Зад нас е година во која светот се преврте наопаку. Година во која ја изгубиме слободата. Година во која старите навики и начинот на живот ги заменивме со нови. Поразлични. Временска отсечка која речиси во миг не натера да стигнеме до сознанието на кое дотогаш малку му обрнувавме внимание – дека здравјето е над сè. Не како рекламна порака за одреден фармацевтски производ, за медикамент, туку како реалност во која не турна пандемијата. И, види за чудо како минуваа деновите брзо стигна и сознанието дека предавството на летаргијатра е единствената работа што е најмалку потребна. Од таму, во очекување на вакцината и условно земеното враќање во „нормала“, што тоа и воопшто да значи во „новите услови“, обидите за излез од наметнатиот лавиринт и од просторот во кој сме се само изолирале донесоа и исчекори кои ќе бидат вредни документи за времето во кое живеевме. Нешто што се исправа простум пред заборавот. А, по што ќе ја помнат 2020 година некои од македонските творци и уметници беше прашањето на кое побаравме одговор од нив и се со желба оптимистички да влеземе во новото лето и да веруваме дека научивме барем нешто од она што ќе се обидеме да го оставиме зад нас и нашето постоење во просторот и во времето.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Година од учебник по историја
Лидија Димковска знае да каже дека 2020 за неа е „година од учебник по историја, колективна меморија на човештвото во која и нашите индивидуални сеќавања ќе бидат пред сѐ поврзани со појавата на Ковид 19 во светот и неговите последици врз сѐ што беше дел од него и секако врз нас самите“.
„За мене лично 2020 е и година со два радикално спротивставени пола: од една страна епидемијата изгради физички ѕид меѓу мене и мојата космополитска потреба по движење, па не само што ме попречи да патувам како авторка, на разни книжевни настани туку и првпат во моето речиси 25-годишно странствување ме оневозможи да дојдам во Македонија; од друга страна 2020 ми донесе многу книжевни радости од кои би ги споменала пред сѐ двете награди за поезија – едната, „Чаша на бесмртноста“ во Словенија, како прва добитничка која не пишува на словенечки јазик, а другата, наградата „Наим Фрашери“ што ја доделува меѓународниот поетски фестивал „Денови на Наим“ во Тетово, како прв македонски поет. Но поважно од тоа е што во годината на Ковид 19, соочена со себе и светот и со најинтимните филозофски прашања за постоењето, пишував многу, пред сѐ поезија, но исто така и проза и есеи. Како авторка која пишува на македонски јазик, 2020 година нема да можам да ја заборавам и по радикалното вето од страна на Бугарија во однос на Македонија на сметка на македонскиот идентитет и јазик, од кој, патем речено, дури три книги од моите се преведени на бугарски. Инаку, повеќе политички системи во основа мислам дека го злоупотребија Ковид 19 и за своите автократски цели, но оптимистички е тоа што човекот стана свесен за она што го изгубил, а и дека здравјето навистина е најважно во животот, и дека неретко зависи и од општествените системи што сам ги избира и ги гради, вели Димковска.
Поробени без војна
Актерот на Македонскиот народен театар Сашко Коцев изминататав година ќе ја памети не само по по Ковид – 19, туку и по уште неколку други работи од кои најважна и најскапа е слободата.
„Ќе ја паметам по тоа како пандемијата не научи колку е најважна и најскапа слободата, а човек може да ја загуби во само еден ден. Да бидеш поробен без војна. Ќе ја паметам како со неа се научивме за одговорност, дали кон себе, дали општествена одговорност. Ќе ја паметам по тоа како пандемијава ми покажа колку многу може да ми недостасува мојата работа...сцената, аплаузот, успехот или неуспехот. По бројните награди за најдобро актерско остварување со филмот „Налепница“ и уште повеќе награди за целокупното филмско остварување на истиот краткометражен филм на Ѓорѓи Унковски. По премиера на филмот „Хомо“ на Игор Иванов-Изи и улогата во него која прекопа низ мене нови ходници низ моето актерско живеење. По тоа како сфатив колку сум отсуствувал од дома и како тогаш увидов дека топлото и здраво семејство е основната клетка на општеството. По тоа дека оваа изјава, во нормални услови би ја кажал во топла и креативна атмосфера, седејќи и разговарајќи со еден искусен новинар, а не во ваква пишана или онлајн форма. Затоа посакувам во новата, да можеме без дистанцирање да се видиме и лично да си ги споделиме нашите доживувања. Среќна нова година!“, порачува Коцев.
