Вакцинација и безбедносни протоколи за спас на туризмот

Охрид

Вакцинирањето и ставањето под контрола на пандемијата на коронавирус ќе бидат клучни за враќање на туристите во Македонија, по огромниот пад изминатата година.

Брза и ефикасна вакцинација, стивнување на епидемијата на коронавирус и промовирање на безбедносните протоколи се можен спас за туризмот оваа година, велат хотелиерите. Ако сè биде во ред, туризмот годинава би требало да почне да заживува, но сепак, ќе биде далеку од постигнување на резултатите од 2019 година, вели Крсте Блажески од Хотелската асоцијација на Македонија ХОТАМ.

Видете и ова: На плажа или на планина, летово „остануваме дома“

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2020 година имало 467 илјади туристи, што е за 60 отсто помалку отколку во 2019, а остварени биле скоро 1,7 милиони ноќевања, двојно помалку од претходната година. Бројот на странски туристи годинава е намален за над 80 проценти. Падот на прометот е уште поголем од ова, вели Блажевски, со оглед на тоа што годинава речиси и да немаше семинари, симпозиуми и конгреси.

„Што да очекуваме во 2021 година? Се надеваме дека ќе биде доста подобра. Во однос на 2019 би требало да сме во минус 20-30 отсто, а тоа се веќе некои бројки што се во позитива, без загуби. Инаку, сега нема хотел што не трпи загуби. Како ќе биде во следните месеци исто така ќе зависи и од други работи, до каде сме со вакцините, како ќе се вакцинираме, дали ќе ги отвориме границите, дали ќе пуштиме протокол за свадби, значи тие организирани настани каде што се остваруваат приходи во оваа индустрија“, вели тој.

Претседателот на Угостителско-туристичката комора Владимир Граматиков вели дека резултатите од 2019 не може да се постигнат годинава, но оваа туристичка сезона може да биде успешна.

„Да заживее малку може ако се работи на добра промоција, ако има добра стратегија. Државата ако работи на промоција на туризмот може да врати нешто од туристите. Мора да се докаже дека сепак сме безбедни, дека сме во ред и пак да влеземе во очите на тур-операторите. Да се промовираат протоколите, да се каже дека се намалува ширењето, бројките се намалуваат, вакцинација во тек, тоа е потребно“, вели тој.

Хотелиерите бараат угостителските и туристички работници да бидат меѓу првите за вакцинација, а Агенцијата за туризам соопшти дека ќе ѝ предложи на владата туристичките работници да имаат приоритет при вакцинирањето.

Хотелиерите велат дека оваа година, и покрај кризата, успеале да задржат голем дел од вработените и оти во тоа допринеле и туристичките ваучери на владата, кои помогнаа сезоната колку толку да се спаси, иако половина од ваучерите останаа неискоритени. Се надеваат дека најавените ваучери за годинава од 250 евра ќе помогнат за заживување на туризмот.

Според Државниот завод за статистика, на крајот на третиот квартал во кризната 2020 година имало за 4 илјади повеќе вработени во секторот угостителство и туризам во однос на претходната година. Блажески и Граматиков се сомневаат дека има зголемување на бројот на вработени. Велат дека можеби се работи за отворање на нови објекти на почетокот на годината, пред да почне кризата, кои ги задржале вработените, поради владините мерки за помош на стопанството.