Во овој момент не можам да кажам за тоа дали има напредок во однос на постигнување на заемно прифатлив документ со Бугарија, но разговорите продолжуваат меѓу експертските тимови на министерствата за надворешни работи и штом ќе има одреден напредок тогаш ќе биде соопштен на ниво на министри. Ова го изјави денеска македонскиот премиер Димитар Ковачевски по средбата со неговиот бугарски колега Кирил Петков во Рим на маргините на свеченото чествување на средновековните просветители Кирил и Методиј во Ватикан.
Видете и ова: За СДСМ компромисни, за ВМРО-ДПМНЕ контроверзни амандманите за Бугарија во ЕПТој по средбата истакна дека договорено е тие разговори да продолжат со цел да се обидат министерствата за надворешни работи да дојдат до документ што би бил прифатлив за двете држави и би претставувал основа за решение кое ќе може да биде споделено со институциите во двете држави.
„Воопшто не разговаравме и за тоа дали има нови услови од Бугарија. Се работи на оние прашања кои беа отворени и претходно, за нив веќе постои т.н. португалски предлог, кој што уште е основа за разговори помеѓу министерствата за надворешни работи и во овој момент не можам да кажам за напредок во однос на постигнување на заемно прифатлив документ, со оглед на тоа што додека не се дојде до таков документ не можеме да зборуваме за напредок“, изјави Ковачевски.
Бугарскиот премиер Петков по средбата за бугарските медиуми изјави дека најважно за владите на Бугарија и на Северна Македонија е да продолжат со конструктивниот дијалог и да не подлегнуваат на провокации од некои групи кои се обидуваат да ги зголемат тензиите.
„Не се обврзавме на никакви рокови, единственото нешто на што се обврзавме е да го задржиме добриот тон, а министерствата за надворешни работи да продолжат да работат. Ветивме дека ќе го задржиме конструктивниот тон. Очекуваме во наредните недели и месеци различни групи кои не сакаат добрососедство меѓу Бугарија и Република Северна Македонија да се обидат да предизвикаат провокации“, изјави Петков.
На средбата со Петков присуствувале и министрите за надворешни работи на двете земји Бујар Османи и Теодора Генчовска, кои информирале за текот на разговорите што се одвиваат на ниво на експерти на министерствата.
Радев: Ако има нарушување на дијалогот во владејачката коалиција за спорот со Македонија тоа треба јасно да се каже
Двете делегации во Рим денеска и утре присуствуваат на одвоено свечено чествување на средновековните просветители Кирил и Методиј во Рим.
Преходно, пред средбата Ковачевски по приемот кај Папата Франциск најави дека очекува на денешната средба со Петков да стане збор за, како што рече, напредокот во разговорите меѓу министерствата за надворешни работи.
Петков пред средбата со Ковачевски, за укинување на ветото за Скопје изјави дека тоа може да дојде на дневен ред откако бугарското Министерство за надворешни работи ќе ги претстави последните резултати од напредокот во дијалогот со Северна Македонија. Резултатите потоа треба да бидат доставени до Парламентот, кој ќе расправа и ќе изнесе јасен став за тоа што треба да направи бугарската влада, рече Петков.
„Сè друго ќе се користи за внатрешно-политички цели во Бугарија. Ова е национално прашање и треба да има широк консензус кој ќе ја вклучува и владејачката коалиција и опозицијата. За национално прашање како ова, кое е толку важно, никој нема право да решава сам“, изјави Петков од Рим.
Дел од бугарските медиуми претходно навестија дека на средбата двајцата лидери ќе објавеле дека е постигнат одреден напредок во македонско-бугарските односи и можност за откочување на евроинтегративниот процес кој до сега беше заглавен со ветото од Софија.
Бугарскиот Дневник пишува дека за средбата на Ковачевски и Петков во Рим имало план „двајцата премиери да објават напредок или достигнување со кое може да се крене ветото“. Други детали нема ниту во бугарските ниту од македонските институции.
Претседателот на Советот на амбасадори Мухамед Халили вели дека билатералната средба е неопходна за подобрување на односите, но не очекува посериозен напредок, затоа што политичките лидери во Бугарија остро се спротивставуваат на иницијативите на Петков за повлекувањето на ветото.
„Секој напредок ако за краен резултат не донесе покренувања на ветото, не може да се гледа како напредок. Иако се зборува за одреден рок јуни, не значи дека после јуни во иднина, како што изјави Петков, дека патот на Македонија кој ЕУ ќе трае повеќе од 10 години, така што сметам дека тоа не е некој напредок туку само ублажување на состојбите меѓу двете влади по легендарната посета на државниот врв на Бугарија во Битола инагурацијата на културниот дом во Бугарија“ вели Халили.
Тој додава дека со оглед на политичката ситуација во Бугарија не очекува набрзо укинување на ветото за преговори на Скопје со ЕУ.
