Претседателот Стево Пендаровски денеска во претседателската „Вила Водно“ му го врачи мандатот за состав на новата влада на лидерот на Социјал Демократскиот Сојуз Димитар Ковачевски.
„Новата влада јасно ќе ги дефинира приоритетите за работа. Секоја минута од нашето време во Владата мора да ја посветиме на клучните проблеми со кои се соочуваат нашите граѓани, на оние проблеми за кои секојдневно зборуваат и ги мачат, а тоа е економската несигурност и животниот стандард. Најавувам силен фокус на економскиот развој на земјата и финансиска поддршка на семејствата“, рече Ковачевски.
Tој, ако биде изгласана владата ќе стане единаесетти премиер од независноста. Доаѓа на позицијата откако неговиот претходник Зоран Заев си поднесе оставка поради поразот на локалните избори од ВМРО-ДПМНЕ. Eнергетската криза, економската криза предизвикана од пандемијата и продолжување на евроинтеграцискиот процес и преговорите со соседна Бугарија. Овие три предизвици подетално ги најави самиот Ковачевски како најважни за новата влада по партискиот состанок деновиве.
Трите сектори, енергетика, економија и надворешната политика сега не ги раководат кадри од СДСМ, туку од коалициските партнери. Во финансии, економија и министерството за надворешни работи се кадри од ДУИ, а МЕПСО, една од компаниите надлежни за справување со енергетската криза сега отиде во рацете на најновиот коалициски партнер Алтернатива.
Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, новиот мандатар ќе направи рокади внатре во ресорите кои веќе ги имаат партиите кои се дел од владината коалиција, но поинакви поделби на владиниот колач меѓу партиите не треба да се очекува.
„Тоа ќе значи дека сепак економските политики кои ги најавува Ковачевски ќе бидат предмет на усогласување внатре во коалицијата. Дали тоа ќе го разводни нивното спроведување треба допрва да се види оти ние не знаеме како ќе функционира таа коалиција која е веќе оптоварена со повеќе предизвици, внатрешни, коалициски и преговорите со Европската унија како некаква валидација на нивните политики досега“, вели Арсовски.
Комплицирана коалиција
Видете и ова: Џафери: За новата Влада ќе се гласа на 15 или 16 јануариКовачевски, кој до пред некој месец не беше познат на пошироката македонската јавност, а од политички функции досега ја извршуваше заменик министер за финансии, ќе предводи владина коалиција која ја состави неговиот претходник Зоран Заев. Сепак Ковачевски беше на сите состаноци на Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши на кои се договори влегувањето на таа партија во владата.
Сега во коалицијата, која како што е најавено, ја има поддршката од 64 пратеници, се СДСМ со нивните предизборни коалициски партнери како ЛДП, ДОМ, ДС и други, потоа ДУИ, ДПА и Алтернатива. Според договорот партијата на Гаши, доби три министерски позиции- во здравство, администрација и информатичко општество и министер за дијаспора.
Досега ДУИ ги има министерствата за надворешни работи, за финансии, за економија, за животна средина и просторно планирање и за политички систем и односи меѓу заедниците. СДСМ раководеше со одбрана, правда, транспорт и врски, труд и социјална политика, образование, култура, а локална самоуправа го води ЛДП.
Според политичкиот аналитичар Џељаљ Незири првиот проблем ќе биде што Ковачевски, вели, ќе требал најпрво во неговата партија да изгради авторитет, а вториот коплицираната владина коалиција.
„Јас сум песимист дека Ковачевски ќе успее да ги менаџира сите овие процеси земајќи го предвид неговиот легитимитет и внатре во СДСМ, но и како премиер ќе се оспорува не само од опозицијата туку и од внатре, во неговата партија и во коалицијата“, вели Незири.
Видете и ова: Пет причини зошто „падна“ ЗаевДо оваа ситуација дојде откако по локалните избори на кои СДСМ претрпе пораз од ВМРО-ДПМНЕ Заев ја најави својата оставка од лидерската партиска позиција и од премиерската функција, што потоа и ги поднесе. Но, во меѓувреме, Беса, која на ланските парламентарни избори беше во коалиција со СДСМ излезе од власта, што ја остави коалицијата со 59 пратеници, двајца помалку од потребните 61 за да има мнозинство.
Клучен напредокот со Бугарија
Гласањето доверба на владата по иницијатива на опозицијата не успеа поради одлуката на еден од пратениците на Беса Кастриот Реџепи да не се појави на собраниската седница со образложение дека добил силни уверувања кои му биле доставени од високи дипломатски претставници, дека „во декември има одлична шанса да земјава да добие датум за почеток на разговорите за членство во ЕУ“. На Советот на ЕУ месецов Македонија не доби датум а Бугарија не се помрдна од својата позиција за блокада на напредокот додека не се решат отворените прашања.
Политичкиот аналитичар Арсовски оценува дека напредокот со Бугарија ќе ја одреди и судбината на владата на Ковачевски.
„Ако тој успее да направи пробив со Бугарија, бидејќи тоа е прв услов оти е главниот наратив за составувањето на владата тогаш ќе има некаква стабилност и ќе му се подобри меѓукоалициската соработка, но ако до јуни не испорача некаков пробив тогаш притисокот ќе се префрли внатре во коалицијата бидејќи голем дел од партиите на Албанците се под притисок од нивниот електорат за тој наратив и ако тој се распадне притисокот ќе се префрли дома“, вели Арсовски.
Инаку Ковачевски е шестиот претседател на СДСМ, а ако биде избрана неговата влада ќе стане и единаесетти премиер од независноста на Македонија.