Продолжува хаосот со јавниот автобуски превоз во Скопје. Приватните превозници утринава ги паркираа автобусите на раскрсницата кај трговскиот центар Мавровка во знак на протест и го блокираа најфрекфентниот дел од центарот на градот.
Тврдат дека Јавното сообраќајно претпријатие, кое е под надлежност на Град Скопје, им должи околу милион и пол евра и бараат градските власти да ги подмират долговите.
„Голем е долгот, од август навака, не се пуштени давачките за нафта“, вели Трајко еден од возачите кој беше присутен на протестот.
„Да се среди работава, кога ќе има пари ќе има и работа, а без пари нема ништо“, вели Маријан, друг возач на автобус.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Превозниците бараат Владата да ги одземе ингеренциите на Арсовска
Приватните превозници не бараат само да им се исплатат парите за кои тврдат дека градот им ги должи, бараат и Арсовска веќе да не биде на чело на градот. Претставникот на „Слобода Превоз“, Кемал Муриќ на обраќањето на протестот ја обвини градоначалничката за ваквиот колапс на градскиот превоз, а од владата побара да и се одземат ингеренциите на Арсовска.
„Господине премиер ние сме граѓани на овој град и на оваа држава кои што може лесно да бидеме излажани, како што и бевме излажани, гласавме за градоначалничката да дојде на власт. Ве молиме да ги искористите сите мерки и средства што ви стојат на располагање, како на пример одземање на ингеренциите, да не се дозволи вакви шарлатани да бидат на чело и да држат ваква висока функција и позиција како што е градоначалник на Град Скопје“, изјави Муриќ.
Арсовска пак претходно ги обвини приватните превозници за затајување на приходи, матни игри и нечесно трошење на буџетот на граѓаните.
Таа посочи дека приватни превозници во изминатите пет години, немаат пријавено ниту еден продаден билет во автобусите кои возат за двете здруженија, а истовремено од Јавното сообраќајно претпријатие ги наплаќале фактурите за извозените километри за сума од едно евро по километар.
„Каде завршувале овие пари кои „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ требало секој месец да ги пријавуваат во ЈСП-Скопје и до УЈП, од продажбата на карти, доколку за пет години не пријавиле ниту еден продаден билет?! Да затаите приходи коишто се движат во висина од околу 200 до 300 илјади евра секој месец, да не ги прикажете никаде и тоа да се одвива пет години – мора да признаеме дека тоа се милиони и милиони евра пари на граѓаните коишто некој си ги ставил во џебот“, изјави градоначалничката на прес конференција на 24.11. 2022.
Видете и ова: Скопјани во „менгеме“ меѓу Арсовска и партиитеПревозниците на денешниот протест ги отфрлија ваквите обвинувања и најавија дека блокадите ќе продолжат и во наредните денови на повеќе крстосници, доколку не се решат проблемите.
Град Скопје: Договорот е раскинат поради непочитување на обврските
Од кабиентот на Арсовска за РСЕ велат дека договорот на приватните превозници “Макекспрес” и “Слобода Превоз” е раскинат поради неисполнување на обврските кои произлегуваат од истиот и продолжуваат со подготовката на нов јавен повик за договори со превозници.
„Како што и претходно најавивме, подготвуваме јавен повик за нови договори со заинтересираните приватни превозници кои досега возеле како дел од овие здруженија, а отсега ќе имаат можност да склучат директен договор со ЈСП, наспроти досегашниот модел.Новите договори, секако, ќе имаат услови кои ќе мора да ги почитуваат превозниците, а се однесуваат пред се на еколошките стандарди“, се вели во одговорот од Град Скопје.
Според новиот јавен повик, како што и претходно најави Арсовска, на секој од сегашните поединечни превозници ќе му биде понудено директно и индивидуално да аплицира, да добие линија со исполнување на условите коишто ќе бидат во јавниот повик.
Скопјани мака мачат со јавниот превоз
Во меѓувреме скопјани веќе со недели мака мачат додека да стигнат на работа или училиште. Протестот на превозниците утринава предизвика километарски колони од возила низ центарот на градот, а граѓаните кои се возат со автобус велат дека со часови чекале на автобуските постојки.
„Нема автобуси, чекаме, веќе има еден час како што чекам“, вели скопјанката Реџеп.
„Има гужва. Доаѓам пешки од Чаир до Центар па за да продолжам накај Тафталиџе. Нема автбуси. Пред пазарот е блокирано, стои полиција, не дозволуваат да поминат возила. Хаотично е. По ова ќе ја паметиме градоначалничката“, вели скопјанката Дивна Марковска.
Автобусите на ЈСП денеска сообраќаа, но дел од жителите велат дека откога приватните не возат, гужвата е голема.
„Сега беше преполно. Откога ги снема приватните автобуси многу се чека, некогаш по 40 минути, а некогаш и повеќе. Треба да се реши проблемот, еве јас постојано се возам со автобус“, вели скопјанецот Зоран Новаковски.
Видете и ова: Неуспешниот партиски пазар на Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ на штета на граѓанитеПриватните превозници во јавниот превоз учествуваат со над 200 автобуси. За денеска е најавено дека Советот на Град Скопје ќе одржи вонредна седница за советнички прашањa каде што се очекува да се донесе одлука за решавање на проблемот со приватните автобуски превозници.
Минатиот месец проблем имаше и со платите на вработените во ЈСП-Скопје, па и тие еден ден не возеа бидејќи имаа колективен штрајк. Исто така поради долг кој не можеше да го наплати од ЈСП, престанаа да сообраќаат и автобусите на вториот приватен превозник „Мак експрес“, па овие линии во меѓувреме беа заменети со автобусите на ЈСП.
Сето ова доведе до метеж, нередовни автобуси и многу нервози кај скопјани, а токму бесплатен и уреден јавен превоз беше едно од клучните предизборни ветувања на Арсовска.