Перо Кованцалиев е самостоен уметник . Скулптор, графички дизајнер, конзерватор и реставратор. И она што е особено важно за овој мултидисциплинарен уметник, негов главен интерес е следењето на општествените промени, како локалните така и глобалните, каде што својата визуелна интерпретација ја преточува во еден вид на коментар кој е во прилог на одржливиот развој на животната средина, каде човекот ја има најважната улога.
Роден во Гевгелија 1982 година, Кованцалиев најнапред завршил училиште за применета уметност во Скопје, потем дипломирал на Факултетот за ликовни уметности на одделот за вајарство, а од 2018 година ги почнал постдипломските студии на овој оддел и Установа . Член е на Друштвото на ликовни уметници од Гевгелија и на ДЛУМ од 2012 година, зад себе има седум самостојни изложби и голем број на групни поставки и колонии во земјава и во странство. Освен сеуште актуелната „Капиталистичка авантура“ што се одржа од 20 до 28 ноември во Галерија „КО-РА“ во Скопје, Кованцалиев е потписник и на „Ирационални бранови“, одржана лани Пионерски дом во Гевгелија,
„Човечност“ од 2018 – изложба на тројца автори во Колектив Галерија, Скопје, потоа „ Живот како балон“ една година порано во НУ Музеј / Ликовна галерија АМАМ , Гевгелија, „ 365 кг. Живот“ во Центар за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп истото лето,
„Затегнатост на Празнината“ во 2015 и првичното претставување насловено како „ Да или Не?“ во 2014 година во Национална установа Музеј / Ликовна галерија АМАМ, во родната Гевгелија.
Покрај високо признание „Боро Митриќевски“ што годинава му го додели ДЛУМ на изложбата „Современа скулптура“, Перо Кованцалиев е добитник и на првата награда на конкурсот за идејно решение за спомен обележјето „Свети Климент и Наум Охридски“ на општина Центар во Скопје во 2009 година.
„Капиталистичка авантура“ е вашиот последен ликовно уметнички проект кој е составен од дваесеттина т.н. „Пештерски цртежи“ во кои како што самиот забележувате доминира „чадот“ како рефлексија на согорениот отпад. До каде слегува потребата за ваквиот ваш творечки крик?
Морам да забележам дека не се работи за крик, туку за еден глас кој се обидува да стигне во јавниот етер, на начин кој е својствен за нас ликовните уметници. A, потребата не е ништо поразлична од таа на останатите засегнати лица кои ги користат своите можности да противречат и говорат за „котелот“ кој ги вари, ставен на тивок оган. Имено во овој случај е неажурноста на институциите кон посочените проблеми и несовесноста на поединци кои придонесуваат за апaтичната состојба во која се наоѓаме.
Во вашето авторско писание за проектот не случајно и самиот се прашувате: Дали потрошувачкото општество е единствениот модел на живот кој треба да го унапредуваме и развиваме? Што е она за што вие како уметник се залагате во случајов?
Низ пештерските цртежи воопшто не се обидувам да дадам насоки за можни светови или модели на општествени системи. Тие се создадени како визуелни модели кои упатуваат критика за сегашната пасивност кон видливите проблеми со кои се соочуваме. Притоа како глобална закана го нагласувам потрошувачкото општество, кое пак е едно од главните двигатели на економскиот раст и денешниот општествен развој. Но неговата одржливост е под знак прашалник, поради се поголемата акумулација на отпад. Воспоставените механизми немаат капацитет ниту реална стратегија за справување со истиот. Односно големи количества на отпад едноставно завршуваат како штетни емисии во воздухот, кои штетат на вкупната биосфера.
Иако во јавниот етер има модели кои предлагаат одредени одржливи стратегии, тие постојат на маргините и ја чекаат својата општествена интеграција во сегашноста и иднината. Би ги спомнал системите од затворен циклус кои се залагаат за создавање и одржување на колективно добро како што се: одржливото живење, етичкиот конзумеризам, кружната економија, еколошка економија, пермакултурата и многу други.
Се прашувате ли се почесто и почесто која е улогата на уметноста во времево во кое живееме. Која е вашата индивидуална улога, улогата на сите творци и самомислечки луѓе во овој процес на самоуништување? Ќе надвладе ли свеста дека и натаму инаетливо си ја сечиме гранката за која од поодамна грчевито се држиме надвиснати над понорот?
Уметноста низ минатото игра важни општествени улоги па така и денес. Таа не е присутна со една цел, како што многумина со леснотија ќе кажат „таа разубавува“. Тоа е само еден наивен поглед кон неа што често е оправдан за жал. Но уметноста претставува место каде се наоѓаат безброј лични катарзи кои се полни со чувства и емоции. Таа често се користи како инструмент за посочување и нагласување на одредени општествени проблеми и социјални борби. И се разбира покрај останатото таа го унапредува и преиспитува сопствениот автономен систем и културолошкиот дискурс за истиот. Но ако сакаме да ја поедноставиме формулацијата за целината, таа имала и има општествено рефлектирачка улога.
Во однос на споменатото човечко самоуништување, сметам дека човекот оди во еднонасочна улица и се додека животинските нагони на човекот се во преден план секогаш ќе има причина повеќе за да надвладее над нешто или некој. Со што се продолжува и продлабочува потребата за узурпација, експлоатација и остварување единствено на лични интереси.
