Нашата мисија е да создаваме музика. А, музиката е движење во времето и во просторот. Не води низ непрекинлив мисловен и душевен развој. Токму затоа што не престанавме да работиме, сам се наметна слоганот на новата концертна сезона „Филхармонија во движење“. Но, и затоа што сакаме да ја гледаме Филхармонија напред, во квалитативна смисла, ама и во прогрес во звучна, естетска, програмска конотација.
Ова некаде есента минатата година во пресрет на новата сезона ќе го забележи Тина Иванова, директорка на Филхармонија. И, од тогаш до сега бевме сведоци на на една исклучително успешна серија на концерти, почнувајќи од воведниот „Данте 700“ со маестро Симон Трпчески, хорот ПроАрс и Извонредниот Габриел Бебешелеа како диригент, па преку оној насловен како „Сеќавање на Б.Б.“ со први изведби на на дела на современите композитори Арво Перт и Дојна Ротару и светска премиера на концерт на Финецот Калеви Ахо, потем премиерната изведба „Реквием за мојот пријател“ од славниот полски композитор Збигњев Прајснер инаку посветен на режисерот Кшиштоф Кишловски, омажот за маестро Саша Николовски Џумар ...и така со ред.
А, ако крајот го краси делото тогаш најавениот „Слобода“, концертот што е планирано да се одржи овој четврток на 19 мај во 20 часот, во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, е повеќе од вистинска потврда на погоре кажаните зборови. Посебно во времево во кое наново силно ечи звукот на воените труби, а со илјадници, милиони се бројат жртвите и раселените.
Оперската певица Весна Ѓиновска Илкова
Имено, официјалниот дел од сезоната „Филхармонија во движење“ ќе кулминира со првата изведба кај нас на грандиозното вокално -инструментално дело „Реквием за војната“ од славниот англиски композитор, пијанист и диригент Бенџамин Бритн. Учествуваат Камерниот и симфонскиот оркестар на Филхармонија, Хорот на Софиската филхармонија, Детскиот хор при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и солистите Весна Ѓиновска – Илкова, Горан Начевски и Стеван Каранац од соседна Србија. Диригент ќе биде маестро Бенџамин Шварц (Израел/САД).
Овој концерт им е посветен на сите жртви во војните кои се водат низ светот, а музиката е пораката за мир.
И, кога сме веќе тука чисто информативно „Реквием за војната“ Бритн го напишал како нарачка од Англиската катедрална црква „Свети Михаил“ во Вест Мидлендс, која целосно била разрушена по бомбардирањата во Втората светска војна и повторно била изградена по нејзиното завршување. Ова претставува остварување на неговиот долгогодишен сон во кое тој ја реализирал својата желба да напише вокално инструментално дело во кое ќе ја внесе сопствената верба во хуманоста и ќе го изрази своето длабоко сочувство кон жртвите во војните. Како што самиот изјавил: „Реквием за војната“ е всушност акт на помирување!
Во „Реквием за војната“ Бенџамин Бритн инкорпирира и стихови од поетот Вилфред Овен (1893-1918), кој според него бил еден од „најголемите воени поети и еден од најоригиналните во 20 век“. Конечно, праизведбата на „Реквием за војната“ се случила на 30 мај 1962 година во Катердалната црква „Свети Михаил“, а реакциите на публиката и на критиката биле одлични – делото било опишано како „монументален музички тестамент против војната, конфликтите и насилството“.
Баритонот и композитор Горан Начевски
Ми претставува огромна чест што ќе настапам како солист на концертот на Филхармонија со кој се затвора концертната сезона. Огромен предизвик е изведбата на една од најграндиозните и најзначајните вокално-инструментални партитури на 20-от век. Латинскиот текст на Реквиемот во синтеза со стиховите на англискиот поет и војник од Првата светска војна Вилфред Овен ќе испратат порака за запирање на војните во светот и поубава иднина на новите генерации, ќе рече во пресрет на концертот македонскиот баритон и композитор Горан Начевски.
А, кој е Бенџамин Шварц? Тоа е израелскиот уметник кој живее во САД но глобално ја дели својата вештина и каризма и за кого критичарите ќе запишат: Сензација. Или, дека „со неговата чиста енергија, перфектна техника во комбинација со мотивиран оркестар, тој успева да продуцира возбудлив и култивиран звук“. Згора за овој харизматичен диригент се вели дека „има јасна визија во своите интерпретации“.
И, потоа во објаснувањето и тоа дека овие квалитети, заедно со широкиот репертоар на дела произлегуваат од неговата постојано присутна желба за истражување и проширување на индивидуалните звучни хоризонти.
Репертоарот на Шварц го рефлектира неговиот анти-догматски, отворен однос кон програмата и делата од различни епохи и стилови – од делата на Џон Адамс, до Малер, Брамс, Барток... Бил вклучен и во проектот „Години на вознемиреност“ во соработка со скулпторот, сликар и сценограф Александар Ползин, продукција која се базира на поезијата на англо-американскиот поет В.Х. Оден, во која преку музика и слики се прикажуваат настани од раниот 20 век.
Маестро Бенџамин Шварц
Како гостин диригент Шварц настапувал во Кралската филхамонија на Стокхолм, Филхармонијата на Лос Анѓелес, Кралскиот шкотски симфониски оркестар, симфонискиот оркестар на Токиот, Националниот оркестар на Лил и многу други. Работел и оперски продукции во Шведската кралска опера, Операта во Келн, Вајнмар... Работел и балетски продукции, меѓу кои и кореографијата на Пина Бауш на „Посветување на пролетта“.
Во неговата дискографија се делата од Алберт Шнелцер кои ги сними со Симфонискиот оркестар на Готенбург, делата на Поул Рудерс со Симфонискиот оркестар на Оденсе и музиката на Васо Мендонца со оркестарот на Гулбенкиан.
Од 2013-2016 година Шварц работел како музички директор на Филхармонискиот оркестар на Вроцлав, Полска, при што бил вклучен и во голем број од настаните кога токму овој град беше Европска престолнина на културата. Работел и како гостин -диригент на Филхармонијата на Дисбург (2019-2020), со Симфонискиот оркестар на Сан Франциско и како музички директор на Младинскиот оркестар во овој американски град.
Конечно, следната сезона Шварц ќе биде ангажиран како шеф диригент на државниот оркестар на Рајнската филхармонија.