Кој со кого и против кого на изборите

Архивска фотографија - Предвремени парламентарни избори 2020

За локалните избори во најава се две големи меѓуетнички коaлиции. Доколку опозицијата се обедини битката на локалните избори ќе биде посериозна, вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски. Одамна е позната изреката дека во политика нема трајни пријатели или непријатели, туку има само трајни интереси, но некои работи малку потешко се надминуваат, вели аналитичарот Алберт Муслиу.

Две големи меѓуетнички коалиции се во најава за учество на локалните избори закажани наесен. Владејачките партии СДСМ и ДУИ веќе најавија дека меѓусебно ќе се поддржуваат на изборите, некаде во првиот круг, некаде во вториот.

СДСМ за парламентарните избори лани беше во коалиција со Беса. И за локалните избори повторно најавија соработка, а ќе коалицираат и со ДПА на Мендух Тачи.

Се чека и официјализирање на коалицијата меѓу партиите од опозицијата ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата за Албанците и Алтернатива, кои најавија заеднички настап. Тоа би било првпат ВМРО-ДПМНЕ да влезе во коалиција со албанска партија пред избори. Обично коалициите се прават по изборите. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ беа во коалиција од 2009 до 2017 на централно ниво, а некаде и во општински совети коалицираа, но по избори.

Видете и ова: Независните листи со реални шанси за советници, а мали за градоначалници


Изборите за градоначалници и советници во општините ќе се одржат на 17 октомври. Вториот круг ќе се одржи на 31 октомври. Ова ќе бидат седми по ред локални избори од осамостојувањето на Македонија. Власта на локално ниво сега е во рацете на СДСМ и на ДУИ.

Генералниот секретар на Алијансата и актуелен градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари во колумна вели дека ДУИ е вознемирена од можната коалиција меѓу Алијансата и ВМРО-ДПМНЕ и дека ДУИ –„гори“. Таравари е кандидат за уште еден мандат на чело на Гостивар.

Опозицијата тврди дека длабоко ќе ја победат владата, a власта, пак, вели дека ќе победат на изборите, оти имале најдобри кандидати.

Пречки за коалицирање

Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски вели дека доколку опозицијата се обедини битката на локалните избори ќе биде посериозна и ќе си ги зголемат шансите за победа, односно нема да им дозволат на партиите од власта лесно да победат како на изборите во 2017.

ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците, претходно немаа добри односи поради настаните во Собранието на 27 април 2017 година, за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога толпа граѓани упаднаа во Собранието и го претепаа претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села.

Божиновски вели дека овој настан не би бил пречка за коалицирање, оти ова ВМРО-ДПМНЕ нема ништо со тогашното раководство, а тој настан беше исклучиво на штета на тоа ВМРО-ДПМНЕ.

„Ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ не може да се поврзе, да се направи некаков линк со она што, за жал, му се случи на господинот Села. Овие луѓе немаат врска со тоа што му се случуваше“, вели Божиновски.

Партиите во кампањите многу често се занимаваат со етнички програми кои предизвикуваат тензии и поделби, но по изборите се формираат влади од македонски и партии на Албанците и несогласувањата се „пеглаат“.

Видете и ова: „Султан“ партиите никако да се реформираат


Аналитичарот Алберт Муслиу, за Радио Слободна Европа вели дека одамна е позната изреката дека во политика нема трајни пријатели или непријатели, туку има само трајни интересно, но, како што додава, некои работи малку потешко се надминуваат.

„Ако можеби дел од гласачите на Алијансата ги заборавиле настаните на 27 април, или се млади, па не се сеќаваат, секако последните препукувања во Собранието за Законот за државјанство инициран од Алијансата и Алтернатива не може толку брзо да се заборават. На тоа што инсистираше Алијансата и Алтернатива најголеми пречки им правеа партиите од опозицијата. Јас мислам дека партиите се премногу оптимистични кога веруваат во апсолутното право на менаџирање со нивните гласачи“, вели Муслиу.

Тој додава дека на многу избори се покажало дека не сите гласачи ги слушаат партиите.

„Партиите колку се посвесни дека треба да внимаваат на изречениот збор, толку повеќе ќе можат да сметаат на своите гласачи. Но тука кај партиите имаме и принципиелни разлики, не се само вербални, но во секој случај локалните избори се најшарени, најразнолики и може да очекуваме секакви коалиции“, вели Муслиу.

Подадената рака до Левица

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски подаде рака и до лидерот на Левица Димитар Апасиев да им се придружи, за како што вели обединување на опозицијата, но Апасиев му одговори дека „ политичкото рацио на Левица не е да донесе некој на власт!, туку политичкото рацио на Левица е да стане ВЛАСТ“.

Божиновски вели дека однесувањето на Левица на изборите е многу важно и без да влезе во некои предизборни коалиции. Тој вели дека на Левица најмногу и одговара да има предвремени парламентарни избори, а тоа би се случило само доколку опозицијата победи на локалните избори.

„Левица најверојатно нема да има градоначалници, ќе си имаат тие советници. Сосема логично и во интерес на Левица, не во интерес на ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата или која било друга партија, туку во интерес на Левица е Апасиев да повика нашите членови и симпатизери гласајте за опозиција, мора да ја бутнеме оваа власт. А ако Апасиев не ги повика и каже – „шкртнете“, или „гласајте по ваш избори“, тоа е во корист на власта“, вели Божиновски, кој додава дека на евентуални предвремени избори Левица би била трета сила во Собранието и би имала минимум седум пратеници.

Листите на кандидати за изборите закажани за 17 октомври, треба да се поднесат заклучно со 11 септември до 24 часот. Изборната кампања започнува на 27 септември во 00 часот, што значи се смета и денот 27 и трае заклучно со 15 октовмри до 24 часот, кога настапува изборниот молк на 16 септември, пред гласањето. На 16 октомври гласаат болните, немоќните, а на 17 октомври е денот на изборите. Јавниот увид во Избирачкиот список започна на 21 август и ќе трае заклучно со 9 септември.