Премачкување на реалноста
Јана Јакимовска, сликарка и вонреден професор на Ликовната академија на Универзитетот „Гоце Делчев“, 2020 ќе ја запомни по нејзините денови - речиси сите исти еден со друг. Ќе ја памети по отсуството на дружење, седенките на зум и месинџер, работењето од дома, маските, дезинфициенсите и дистанците. Ќе ја памети и по стресовите и стравовите на секое закашлување нејзино или на нејзините блиски - секако, и по страотните биланси и дома и на глобално ниво, како и хоророт предизвикан од лавината теории на заговор и фејк њуз врзани за пандемијата“.
Видете и ова: Предлог-буџетот за култура за 2021 – буџет за преживување„Но, ќе ја паметам и по времето кое магично се створи за да се создадат и некои нови дела, чии рокови - ќе погодите- беа прописно истумбани од што друго ако не од Ковид-19. Во тек на 2020 „премачкав“ околу 280 метри квадратни во вид на два мурали „Еднакви заедно посилни“ во Кавадарци преку Акто, и „Хероите на градот“ во Скопје преку КреАрт; со Ненад Тонкин ја одржавме третата Визија Скопје на Кале, имавме убава изложба со колешките Шќипе Мехмети, Снежана Мелник и Ала Хвастунова насловена „4 пати слобода“, а благодарение на Ангела Витанова во Кавадарци отидовме со изложба посветена на трансродовите лица и нивните приказни, наречена „WHAT comes NEXT!?“...исто така на 14ти декември во МКЦ се случи мојата осумнаесетта самостојна изложба, „Небо“. 2020 е година во која расказите на Румена Бужаровска добиваат уште повеќе признанија - преводи на уште повеќе светски јазици и театарски адаптации ширум Балканот, што бескрајно ме радува. Изложбите (онлајн и офлајн) не само што не застанаа, туку ми се чини дека ги имаше и повеќе од обично - тука лично морам да ги издвојам изложбите на Ненад Тонкин и на Филип Велковски. Имам чувство дека 2020 ја одбележа бидувањето онлајн: имавме одличен онлајн Скопје Прајд, како и одличен глобален Прајд, онлајн се нервирав за законот за забрана на абортус во Полска, но и онлајн се радував за падот на Трамп. Се надевам на вакцина против Ковид што поскоро, оти ми фали да се нервирам и радувам и во живо“, потенцира Јана Јакимовска.
Година на контрадикторности и параноја
За Џијан Емин, диригент, композитор, продуцент и мултиинструменталист, 2020- та беше чудна и силна година.
„Тоа беше година на контрадикторности и параноја. Година во која не може да работиме нормално, но имаме време да се дружиме со семејството. Година во која не можеме да имаме многу настапи и патувања, но имаме време да си ги средиме впечатоците и да создаваме нова музика. Година на откажувања, а во исто време откривање на нови или подзаборавени состојби. За мене секако мирна година и време во кое осознав некои нови вистини. Покрај сите премержја сепак имав среќа да бидам дел од неколку убави настани со ЗЏМ колективот, со филхармонијата и Франческо Тристано, со другарите Ана Кап од Франција, прекрасна дружба со Архангел, новогодишен концерт со биг бендот на ЗЏМ и филхармонијата и испраќање на старата 2020та на најдобар можен начин со авторски концерт со другарите Оливие Самулијан и Георги Шарески со голем оркестар. Посакувам новата година да донесе повеќе љубов, разум и среќа која многу често ја забораваме. Да бидеме здрави, живи, среќни и весели“, пожелува Емин.
Застанавме, се скротивме
Ана Голејшка - Џикова, пак, гласно се прашува што донесе и што однесе 2020?
Таа смета дека „оваа година беше една од најпредизвикувачките на глобално, но и на индивидуално ниво. И не само поради пандемијата и потенцијалните опасности по нашето здравје, туку и целата психолошка резонанца што уште трае и трае...“.
