Претседателот на Собранието Талат Џафери повторно ќе треба да одлучи дали да ги повика пратениците да се вратат во собраниските клупи откако група пратеници од владејачката СДСМ и од опозициските партии на Албанците покренаа иницијатива со која повторно се бара свикување на Парламентот. На списокот потпис ставија пратеници од опозициската ДПА, Алијансата за Албанците, Беса, независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и од владејачката СДСМ. Иницијативата содржи две точки – свикување на седница за потврдување на одлуката на претседателот Стево Пендаровски за вонредна состојба и за ставање во употреба на Парламентот кој на 16 февруари се распушти во очекување на избори.
Во ситуација кога на сила е втората вонредна состојба се поставува прашањето зошто сега пратениците имаат желба да седнат во собраниските клупи.
Аналитичарот Владимир Божиновски вели дека едноставно не му е јасно зошто сега до Собранието се поднесува ваква иницијатива кога, како што вели, сега нема потреба за тоа. Тој додава дека пред месец ипол за тоа имаше потреба, ама сега во овој момент нема потреба, особено што според Деловникот повторно одлуката за свикување на Собранието треба да ја донесе неговиот претседател Талат Џафери.
„И таа иницијатива што ја поднесуваат сакаат некаков притисок да му направат на претседателот на Собранието? Не ми е јасно, искрено ви велам. Не ја гледам причината зошто сакаат сега да се свика Парламентот, освен ако не е она што го зборува опозицијата за да се потврдат одредени уредби коишто се донесени сега, а немаат врска со кризата“, вели Божиновски.
Ако се состане сега Собранието, владините уредби ќе ги потврди и преточи во закони овој пратенички состав, но ако тоа не се случи, тогаш по изборите нов пратенички состав ќе ги разгледува и ќе треба да ги потврди или оспори донесените владини уредби со сила на закон. Од друга страна, претседателот на Собранието е од владејачката коалиција и со ова како да укажуваат дека во коалицијата има некој проблем, додава Божиновски.
„Поради ова се подгреваат дополнителни шпекулации дека со ова се сака на некој начин, иако не гледам како е можно тоа, да се забрза самиот изборен процес. Во ситуација кога сите сме по дома, не гледам начин како некој ќе се обиде да ги оправда изборите кои би се одржале во наредниве месец или два кога сите сме во посебни рестриктивни мерки“, вели Божиновски.
Непотребни компликации - од готово вересија
Од друга страна, ако Претседателот можел еднаш (согласно правната рамка), тогаш може онолку пати колку што се исполнети условите за тоа да свика или продолжи вонредна состојба, оценува Петар Арсовски за Дојче Веле.
„Ме зачудува нашиот капацитет за непотребни компликации. Во една кревка ситуација, во која состојбата е правно вонредна, а суштински критична, ние покажуваме ненадминлив капацитет да си ги искомпромитираме позициите и да направиме „од готово вересија“. Во општествена и политичка смисла, ова ми наликува на куче кое си ја брка сопствената опашка. Се плашам што ќе се случи ако ја стигнеме и зграпчиме“.
Според досегашните информации оваа иницијатива не наиде на поддршка од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ни од владејачката ДУИ.
Видете и ова: Вонредната состојба - успешни мерки или и промашувањаПретходно, претседателот на Собранието Талат Џафери во неколку наврати истакна дека нема правна можност да се свика Парламентот кој се распуштил, затоа што со тој чин пратениците го вратиле мандатот кај граѓаните.
Претседателот Пендаровски бара одговорност и од пратениците
Претседателот Стево Пендаровски пак, кога ја прогласи вонредната состојба по втор пат, посочи дека и пратениците треба да преземат одговорност.
„Уставот има празнина, но не можеме да се криеме позади флоскули и правни празнини во ваква ситуација кога поради пандемијата со коронавирус, ни се загрозени здравјето и животот на сите. Пратениците земаат плата и никој од нив нема побарано апанажа. А и да побараат, нема да добијат, зашто мандатот не им е завршен“, изјави Пендаровски.
Џафери велеше дека пратениците не можат да се вратат во собраниските клупи затоа што со распуштањето го вратиле мандатот кај граѓаните и дека и тој е претседател во заминување со ограничени административни надлежности.
„По однос на пратениците кои на хартија продолжуваат да се пратеници и дека земаат плата во ова ситуација е минорна, тоа е законско решение за кое кој било што смета дека е непотребно многу лесно може да покрене иницијатива пред Уставниот суд“, рече Џафери кога одби да го свика Собранието.
Поранешниот претседател на Државната изборна комисија Александар Новаковски смета дека одлуката на Џафери пред месец ипол за несвикување на пратениците е погрешна.
„Тука јас сметам дека претседателот на Собранието имаше право да го свика Парламентот за прогласување на вонредна состојба, имаше право да го свика тој или 20 пратеници да побараа свикување на седница во однос на не само на ова прашање, туку и на многу други прашања“, додава Новаковски.
Таков став има и Институтот за демократија кој во еден од своите извештаи посочи дека според одлука на Уставен суд од 2016 година пратениците не можат повторно да заседаваат по одлука за самораспуштање, освен во услови на воена или вонредна состојва.
„Согласно на ова, во моментов исполнет е единствениот услов според кој Собранието може повторно да заседава во случај кога претходно се самораспуштило. Според собранискиот Деловник, седница може да свика претседателот на Собранието, или тоа да го побараат 20 пратеници, Владата или Претседателот на Републиката (член 67). Во услови на физичко дистанцирање и забрана за собирање во групи Собранието може да заседава и онлајн што е пракса воспоставена од законодавните домови во многу европски и светски држави“, се вели во соопштението од Институтот за демократија.
Иницијативата да се свика Парламентот доаѓа откако претседателот Стево Пендаровски минатата недела донесе нова одлука со која се утврди вонредна ситуација во период од 30 дена.
Левица оваа одлука на Пендаровски ја оспори пред Уставниот суд, тврдејќи дека Претседателот ги надминал своите овластувања и волунтаристички донел нова одлука после истекот на максимално предвидените 30 дена, со што го дуплирал рокот без уставен основ за тоа.
Изборите, кога ќе има услови за тоа
Во меѓувреме изборниот процес е во мирување, па новиот датум за избори ќе треба да го одреди ДИК според роковите кои преостанаа по завршувањето на вонредната состојба
Партиите на избори ќе бараат поддршка од граѓаните откако ќе помине вонредната состојба, односно откако Владата ќе даде извештај кога ќе бидат надминати причините поради кои е утврдена вонредната состојба. Пратениците нема да бидат повикани да одредат нов датум за избори затоа што со уредбата која ја донела владата на 22 март, сите изборни процеси се ставени во мирување. Тоа значи дека Државната изборна комисија ќе треба да продолжи онаму каде што застанала со работата пред прогласувањето на вонредната состојба. Новаковски вели дека во конкретниот случај кога е прогласена вонредна состојба и кога е распуштено собранието, со владината уредба изборите се ставени во мирување и ќе продолжат таму каде што застанале, по утврдувањето на избирачките листи.
По завршувањето на здравствената криза, ДИК ќе има задача да донесе нов ревидиран роковник во кој што ќе ги утврди преостанатите дејствија кои најмногу ќе се однесуваат на избирачкиот список.
Хипотетички кажано, ако на 16 мај заврши вонредната состојба и се укинат условите за нејзино продолжување, тогаш датумот за избори би требало да биде во почетокот на јуни, вели Новаковски.