Штета што короната не се крши со глава

В.д директорот на Центарот за управување со кризи и шеф на Главниот штаб за управување со кризната состојба предизвикана од ковид-19, Стојанче Ангелов

Поранешниот полициски генерал Стојанче Ангелов раководи со главниот штаб за управување со кризата предизвикана од ковид-19. Заврши времето кога безмалку безгрижно кршев ќерамиди со глава, напиша тој на социјалните мрежи.

Владата минатата недела прогласи кризна состојба во траење од 30 дена заради заштита на јавното здравје од пандемијата на ковид-19. За раководител на Главниот штаб за управување со кризната состојба предизвикана од ковид-19 беше назначен в.д. директорот на Центарот за управување со кризи, поранешниот полициски генерал Стојанче Ангелов, кој е претседател на политичката партија Достоинство. Тој на Твитер напиша дека се добредојдени сите конструктивни идеи, критики и забелешки.

Ангелов на Твитер наградите пред две години пред публика кршеше ќерамиди со глава.

Именувањето на Ангелов предизвика бројни реакции во јавноста. Едни иронично коментираат дека е штета што коронавирусот не се крши со глава, други му даваат поддршка со надеж за успешно справување со вирусот. На трети им се допаѓа што Ангелов одговора на забелешките на граѓаните на социјалните мрежи.

Духовитите корисници на социјалните мрежи дури и му направија на Ангелов заштитна маска со дезен на ќерамида.

Сепак, и покрај кризната состојба засега не беа донесени драстични мерки за справување со ширењето на пандемијата. Беше одлучено припадници на Армијата да ѝ помагаат на полицијата во обезбедувањето на здравствени објекти, како и приватните болници да оспособат една болница со 100 кревети и персонал за лекување на болните од ковид-19 која ќе биде управувана од државата. Ангелов рече дека војската нема да биде вооружена и оти се обидуваат да одговорат на кризата со најминимални средства.

Власта најави дека ако ситуацијата не се подобри, можно е воведување и на полициски час. Инаку, скоро цел месец во земјава има по над 1000 нови случаи на коронавирус дневно, а во моментов се заразени над 21 илјада луѓе, односно над 1 отсто од вкупното население. Во болниците се лекуваат 1361 луѓе и постојано има поплаки дека се преполни и работат на работ на издржливоста. Власта одбива да воведе построги мерки за спречување на ширењето на вирусот и апелира до граѓаните да ги почитуваат заштитните мерки, очекувајќи бројот на заболени да почне да се намалува.