Лаптопи имаат ама доверба немаат

Илустрација

Набавката на 100 лаптопи за Собранието предизвика жестоки критики на социјалните мрежи. Парламентот потоа објаснуваше дека се работи за донација. Довербата во институциите е толку ниска, што во очите на јавноста, ако на исто место се стават функционери и пари, тоа резултира во функционери со пари.

Во момент кога илјадници деца немаа соодветни уреди за следење онлајн настава, Собранието се поднови со 100 нови лаптопи од по 900 евра, објавија дел од медиумите. Уследија жестоки критики на социјалните мрежи, а Собранието објаснуваше дека компјутерите се швајцарска донација, не за пратениците, туку за вработените во собраниските служби.

Се работи за донација од Швајцарската агенција за развој и соработка преку Програмата за поддршка на Парламентот. Проектот трае од 2018 до 2029 година и ќе чини 11 милиони швајцарски франци. Меѓу другото проектот предвидува и „подобрување на информациско-комуникациските системи на Собранието“.

Инаку, пратениците веќе имаат службени лаптопи. Во моментот кога некој ќе стане пратеник добива службен мобилен телефон и службен лаптоп.

Едни ја обвинуваат јавноста дека хистерично реагира на секоја лажна вест за потрошени државни пари, а други се обидуваат да објаснат што се случува.

Трети, пак, посочуваат дека довербата во институциите и во функционерите е толку мала што на повеќето им е многу веројатно дека ако на исто место се стават функционери и пари, тоа резултира во функционери со пари. Ако веќе „лапаат“ по илјадници евра месечно за патни трошоци, за што има и сериозни сомнежи за злоупотреби, зошто не би лапнала уште по еден лаптоп од илјада евра?

Некои, пак, се шегуваат со ефикасноста на администрацијата и прашуваат што ќе работи на тие лаптопи.

Гневот на јавноста е уште поголем голем зашто проценките се дека во време на пандемијата, кога наставата се одвива онлајн, околу 40 илјади деца не можат да следат настава зашто немаат соодветни уреди. Кавадарчанецот Борче Стаменов волонтерски оспособува стари компјутери кои луѓе му ги донираат и потоа ги подарува на семејства што немаат. Досега подарил над 400 компјутери, а за децата кои добиле таков уред, тој е Супермен.