Кој добива, а кој губи ако Македонија е една изборна единица?

Илустративна фотографија

Предлогот за воведување една место постоечките шест изборни единици влезе во македонското собрание. Предлагачите на законот сметаат дека ова ќе доведе до демократизација и на изборниот процес и на општеството во целина, но експертите предупредуваат на проблемот со стабилноста на идните влади.

Измените и дополнувањата на Изборниот законик со кои се предвидува воведување една изборна единица, поднесени од пратеници од помалите парламентарни партии конечно се најдоа во Собрание. По многу најави, аргументи и контра-аргументи, измените поднесени од пратеници од помалите парламентарни партии предвидуваат целата територија да се обликува во една изборна единица со отсуство на изборен праг.

Ова треба да им овозможи на помалите политички партии, како и на партиите на помалите етнички заедници, полесно да го остварат своето право на претставување. Во моментов, нивните гласови се поделени во шест изборни единици и тие не успеваат да соберат доволно за да добијат пратеник.

На овој начин, вели Павле Трајанов кој е еден од предлагачите на законските измени, се гази по волјата на гласачите. Затоа смета дека воведувањето една изборна единица во земјава ќе доведе до укинување на мополот на големите партии, а нема да се „фрлаат во корпа“ гласовите на тие што гласале за помалите партии.

Видете и ова: Ќе се согласат ли партиите за промена на изборниот модел?

„Парламентот ќе биде реален одраз на определбата на граѓаните. На секој изборен процес, 100-150 илјади гласови пропаѓаат, бидејќи вака како што е поставен системот со шест изборни единици, новоформираните или помалите партии многу тешко можат да обезбедат секаде по десетина илјади гласови за да бидат во парламентот. Овој систем не обезбедува секој пратеник да има иста тежина“, вели Трајанов.

Како пример го наведува и тоа што во шеста изборна единица пратеник сега се станува со нешто над 6 000 илјади гласови, за во други на еден пратеник да му требаат и по 10 000 гласови. Во сегашните услови вели дека малите партии се принудени да влегуваат во коалиции, со што ја губат можноста самите да креираат свои програми. За него, важно е и тоа што една изборна единица би довела и до мултиетничност на партиите.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трајанов:Една изборна единица за департизација на општество

„Ние сакаме овој систем да го имплементираме, партиите наместо да се затвораат во своите етнички гета, секоја партија на цела држава да има свои приврзаници и полека да стануваат мултиетнички партии. А не, да речеме партиите од етничката заедница да инсистираат да имаат поинаков систем или полесно да поминуваат таму каде што имаат мнозинство и не водат сметка за гласови. Еве, ако е ДУИ или било која албанска партија, таа не ги интересира гласачите од Берово, Струмица, тука се концентрирани, и така постепено тие поделби партиски или по етничка определба се зголемуваат“, додава Трајанов.

Аналитичарот Сефер Селими не се согласува во целост со ова тврдење. Според него, за демократизација на политичките партии поважно е да има отворени листи за гласање, каде граѓаните ќе гласаат за луѓе на листата, а не за политичка партија.

Отворена листа значи дека гласачите можат да гласаат за оној кандидат за пратеник или општински советник за кого тие сметаат дека е најдобар, без разлика на кое место на гласачкото ливче се наоѓа таквиот кандидат. Во сегашниот изборен систем имаме затворени листи каде што гласачите гласаат за една партија или коалиција и со тоа немаат можност да преферираат одреден кандидат од истата партија. Тоа значи дека на крајот на изборниот процес, пратеници стануваат само оние кандидати кои се највисоко на листата и во зависност од освоените гласови на партијата. Во моделот со отворени листи пак, пратеници стануваат оние кандидати кои добиле најмногу поединечни гласови од гласачите.

Затоа Селими смета дека подобро е да се почне од отворените листи за што вели дека лесно ќе се постигне консензус, па потоа да се отвора темата за една изборна единица.

„Од една изборна единица секако можеме да очекуваме дека ќе имаме поголема партиска демократизација, затоа што помалите партии ќе имаат шанса да си добијат повеќе пратеници без да влегуваат во големи коалиции. Но, од друга страна тоа колку би било издржливо или би придонесло кон стабилна влада тоа е друго прашање, затоа што знаеме дека има многу мали политички партии кои функционираат врз база на тесни лични интересни на една мала група кои се на чело на партијата и целата нивна идеја на постоење е пазарење со државни функции“, предупредува Селими.

Видете и ова: Отворени листи за одговорни политичари и партиска независност

Тој се согласува дека сегашниот изборен систем им оди во прилог на големите партии, па оттука е и интересот на малите партии за промена на моделот. Сепак, додава, секоја одлука ќе биде важна за граѓаните.

„ Доколку има политички договор меѓу партиите тие кои ќе губат или добијат се самите граѓани и нивното претставување во Собранието“, дециден е Селими.

Додека Трајанов се надева на поддршка за измените од големите партии, со исклучок на ДУИ, Селими останува скептичен дека ќе има промени.

Од ДУИ во повеќе наврати повторија дека за измени на вакви значајни законски решенија, потребен е поширок меѓуетнички и меѓупартиски консензус. Оттаму велат дека не постои усогласеност околу овој предлог закон и се децидни дека изборниот модел треба да ја рефлектира хетерогеноста на општеството што сметаат дека е овозможено со сегашните шест изборни едници.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ посочија дека ќе го поддржат предлог законот, а со цел одржување предвремени избори. И од СДСМ велат дека остануваат на ставот за една изборна единица и отворени листи, и измени низ широка и инклузива дебата. Албанскиот политички блок е против овие измени.

Инаку, во земјава моментално се гласа по пропорционален изборен модел со 6 изборни единици од кои од секоја се избираат по 20 пратеници. Со ваков начин мали се шансите за помалите политички партии, кои, и покрај тоа што освојуваат одреден квантум гласови, сепак остануваат без пратеничко место.

Согласно постојниот изборен систем на парламентарните избори се избираат 123 пратеници, од кои 120 пратеници се избираат според пропорционалниот модел, а тројца пратеници (од редовите на дијаспората) се избираат според мнозинскиот модел во еден изборен круг и тоа по еден пратеник од три изборни единици во Европа и Африка, во Северна и Јужна Америка и во Австралија и Азија.