Коневски сопственик на деловниот простор во Аеродром, а ќе го плати Тинекс

Зградата каде деловен простор има Коневски кај Мајчин дом

За време на владеењето на поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски се смени ДУП-от со кој се дозволи изградба на деветкатница кај Мајчин дом. Коневски сега таму има деловен простор од 312 квадрати, а за него нема да плати ни денар, бидејќи парите на инвеститорот ќе му се исплатат преку закуп договорен со Тинекс.

Деветкатница го замени зеленилото кај Мајчин дом во Аеродром и покрај протестите и противењето на жителите, а деловен простор од 312 квадрати на нејзиното приземје го носи името на поранешниот градоначалник на општината, Ивица Коневски за чие владеење беше променет ДУП-от со кој на локацијата се впиша градежната маркица. Но, Коневски деловниот простор вреден стотици илјади евра ќе го исплати преку закуп, а не од свој џеб.

Договорот за купопродажба Коневски со фирмата инвеститор ЗСФ КОМ го потпишал пред некој месец, иако преддоговорот бил запечатен во март 2019 година. Во меѓувреме зградата го доби својот лик, а на 21 декември, минатата година и официјално името на Коневски е запишано на имотниот лист.
Цената на деловниот простор од 312 квадратни метри, според договорот до кој дојде РСЕ, изнесува 27.256.313 денари или речиси 442 илјади евра со ДДВ. Додека пак метар квадратен со ДДВ е 1416 евра.

Но, оваа сума сепак нема да ја плати Коневски, туку наместо него тоа ќе го стори Тинекс, кој го закупил просторот на 12 години. Девет дена пред Коневски и сопственикот на фирмата ЗСФ КОМ, Фатмир Етеми да стават потпис на договорот за купопродажба, бил договорен закупот на деловниот простор. Истиот ден е отворен и новиот Супер Тинекс во зградата со 248 станови со поглед на булеварот Јане Сандански.

Закупот е заведен и во имотниот лист, а тоа го потврдува и самиот Коневски, кој вели дека деловниот простор 12 години нема да може да го користи ниту да располага се додека не се исплатат средствата од закупнина за тој период.

„Вредноста на деловниот простор е иста со вредноста на закупот за 12 години. Тоа е начинот на финансирање на деловниот простор. Тоа значи дека со деловниот простор ќе можам јас да располагам после 12 години или поточно во јануари 2033 година“, вели Коневски за РСЕ.

Тоа значи дека ЗСФ КОМ парите од продажбата, односно 442 илјади евра всушност ќе ги наплати од кириите од Тинекс. Годишно просторот Тинекс го чини околу 38.800 евра или на месечно ниво нешто над 3000 евра. За 12 години пак Коневски без да даде пари или да земе кредит и да исплаќа камати во банка ќе има негов деловен простор.

Никола Велковски од групацијата за градежништво при Стопанската комора вели дека деловните простори кои се добро локациски поставени, инвеститорите никогаш немале пракса да ги продаваат преку закуп, а досега, според неговото искуство, таков случај немало.

„Затоа што, ако зборуваме отворено иневститорот можел да не го продава, туку преку закупот ќе си ќарувал на тој простор. Зошто како сопственик на тој простор го дава, кога закупот е чиста добивка. Тоа не е својствено во делот на пазарни услови. Нелогично ми е преку закуп некој да му го плаќа. Да се работи за некој простор во Петровец и да нема никаква заинтересираност за купувачите и со цел да не му прави комунални давачки и трошоци, некој преку закуп да му го исплаќа, ама овака не“, вели Велковски кој е и поранешен главен градски архитект на Скопје.

Како на ЗСФ КОМ и се исплатела ваква зделка и дали фирмата имала ваква пракса во минатото да врши продажба на деловен простор преку закуп не добивме одговор. Ниту од Тинекс не одговорија на прашањата испратени по електронска пошта како ќе се одвива плаќањето на деловниот простор вреден стотици илјади евра и зошто фирмата кога веќе издвојува средства не го купила истиот.
Според Велковски, инвеститорот можел деловниот простор да го продаде преку хипотека и банкарски кредит и цел да му се исплати. За разлика од случајов, како што наведува Велковски, кога Коневски го изнајмува, друг го плаќа, а на крај тој ќе биде сопственик.

„Мислам дека е многу непрофесионално, правнички и економски неиздржано некој таков договор да направи“, додава Велковски.

Деловниот простор на приземје од 312 квадрати

Како плацот менуваше сопственици и стана градежно земјиште?

Земјиштето каде сега се наоѓа зградата Аеродромци долго време се обидуваа да го спасат, откако во јавноста се дознаа плановите дека на него ќе никне зграда. Од државна сопственост земјиштето преку судска постапка, според податоците на Агенцијата за катастар на недвижности, во 2007 го добива физичко лице, кое една година подоцна го продава на фирмата Европа Комерц од Кочани. Пет години подоцна општината на чело со штотуку избраниот Коневски ја прифаќа иницијативата за пренамена на земјиштето во градежно земјиште.

ДУП-от пак со кој се отвори пат за изградба на зградата беше донесен во април 2017 година. Во тоа време со општината се уште раководеше Коневски кој не го премислија ниту протестите на иницијативата „Аеродром сака да дише“ која бараше зеленилото да не се претвора во бетон.