„Како што сега се одвиваат работите, според мене, имагинарно е да се очекува некој напредок во овој поглед, иако пристисоците на меѓународната заедница, од Макрон, Вархеј и другите се значајни, но мислам дека бугарските лидери се цврсти во ставот дека до јуни нема да дозволат нешто такво“ вели тој.
Бугарскиот претседател Кирил Петков во петокот во видеообраќање го повика претседателот на државата Румен Радев да го свика Консултативниот совет за национална безбедност за состојбата на преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија.
Тој посочи дека бугарската влада нема да направи ништо без широка национална согласност и усогласено со коалицискиот договор на владејачката коалиција во земјата.
Идејата за совет кај Радев, беше критикувана и од коалиционите партнери на Петков, а министерската за надворешни работи Теодора Генчовска изјави дека премиерот немал право да бара такво нешто затоа што нема промени во спорот и ветото ќе остане и во јуни.
Ставот на Бугарија за почеток на преговорите меѓу РС Македонија и ЕУ е јасен и не може да се менува на претстојниот Совет за општи работи, изјави министерката Генчовска пред неколку дена. Таа ја коментираше изјавата на нејзиниот македонски колега Бујар Османи кој истакна дека сега топката е во полето на Бугарија.
„Министерот за надворешни работи на РСМ Бујар Османи често се појавува во медиумите и постојано зборува. Ова не е тениски или фудбалски натпревар за да зборуваме во кој тим е или на кој терен. Нашиот став е исклучително јасен, имаме национален консензус за оваа тема. Не знам на кој појасен начин да му објаснам на господинот Османи“, рече министерката Генчовска.
Видете и ова: Уште едно одлагање на преговорите носи криза со ЕУ и внатрешни проблемиТаа тогаш додаде дека до сега 5 месеци се изгубени во разговори и се уште се чека Скопје да ги исполни обврските од Договорот за добрососедство. Генчовска е дел од делегацијата на Петков која денеска е во Рим.
Коалициската партија „Има таков народ“ во јавноста тврди дека бугарската владата и лично Петков преговараат „некаде во мракот за укинување на ветото за северна Македонија“. Ова беше демантирано од други членови на коалицијата. Дел од медиумите пишуваат дека лидерот на партијата Славеј Трифунов најавува напуштање на парламентарната коалиција ако, како што вели, Петков преземе какви било чекори за укинување на ветото.
Против укинувањето на ветото пред исполнување на сите поставени услови е и претседателот Румен Радев.
Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел неодамна изјави дека поставува временска рамка за решавање на спорот до крајот на јуни и предупреди дека ќе има сериозна криза во односите со земјите од Западниот Балкан ако спорот не се реши.
Минатата недела Петков се сретна и со еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Оливер Вархеји. Тој во Софија се сретна и со претседателот Радев и Генчовска, по што изрази очекување Софија во рок од три недели да се согласи за почеток на преговорачкиот процес со Скопје. Ставот на Вархеји е дека сега е моментот за деблокада на евроинтеграциите на Република Северна Македонија.
„Што во спротивно може да остане уште долг период отворено прашање, а тоа не е од полза на ниту една страна“ се вели во соопштението што го објави македонската владина прес служба по средбата со македонскиот премиер Ковачевски минатиот месец.
Минатата недела Елисејската палата по телефонските разговори на францускиот претседател Емануел Макрон со Ковачевски, Радев и Петков соопшти дека нивната цел била да се поттикнат двете земји брзо да продолжат со дијалогот за спорот.
Бугарија е единствената земја од ЕУ која стави вето на преговорите за членство на Скопје во ЕУ. Ова се случи во ноември 2020 година, за време на владеењето на ГЕРБ и Обединети патриоти. Меѓу аргументите наведени во тоа време беа јазикот на Северна Македонија и лошата оценка на Софија за почитувањето на Договорот за добрососедство меѓу двете земји.
Во јануари, бугарските партии и претседателот Радев по состанокот на Советот за национална безбедност се здружија околу позицијата која повикуваше на „конкретни резултати“ за укинување на ветото. Петков тогаш изјави дека во „реален“ рок од шест месеци ќе се работи на решавање на спорот меѓу двете земји.
Според претходните барања на Петков, клучот за укинување на ветото против Скопје за почеток на пристапните преговори со ЕУ е промената на Уставот, каде Бугарите треба да бидат регистрирани како полноправна заедница, заедно со другите како Албанците, Турците и Бошњаците.
Во четвртокот , Европскиот парламент усвои два извештаи со кои се повикува Советот на Европската унија да започне разговори со Северна Македонија и Албанија за членство во блокот.
Во последно време се погласни се повиците од источниот сосед за ставање на Бугарите во македонскиот Устав како услов за решавање на спорот.