„За мене оваа година беше средба со себе, во голема мера одлучувачка и тешка. Не би рекла дека е исто како порано, затоа што навистина не е. Социјалниот живот ми се скуси, а домашниот, внатрешниот свет се одолжи и продолжи со причина. Имало зошто. Објавив две детски сликовници, сменивме дом со мојот партнер, ќерка ни расте, животот тече, но со поинакво темпо. Имав многу време да размислам што со себе, на каде одам, и уште не можам да разберам и дознаам, веројатно тоа е процес што сега е поинтензивен затоа што сме повеќе свртени кон себе, одошто кон другите. Годинава ми ги отвори очите на поинаков начин, за поинакви состојби, со кои уште се справуваме и ги преживуваме. Ми недостига сцена и публика, тоа си го признав и гласно, затоа што мојот карактер и личност си ја бараат таа афирмација, која благо речено, во короната згасна и стана забранета. Не смеевме да се дружиме повеќе од четворица, концертите беа на дистанца, излегувањата скусени, збиени а со далечина едни од други. А кога се гледавме, тоа беа кратки, чудни средби. Пред некое утро сфатив дека март е за три месеци и тоа онака, ме удри по нос! Каде исчезна годинава? Не исчезна, таа си тече, ние застанавме, се скротивме. Така требало. Живи и здрави да сме, да направиме нешто подобро од она што сме биле претходно, не мора да е генијално, но да е автентично наше. Од здравствени, но и логични причини се откажав од шеќер, не јадам леб и избегнувам многу тешка храна, грицки кои ми беа навика. Резултатот не е слабеење, туку чистење. И така и треба да биде годинава. Чистевме шпајзови, соби, плакари, прередувавме полици, во домот, но и во себе. Се вработив, па добив отказ. Имав проекти, а сега сум во потрага по нови. Ми се менува и гласот што го давам кон светот. Станувам посвесна и посмирена, а тоа го согледав откако се повлеков од идејата дека мора да сум некаде on spot.
Треба да сум си сама себеси точка во која ќе го создадам бранот. Подзастанав, за да си го успокојам срцето и телото. Да набљудувам и да сакам, многу да сакам, да љубам, да гушкам со поглед. Затоа што секој ден ми е важен“, искрено признава Голејшка – Џикова.
Разнесен на друг универзум
Актерот на Прилепскиот театар и слем поет Игор Трпчески знае да каже дека во изминатава 2020 за прв пат по 25 години , ОДИГРАЛ само една и единствена претстава „Лидија или сè што знам за жените“ од Тихомир Јанчовски на Драмските аматерски смотри во Кочани, на денот на ослободувањето, на споменикот на слободата, на еден од најголемите мозаици на Балканот, изработен од Глигор Чемерски...И, потоа онака на свој начин продолжува:
Видете и ова: Константин Качев: Уметноста бара пробивање ѕидови„ГЛЕДАВ само две претстави со физичко присуство и посебни протоколи...Со Поетски Слем Македонија УЧЕСТВУВАВ на Струшките вечери на поезијата без можност да се запознаам со интернационални автори...Само еднаш ИЗЛЕГОВ од „нашата земја“ на покана за здружението на граѓани „ВАРДАР“ од Ниш, на Денови на македонската култура, каде мојата сопруга Бојана Артиновска Трпческа имаше изложба во Нишкиот културен Центар, а јас ОДРЖАВ Вечер на македонска поезија во библиотеката „Стеван Сремац“ која и покрај пандемијата се преполни со луѓе и емоции...Бев специјален гостин на Poezin party во клубот Блуз и Пиво во Белград и се сместив на Скадарлија... УЧЕСТВУВАВ на петтата промоција на книгата „РАДИО“ во Прилеп, каде со хармониката на Јордан Костов и утот на Дејан Спасовиќ „патував“ во нови светови, а гласот на Добрила Грашеска во придружба на Доријан ме „разнесе“ на друг универзум...ВОДЕВ само еден концерт на класична музика на сопранот Ана Митоска во придружба на гитара со Илија Чакароски... Со Театарска Работилница Прилеп го РЕАЛИЗИРАВМЕ 10 годишниот јубилеј на Поетски Слем Македонија 2о2о со Бранислав Николов и Гоце Јованоски на глас и бас и КОНЦЕРТ на Гоце Стевковски на Плетвар во Резиденција „Ана Плетварска“...Учествував на седмиот европски поетски слем натпревар кој за прв пат се одржа целосно он лајн во Марибор, каде од 19 учесници ГО ОСВОИВ 17тото место, со тоа што тројца го делеа шеснаесеттото...
Се викам Игор Трпче и во Прилеп живеам...
Маткам како глумец и прв пат уба плата земам...
Пијам Крали Марко, Марко Цепенков читам...