Во 2014 година Европа Комерц заедно со Архи ДОО ја формира Масив Констракшн која станува сопственик на земјиштето од 3538 метри квадратни.
Сопственици на Архи ДОО беа Орка Холдинг и ССИ Инвестмент. Не е тајна дека директор на Орка Холдинг, беше контроверзниот бизнисмен Орце Камчев, а позади ССИ Инвестмент стои неговиот зет Мето Стојчевски.

Еден од управителите на Масив Констракшн е уште едно добро познато име во јавноста Тодор Мирчевски, кој беше директор и на фамозната офшор фирма Ексико зад која СЈО обелодени дека всушност стои Камчев. Ексико е центарот на истрагата за случајот „Империја“ во кој Камчев е осомничен за перење на над 10 милиони евра.

Камчев во моментов е во притвор за случајот со нелегално купените плацеви на Водно преку неговите фирми меѓу кои и Ексико за поранешниот премиер Никола Груевски. Пренамената на земјиштето во Аеродром се менува токму за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

Граѓаните го кренаа гласот против плановите на Масив Констракшн уште во 2016 година. Но, општината остана нема. Коневски го отвори патот, а потоа и ја запечати судбината на локацијата. На неколку месеци непосредно пред истекот на неговиот мандат беше впишана градежната маркица, а во октомври на локалните избори победи кандидатот на СДСМ, Златко Марин, кој ветуваше дека ќе ја стопира градбата.

Сепак Масив Констракшн не е фирмата која ќе гради, но, не поради притисокот од граѓаните, туку земјиштето само два месеци од промената на ДУП-от во јули завршува на оглас за продажба. Причината е долгот кон „Комерцијална банка“ на еден од сопствениците, односно фирмата Европа Комерц.

РСЕ дојде до огласот иако од „Комерцијална банка“ не ни го доставија со образложение дека постапката за продажба не била спроведена од страна на банката. Фатмир Етеми, сопственик на ЗСФ КОМ, од 2018 е член на надзорниот одбор на „Комерцијална банка“.

Во огласот објавен на 12 јули 2017 година се наведува дека „Комерцијална банка“ има побарување од должникот Европа Комерц во износ од околу 191 милиони денари или околу 3 милиони и 100 илајди евра. На продажба се ставени парцелата од 3538 метри квадратни, како и уште една парцела до неа од 1495 метри квадратни со почетна цена од 3 милиони евра.

Земјиштето набрзо завршува во рацете на градежната компанија ЗСФ КОМ на Фатмир Етеми, која ќе ја изгради деветкатницата и ќе му овозможи на Коневски да се стекне со деловен простор преку закуп.

На прашањето дали Коневски за време на неговиот мандат бил запознаен со намерите на фирмата, на парцелата да се направи деветкатница, Коневски вели дека ЗФС КОМ не ни била сопственик на земјиштето во тоа време.

„Дупот се промени за да се усогласи со Гупот на град Скопје. Во тоа време ЗФС не беше сопственик на таа парцела. Колку што знам јас парцелата ЗФС ја има купено во 2018 година од Комерцијална банка. Тогаш јас не бев градоначалник“, вели Коневски.

Но, сепак фирмата парцелата ја купува претходната година, а намерите на ЗСФ КОМ биле јасни уште порано. Понудите, како што се наведува во огласот на „Комерцијална банка“ требало да се достават до 28 јули 2017 година, по што банката ќе започне необврзувачки разговори со поднесителите. Тоа значи дека ЗСФ КОМ веќе била во игра за земјиштето за време на владеењето на Коневски, иако целата процедура за продажбата која се вршела преку извршител, според катастарската документација, била завршена во декември 2017 година.

Извршител на предметот бил Горан Манојлов од Кочани кој вели дека неколку инвеститори телефонски изразиле интерес за огласот, но до денот на лицитацијата само една фирма, ЗСФ КОМ, го уплатила бараниот депозит.

На прашањето зошто биле потребни неколку месеци да се заврши предметот, Манојлов вели дека имало одлагање од страна на доверителот поради преговорите со ЗСФ КОМ околу репрограмирање на кредитот и потоа била спроведена уште една лицитација и фирмата станала сопственик. Предметот на Манојлов, како што информира тој, му бил даден уште во април 2016 година, бидејќи се работело за повеќе недвижности.

Од ЗСФ КОМ не ни одговорија ни на прашањето дали при промена на ДУП-от Коневски бил запознаен со намерите на фирмата. Етеми до одобрението за градба на деветкатницата стигна преку новиот градоначалник на Аеродром, Златко Марин.

На 19 септември 2018 година беше издадено одобрението за градба, бидејќи како што рече Марин, општината нема пари да го обештети инвеститорот. Етеми, како што изјави Марин, парцелата ја купил за 2,7 милиони евра, а за да се откаже од градбата, во неврзани разговори, барал над 8 милиони евра.

Зградата кај Мајчин дом во Аердром, скопје

Уставниот суд еден месец подоцна едногласно одлучи да не поведе постапка за поднесените претставки за оценка на уставноста и законитоста на ДУП-от за локацијата кај Мајчин дом во Општина Аеродром. Постапката за донесување на ДУП, според Уставниот суд, била спроведена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање. Истовремено Уставните судии укажа дека тие ја ценат постапката, а не содржината на плановите или нивната усогласеност со други планови. Од аспект на Судот, ДУП-от е согласно закон и Устав.

Зеленилото сега е минато, а жителите на Аеродром добија уште една зграда на сметка на профитот.