Со звуците на „Болеро“ од Морис Равел и македонската химна, културните работници излегоа на улица. Денеска напладне, повикани од својот Синдикат на културата (СКРМ), тие маршираа од паркот „Ибни Пајко“ во Скопје (кој патем во некоја рака обединува три институции од оваа дејност НОБ, Филхармонија и Националната галерија), преку Владата и завршија пред Министерството за култура. Нивното барање со овој протестен марш е едно и единствено - Колективен договор СЕГА!
„Поминаа 15 години од последниот општ колективен договор во културата. Исто толку без јасно дефинирање и групирање на работни места во институциите, без правична валоризациjа на трудот во сите дејности, без прецизно поставување на критериумите за безбедност и здравје при работа, без додатоци од плата, теренски и службени дневници. На 20 јуни, СКРМ донесе одлука за штрајк доколку до 31 септември не биде донесен новиот Закон за култура и не биде потпишан Колективен договор. Септември помина, Колективен договор немаме и затоа денеска излегуваме со протестен марш како последно предупредување пред да ја активираме нашата постапка за штрајк“, ќе рече во своето обраќање Сања Арсовска, претседателка на СКРМ.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Таа во дополна истакнува дека со Министерството за култура се во добра соработка, дека на нивно барање после долго време се активирала работната група за Колективниот договор, а добиле и ветување од Владата дека средства за Колективен договор ќе бидат обезбедени и дека тој ќе се спроведе од 1 јануари 2020 година. Сепак, Арсовска појаснува дека ветувањата се едно, а потребата за протест нешто сосема друго.
„Нашето искуство покажа дека тие ветувања може да бидат изиграни и минатата година бевме изоставени од Колективен договор, па затоа Синдикатот на култура на Република Македонија бараше нивелација на платите и нивелацијата на платите беше спроведена во мај годинава. Нивелацијата се протолкува како зголемување на платите во културата. Не, тоа беше порамнување на платите и исправање на една неправда што се случуваше во минатото. Она што сега им следи на вработените во култура е Колективен договор во којшто ќе се уредат платите, ќе се уредат коефициентите според сложеноста на работните места во којшто ќе се уредат точно условите за надоместоците од плати. Нашиот принцип, односно принципот на СКРМ беше да потпише Колективен договор врз основа на нов Закон за култура. Бидејќи Законот не е сè уште донесен, а истиот тој закон не ги содржи барањата што се однесуваа за работнички права, ние нема да го чекаме да биде донесен новиот Закон за култура и можеме Колективен договор да потпишеме на веќе постојниот“, вели Сања Арсовска.
Видете и ова: Чекајќи ги Законот и Колективниот договор – културата на днотоНа прашањето, пак, што ако државата остане глува за нивните барања, Гоце Павловски, секретар на СКРМ, забележува дека тие се подготвени за штрајк но дека оставаат простор во предвидениот законски рок да го добијат одговорот од надлежното министерство. Тој појаснува дека оваа нивна реакција била предизвикана и од сознанието од Министерството за култура дека тие веќе ги испратиле информациите за буџетот за ова министерство за следната година и дека таму не се „предвидени средства за новиот Колективен договор“.
„Тоа значи дека постои простор за некаква манипулација и ние мораме да реагираме сега. 15 години чекаме на Колективен договор. Ние сме единствениот сектор во државата кој нема Колективен договор. И веројатно сме единствена земја во регионот којашто нема Колективен договор во културата, каде што работни места се измислуваат, плати се тресат од ракав по нарачка, каде што не се исплаќаат сите оние додатоци коишто ги гарантира Законот за работни односи, каде што нема минимални и нормални услови за работа. Сето ова мора да го подобриме за да фатиме барем некаков чекор со земјите од регионот, а не со оние од западна Европа“, смета Павловски.
Веднаш по завршувањето на протесниот марш на културните работници со соопштение се јави и Министерството за култура. Во него стои дека тоа ги поддржува вработените во културата за остварување на нивните барања и посветено, заедно со сите чинители во културата и со претставниците на СКРМ и на СОНК подолго од една година работи на подготвување на нормативните услови за донесување на модерни законски акти кои во што пократок временски период ќе овозможат остварувања на барањата на синдикалните организации.
Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата е услов за подготовка на Колективниот договор. Предлог-законот е во завршна фаза, и работната група ги внесува забелешките доставени преку ЕНЕР и од страна на надлежните органи, како последна фаза, пред да го предаде текстот во Владата на усвојување, се вели во соопштението.
Укажуваме дека Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата и Предлог-текстот на Колективниот договор, во Министерството за култура се подготвени уште од минатата година, но се чекаше усогласување со новите измени на прописите за јавна администрација, кои сега се достапни на јавноста.
Со оглед на тоа дека е утврден концептот на новиот закон, во Министерството за култура засилено и посветено работи со работната група за подготовка на Колективниот договор за културата, во која се вклучени членови на СКРМ и на СОНК. Со Колективниот договор се очекува, покрај другите прашања од областа на работните односи, да се надминат и присутните проблеми во утврдувањето на платите на вработените во установите во културата. Со него ќе се елиминира дисбалансот на платите помеѓу одделни дејности и ќе бидат утврдени објективни коефициенти за висната на платите во културата.
Се очекува во наредниот период, Колективниот договор да биде ставен на јавна расправа по основните организации на синдикатите во установите од културата, и дека ќе биде применлив од 1 јануари 2020 година, нагласуваат од Министерството за култура.