По улици одам и креативност ПИТАМ...
Ама шо ми е гајле
како не ми беше срам?...
за 2020-та нешто да прогорам!!!!???
Соочување со својот одраз во огледалото
Режисерката Нела Витошевиќ првично забележува дека нејзината 2020 година „ја одбележале низа успеси, како и голем број лични преиспитувања“. Дека ќе ја памети како година во која единката беше ставена во позиција да го запре темпото, да направи дистанца и од птичја перспектива да го погледне сопствениот живот.
„Токму тоа запирање, кај мене донесе до преиспитување на приоритетите и нивно насочување. Од друга страна сметам дека соочувањето на луѓето со својот одраз во огледало, како и целиот процес на интроспекции се „позитивното“ лице на пандемијата. Колку и да е сегашноста страшна и болна, би рекла дека ова паузирање на светот и размислување за суштинските проблеми, ги одвои важните аспекти на животот, и верувам ќе се покажа како потребно и здраво за колективот. Затоа и сметам дека засиленоста на екстремните ситуации во иднина сигурно ќе го извади доброто на површина. Како клучни настани за мене во 2020 ќе ги издвојам: премиерата, неколкуте изведби и успехот на претстава Мојот маж со која ја започнав оваа година, потоа реактивирањето на Вондерлен театар и сите театрски активности кои ги направивме за време на пандемијата, а особено виртуелната претстава Илузии, која веќе има 4 селекции на интернационални фестивали. За крај мојата борба и победа на летаргијата и директното погледнување во очи на сите предизвици кои ги донесе короната, ги сметам за моја голема лична придобивка и победа над конформизмот“, појаснува Нела Витошевиќ.
Година на забранети гушкања
Дејан Трајкоски, писателот и првиот човек на литературниот фестивал ПРО-ЗА Балкан, во воведот со констатација: 2020 беше Година кога самите си ги забранивме гушкањата. Кога и на интровертните им збоктиса изолација. Тој во продолжение и со мисла:
„Во 2020 не го гледавме Ник Кејв во Белград. А секогаш треба таква музичко-шаманска атмосфера за да ни ги излечи секојдневијата. Го организиравме литературниот фестивал ПРО-ЗА Балкан во услови на пандемија. Се најдовме еден куп луѓе со негативни PCR тестови на едно место. Беше како ние да ја измисливме слободата. Во Куршумли ан ја промовиравме новата книга поезија „Срчки“ од Пијан Славеј. Како да не носевме маски, таква беше таа вечер. Со „фолтиновците“ Гоце и Бранислав го реализиравме проектот „Реобмислување“. Со моја поезија, нивна музика, и рецитирање од Бранислав, понудивме ново видување на легендарни љубовни филмски сцени. Оти такви никогаш не се доста. За време на карантинот си бевме дома. Си се топлевме. И се стопливме.Ја напишав, речиси целосно, мојата прва книга со поезија. И еве, кажувајќи го ова, гледам дека повторно преовладуваат добрите спомени од 2020. Знаев луѓе кои биле во Аушвиц. И таму се смееле. Хуморот е иманентен на човекот“ – ми рече одамна во интервју великанот Јиржи Менцел. Па така нека влеземе во 2021, се до вакцинирањето“, забележува Трајкоски.
Во очекување на новата и светла година
Видете и ова: Насмевки под маски и ново ковид „здраво“Конечно за Дуња Иванова, пијанистката која трага по поинакви трепети на клавишите и велосипедистката која неколкупати се искачуваше на тронот како победник во трките од својата категорија, „да се биде здрав, и да се поседува слободата е најголемата привилегија“. Таа смета дека 2020-та на суров начин не освести за комфорот кој го живеевме пред пандемијата, а кој во еден миг ни беше одземен.
„Сакам да верувам дека станавме поинакви луѓе, свесни за малите но големи нешта кои го чинат животот, ја крепат љубовта и почитта кон другиот. Музиката сепак, и во вонредни услови го најде својот пат. Со големи напори ги реализиравме концертите на кровот на ГТЦ и на платото пред МКЦ, кои несомнено беа духовно закрепнување за многумина. Какво што закрепнување за мене пак беа успесите на две тркала во прегратките на природата. Доаѓа, нова и недопрена, светла ќе биде знам, година во која конечно ќе престане силувањето на природата и ќе настапи разумот. Затоа што и сега и секогаш, љубовта е на потег“, искрено потсетува Иванова.