теслојану, обвинителите за организиран криминал велат дека мртвите луѓе не биле ни консултирани пред да умрат, на ниту нивните семејства не биле прашани за отстранување на уредите по смртта.

Дан Теслојану, кардиолог од Романија

Теслојану не даде коментар пред судот за наводите, но неговиот адвокат инсистираше дека: „тој спасил животи“.

Но со тоа не се согласуваат сите негови пациенти.

Педесети и седумгодишната Ана од Романија е само една од илјадниците пациенти кои ги лекувал кардиологот во изминатите 20 години, објави романскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Во мај 2021 година, ѝ бил вграден медицински уред во срцето. Тоа за малку ќе ја убиело, вели таа.

„Постапката беше тешка и веднаш се појавија компликации кои ме доведоа на раб на смрт“, рече таа.

„Чудо од Бога е што сум жива. Апаратот не беше правилно вграден и не работеше ниту еден момент за да го синхронизира моето срце. Ако сега сум цинична, се прашувам дали уредот е од мртов човек“, вели Ана.

Стотици нелегални импланти?

Теслојану вградил 4.000 пејсмејкери и други уреди во текот на неговата кариера, велат неговите адвокати.

Обвинителите велат дека барем од 2017 година некои од дефибрилаторите и пејсмејкерите што ги користеле Теслојану и неговите колеги биле земени од трупови, што е нелегално во Романија.

Романското државно обвинителство, кое го истражува случајот, соопшти дека тој извршил 238 „злоупотреби на службената положба“ со вградување на кардиолошки апарати земени од мртви луѓе од 2017 година.

„Дан Теслојану дејствувал „со намера“ ... и го игнорирал ризикот од предизвикување сериозни медицински проблеми или дури и смрт на пациентите“, соопшти Обвинителството.

Обвинителите рекоа дека осомничениот создал синџир од медицински лица кои ги снабдувале пејсмејкерите и другите уреди „вклучувајќи ги и оние собрани од трупови“, со што се прекршуваат сите правила и прописи.

Помеѓу четворицата други медицински лица осомничени дека се дел од неговиот синџир е и Едуард Белу, воен лекар во градот Брашов, за кој обвинителите рекоа дека бил близок соработник на Теслојану.

Тие на пациентите им наплаќале меѓу 2000 и 3000 евра за апарат од мртов човек, колку што чини и нов уред.

Апаратите ја немале потребната гаранција од Министерството за здравство, а немале ниту документи што покажуваат дека биле стерилизирани пред имплантација.

Обвинителите велат дека „голем број“ од хируршките интервенции дури и не биле неопходни, а лекарот поставил „фиктивни дијагнози“, вклучително и со препишување лекови што би предизвикале „специфични симптоми“, како што е забавно чукање на срцето на пациентот за да ги убеди дека им треба пејсмејкер.

Теслојану се појави пред судот во Букурешт минатата недела и судијата му одреди 30-дневен притвор. Неговите адвокати поднесоа жалба.

Адвокатот на Теслојану, Мариус Тодеанка, го бранеше својот клиент на суд, тврдејќи дека собирал уреди од мртви луѓе „за да спаси животи“, објави РСЕ.

„Никој не вели дека не се спасени животи. Тој има 21-годишна кариера и спроведе 4.000 процедури“, рече тој, тврдејќи дека пејсмејкерите биле продадени евтино.

Видете и ова: Во Романија и Бугарија расте трговијата со лажни сертификати за вакцини

Според романскиот закон, пејсмејкерите и стимулаторите ги плаќа Националната здравствена установа, иако понекогаш пациентите треба однапред да ги платат трошоците, а потоа да им бидат рефундирани парите.

Романското Министерство за здравство соопшти дека законот „експлицитно забранува“ повторна употреба на уреди и материјали за еднократна употреба, како што се имплантираните уреди.

Во јули минатата година, Меѓународната трговска администрација соопшти дека здравствената заштита во Романија чинела 16,7 милијарди долари, или 872,3 долари по лице и 5,9 отсто од нејзиниот Бруто домашен производ во 2021 година, што е една од најниските стапки на потрошувачка по глава на жител во ЕУ.

И покрај обидите за унапредување на примарната здравствена заштита, износот за примарна и амбулантна нега (18,6 проценти) е втор најнизок во ЕУ зад Бугарија.

Обвинителите извршија претреси во болницата „Свети Спиридон“ во Јаш минатата недела и забележаа дека на пакувањето на неискористените медицински помагала е јасно напишано дека тие се „за еднократна употреба и не треба да се користат повторно или стерилизираат“, соопшти Министерството за здравство.