Македонско бугарска комисија - напред или назад?

Архивска фотографија- средба на мкедонско - бугарска комисија за историски и образовни прашања

Денеска во Скопје втор ден се одржува средбата на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања од која нема детали за текот на разговорите. Политичарите пак ги охрабрија да ги усогласат ставовите.

По првиот ден од дводневната средба на мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања нема информации во јавноста за тоа што се разговарало во Клубот на пратениците во Скопје. Пред средбата, до која дојде по пауза во работата од речиси една година, насоките од двете страни не беа дека се блиску до решение.

Најголемото несогласување околу револуционерот Гоце Делчев остана во јавните изјави на членовите на комисијата и пред оваа средба, па бугарските членови тврдат дека тој е Бугарин, а македонските дека комисијата не треба да ја утврдува неговата национална припадност туку прашањето да се реши со мултиперспективност.

И додека историчарите засега не откриваат детали, а изјави се најавени за денеска попладне, политичарите од Скопје ги кажаа своите очекувања од нив, а од Софија стигнаа и конкретни чекори.

Политички пораки

Министерот за надворешни работи Бујар Османи ги охрабри историчарите да ги усогласат своите ставови за на крајот политичарите од двете земји да стават крај на сите преостанати дилеми. На 250 километри од Скопје, каде што историчарите заседаваа, истиот ден, вчера во Софија во комисијата за образование на бугарскиот парламент професори, историчари и пратеници дебатираа за преименување на 24 мај, денот на Кирил и Методиј, од празник на словенската писменост во празник на бугарската писменост. Ова всушност е по предлог на ВМРО-БНД, партијата на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачов.

Видете и ова: Ќе има ли нов Договор со Бугарија?

Во почетокот на месецов овој предлог во прво читање помина со поддршка од партијата на премиерот Бојко Борисов. Токму двајцата браќа родум од Солун се двете од петте личности за кои комисијата во досегашната работа постигна согласност за заедничко чествување што беше усвоено и на седница на владата.

„Мислам дека тоа не е во согласност со Договорот и не е во согласност со работата на Комисијата, бидејќи за Свети Кирил и Методиј посебно комисиите имаат постигнато консензус и дефинитивен текст како да се интерпретира улогата и како да се одбележат заеднички меѓу двете држави и секое поместување од тоа што го работеле комисиите значи дека се минира целиот процес на комисиите“, рече Османи.

Покрај за Кирил и Методиј комисијата досега донесе препорака за заедничко чествување на Св. Климент, Св. Наум и Цар Самуил. Но, по тие состаноци минатата година, дополнително работата на историчарите се оптовари со политички услови и документи поврзани со историјата.

Навестувањата од Софија

Прво Бугарија лани навести дека ќе ги поврзе историски прашања со македонската европска иднина. Тогаш бугарското собрание усвои декларација со која ги поддржа преговорите за членство во ЕУ за Скопје и Тирана, но тоа го услови со барање за признавање на „историската вистина за заедничка историја што ја споделуваат двете држави и народи“.

Видете и ова: Софија до ЕУ- Македонците се проект на Тито, македонскиот јазик е норма на бугарскиот

Кон крајот на минатата година Бугарската академија на науките (БАН) усвои став дека македонскиот јазик не постои, туку дека е „писмено-регионална норма“ на бугарскиот јазик. Во март годинава на седницата на Советот за општи работи на Европската унија од 25 март на која лидерите на земјите членки се согласија на Северна Македонија и Албанија да им се даде зелено светло за почеток на преговорите, Бугарија имаше одвоена изјава.

Во август годинава до земјите членки на унијата кои ја договараа преговарачката рамка за земјава Софија испрати објаснувачки меморандум со кој бара поддршка од земјите членки за својата позиција за македонскиот напредок кон ЕУ, а во него пишува дека Македонците се проект на поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито, дека македонскиот јазик не постоел до втори август 1944 година и е норма на бугарскиот, дека помеѓу 1944 и 1946 година во тогашна Социјалистичка Република Македонија била извршена егзекуција на повеќе од 20 000 луѓе кои се идентификувале како Бугари, а повеќе од 100 000 биле убиени, затворени, пратени во егзил или во концентрациони кампови.

Последно минатиот месец бугарската влада испрати коментар на нацрт преговарачката рамка до Советот на ЕУ во кој бара темата добрососедски односи да биде опфатена во првата група, односно во првиот кластер во пристапните преговори кој се нарекува „основи и кој според новата методолигија е најважниот кластер, прв се отвора и последен се затвора.

Спремање на јавноста

Дополнително, инсистирањето на Софија за решавање на историските теми пред европскиот напредок на земјава го засили и министерката за надворешни работи на соседната земја Екатерина Захариева која минатата недела, по средбата со нејзиниот македонски колега во Софија рече дека „сега е неопходно од страна на Република Северна Македонија да се признаат историските реалности поврзани со процесот на создавање на новиот национален идентитет“.

Македонските политичари главно реагираат воздржано, оставајќи простор за можен договор со кој би се остранила можноста Бугарија да ја блокира првата меѓувладина конференција Северна Македонија-ЕУ која би требало да се одржи во декември. Сепак, премиерот Зоран Заев навести дека она што е предложено до бугарската страна ниту е добрососедство, ниту е братство, ниту е најмалку европско и дека, како што рече ако тоа така остане, ќе треба народот да се подготви дека може нема да отпочне првата меѓувладина конференција со ЕУ последниов месец годинава.

Работите би требало да станат појасни за околу еден месец. Бугарскиот премиер Бојко Борисов минатата недела пред Османи порача дека „треба да се отворат билатерални разговори на сите нивоа за да се постигне компромис пред десетти ноември кога во Софија ќе се одржи економскиот самитот ЕУ-Западен Балкан. Заев пак вчера рече дека на проблемот со Бугарија се работи и дека наскоро очекувам да ја посети Софија пред Берлинскиот процес, односно пред самитот.