Кружниот тек е крив, ама не бил згрешен

Новиот кружен тек во Струмица

На духовитите коментари на социјалните мрежи за асиметричниот кружен тек во Струмица, во Општината реагираат дека е намерно направен така за да ги задоволи потребите на граѓаните.

Новиот кружен тек во Струмица, кој не е правилно центриран, а автомобилите се принудени да возат по пешачкиот премин предизвика низа досетливи и шеговити коментари на социјалните мрежи. Некои велат каква ракија има во Струмица, среќа што го направиле круг, на други им го активира опсесивно-компулсивното нарушување, a во Општина Струмица реагираат дека кружниот тек е намерно направен асиметрично за да може да се додадат и дополнителни ленти.

„Ја замолуваме јавноста за трпение проектот да биде целосно завршен, по што ќе има време да се види неговата функционалност и намена“, велат во Општина Струмица.

Некои иронично прашуваат дали можеби планираат да го поместат градот, за кружниот тек да дојде во средина.

Видео-снимката направена од птичја перспектива стана хит на социјалните мрежи.

Можеби затоа доцни изградбата на автопатот Охрид – Кичево, се шегуваат некои.

Досетливите граѓани на социјалните мрежи објавуваат духовити забелешки за тоа што сè може да биде асиметрично.

Други во стилот на К-15 коментираат дека кружниот си е добар, улицата е крива.

По реакциите во јавноста реагираше Општина Струмица со објаснување. Велат проектот не е завршен и бараат трпение од јавноста за да се види неговата функционалност и намена.

„Потребата таквиот кружен тек да има асиметрична поставеност е воведување на посебни ленти за десно свртување од булеварот „Ленинова“ кон улицата „24-ти Октомври“ и од улицата „24-ти Октомври“ кон излезот на Струмица, а чија потреба за воведување е резултат на претходно направени броења со користење на софтвер за броење на проток на возила кои сообраќаат во најголем број од централното градско подрачје во правец кон улицата „24ти Октомври“ и од неа кон излезот на градот“, велат во Општина Струмица.

Во шегите на социјалните мрежи, дел од луѓето гледаат политичка позадина.