Кучкарите и искасаните се караат, властите си свиркаат

Улични кучиња во Скопје

Човек со пушка во Струга уби десетина улични кучиња, што предизвика вистинска вербална војна на социјалните мрежи. Едни обвинуваат дека е психопат, други дека луѓето имаат право да се штитат од глутниците. Само ретки посочуваат дека проблемот треба да го решат властите, а не самоповикани пиштолџии.

Активистите за заштита на животните утре пред владата ќе одржат протест откако жител на струшкото село Ливада пред два дена со пушка уби десетина кучиња низ градот. Во исто време, имаше масовно труење на уличните кучиња во Неготино.

По масакрот на кучињата во Струга почнаа жестоки расправии на социјалните мрежи. Едни обвинуваат дека се работи за монструм кој ја загрозил безбедноста и на граѓаните, други дека луѓето мора да се заштитат од глутниците кои секојдневно напаѓаат по неколку луѓе.

Едни споделуваат фотографии од човек со пушка како се шета низ Струга и убива животни, други споделуваат фотографии од искасани луѓе и прераскажуваат свои искуства со глутниците. Некои коментираат дека тоа што во центар на град може да те изедат кучиња, но и тоа што среде бел ден можеш да се шеташ со пушка е одраз на нефункционалноста на државата.

Некои, пак, коментираат дека државата има посериозни проблеми за толку енергија да се троши на еден комунален проблем како справување со кучињата скитници.

Локалните власти, кои се најодговорни за решавање на проблемот со уличните кучиња, си свиркаат.

Во меѓувреме, полициските билтени се полни со вести за луѓе нападнати од уличните кучиња. Само на 10 јануари имало шест случаи на каснување од куче-скитник во Скопје. Истиот ден во Струга двајца жители биле искасани од улични кучиња.

Полицијата вчера соопшти дека жител на селото Ливада е осомничен дека со ловечка пушка застрелал седум кучиња во Струга и оти против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, кој е на чело на локалната власт од 2005 година до 2013, па повторно од 2017 година, дури сега најавува решавање на проблемот со уличните кучиња. Според него, општината нема капацитет за отворање на Центар за нивно згрижување, но ќе преземат активности за хуман третман односно контрола на популацијата преку стерилизација и кастрација.

Во исто време имаше и масовно труење кучиња во Неготино. Градоначалникот Горан Стојанов објави дека побарал од поинтензивно заловување на кучињата-скитници и нивно сместување во стационарот.

Некои граѓани посочуваат дека луѓето имаат право да се штитат од глутниците кучиња.

Други, пак посочуваат дека никаде во Европа нема глутници, а проблемот не бил решен на каубојски начин.

Ако големината и моралниот напредок на една нација се ценат според начинот на кој ги третира животните, како што рекол таткото на современа Индија Махатма Ганди, Македонија е многу ниско, коментираат дел од граѓаните.

Активистите посочуваат дека никој не е казнет за неодговорно сопствеништво. Земаат куче зашто детето сакало, па кога на детето ќе му здодее го пуштаат на улица. Други сопственици не ги кастрираат милениците, туку ги пуштаат на улица да се спарат, а малите кученца потоа никој не ги сака.

Тие ја повикуваат Агенцијата за храна и ветеринарство, која треба да го спроведува Законот за заштита и благосостојба на животни „да се разбуди“.

Тие исто така велат дека летоска бил избришан членот од законот според кој домашен миленик треба да се движи исклучува во придружба и со поводник, така што сега секое домашно куче слободно може да се шета по улица и да прави проблеми.

Здраво куче за две години на улица може да остави 200 потомци, велат активистите, така што убивањето никако не може да го реши проблемот.

Активистите бараат построга контрола на продажбата и размножувањето на кучиња и строги и високи казни за напуштање на милениците. Според сегашниот закон, казната за напуштање миленик е опомена, а при втор престап е само 15 евра. Исто така бараат општините да одделат повеќе пари за хуман третман на уличните животни.

Тие инсистираат на принципот – залови, стрелизирај – врати. Ако овие улични кучиња што ги има не се размножуваат, тие за неколку години ќе умрат од природна смрт и веќе нема да има. Но тоа не се случува, зашто постојано се пуштаат нови, а никој не е казнет поради тоа.