Колку со актуелниот проект, па и со оној за кој ја добивте наградата на ДЛУМ “ за современа скулптура „Боро Митриќевски“, а беше насловен како „Ирационални бранови“, сте доследен на сопствениот творечки ракопис во најразличните медиуми да се бавите со консумерското општество и со „човековата немоќ“?
Консеквентноста на една ликовна пракса како што забележувате воопшто не е моја карактеристика. Можеби ако мојот живот се случувааше во каменото време пред илјадници години моите дела би биле исклучиво од камен. Или пак во бронзено време веројатно повеќето дела би биле од бронза и по некој изделкан камен или дрво. Но моето творештво се случува денес во свет каде се утврдени многу техники, технологии, пракси и материјали, чиј развој се должи пред се на истражувачката дејност низ годините наназад во индустриските центри. Присутен во овој наратив јас како уметник денес лесно преминувам од еден во друг медиум или материјал со цел да воспоставам поефективна врска на идејата (намерата) со надворешниот свет. Во моето творештво доследност пројавуваат единствено четири фактори: просторот, времето, формата и намерата, се останато го вклучувам и исклучувам повремено.
Што значи во вашиот случај мултимедијалноста и колку таа ви ги има одврзано рацете слободно да чекорите со мислата во најразлични правци?
Мултимедиалноста кај мене е случај на спонтаност во истражувањата. На почетокот предмет на интерес за мене беше формата која во образовниот систем ја изучуваме преку класичната и неокласичната скулптура. Потоа движењето и времето, а тоа беа првите метални кинетички објекти. Подоцна пројавив интерес за дигиталните медиуми како графиката, фотографијата и видеото. Сите споменати медиуми почнав да ги доживувам како една добра класика каде со задоволство се навраќам но истражувањата ги насочувам кон нови визуелни појавности. Растегливиот бисерен текстил, животинското ткиво и чадот (збир од микро честици) ми овозможија да создадам визуелност која не претставува уште еден број во низата на класици кои посредуваат за идејата туку да ја доближам материјата која сведочи за настанот и намерата, да се појави во нова стварност, вообразена во естетска целина. Да ја внесам како кохерентен елемент во автономен систем изолиран од други наративи со што би станал привид кој говори и ја чува слободата.
Наспроти сето она со што се обидувавме речиси до вчера да се фатиме в коска, нашата ниска или дури никаква еколошка свест, веќе цела една година на вратот ни залегна и пандемијата. Како вие лично се снајдовте во новонастанатите неуслови и очебијната изместеност? Кој беше вашиот одговор? Каква и колку силна ќе биде уметноста да се справува со сегашните или со идните предизвици?
На почеток живеев во медиумскиот ритам со сите препораки од институциите за брзо надминување на ситуацијата која се наметна во секој поглед на животот. За жал сфативме дека сме немоќни да се избориме со невидливиот непријател и во пракса се покажаа сите наши слабости, индивидуални и институционални. Жалам за сите жртви во оваа пандемија кои го изгубија живот и многумината кои доживееја вистински трауми во периодот. Јас се обидувам да ја одржувам нормалноста во секојдневието на протоколите и изгубената логика на фразите „се е под контрола“. Сеуште носам заштитна маска особено во јавни затворени простории, избегнувам физички контакти и одржувам физичка дистанца. За среќа јас и моите најблиски до сега немавме директен контакт со вирусот. Но судејќи по моменталната состојба која е алармантна, верувам дека сите кога - тогаш ќе бидеме во контакт со вирусот. А, тогаш... со лесно.. и да помине.
Уметноста за време на пандемијата го даде својот придонес особено во карантинските денови и периоди на изолација. Кога времето застана и за момент се симнавме од траката на која трчаме, луѓето се навратија кон есенцијалните активности. Ситуција која може да се искористи за нештата да се подредат поинаку, но тоа поминува за жал, само како добар привид.
Обично заложбено знаеме да кажеме дека културата треба да е насловната страница на нашето општество. Дека таа ги ѕида мостовите за пријателство ...иако во пракса болно е сознанието дека досега беше само „монета за поткусурување“. Кој е вашиот став кон ова прашање? Како уметноста да се ослободи од прангите на политиката?
Да се согласувам уметноста ги ѕида мостовите но ги руши и ѕидовите. Политиката секогаш ја користела уметноста за своите потреби. Од антиката па до денес ја користи како пацифизирано орудие кое и е потребно да ја утврди и воспостави определената цел. Се разбира оставајќи и доволно простор и услови за паралелно да може самата да се развива. Уметноста никогаш не била имуна на политичките активности. Дури и во периодот на модернизмот, период во кој се определуваат важни аксиоми за уметноста и нејзиниот автономниот систем. Овде би го спомнал познатото делото „Герника“ на Пабло Пикасо кој претставува протест против фашизмот. Овие дела пред се настануваат како одлука на уметниците да се вклучуваат активно во општествените промени. Но често тие се класифицирани како производ на политичка узурпација, се разбира од спротивниот наратив.
И, конечно по кои патеки ќе се упати Перо Кованцалиев по „Капиталистичка авантура“. Го обмислил ли следниот исчекор и во кој медиум. Овде дома или можеби со идеја над локалниот комфорт?
Засега останувам овде во локалниот комфор односно со локалниве предизвици. Се надевам дека следната година публиката ќе влезе во физичкиот простор на културата и ќе има прилика да ги проследи културните настани без протоколи. Додека пак капиталистичка авантура ќе биде дел од програмата во некои од домашните културни центри, надополнета со нови дела, се разбира.